Кога преговараат жените

29.06.2017 01:16
Кога преговараат жените

Сите сме си го поставиле истото прашање: кога е вистинскиот момент да се споменат парите за време на стресен разговор за работа?

За Канаѓанката Тејлор Барнс, одговорот очигледно бил, „никогаш“. Барнс била на разговор за работа во новоотворената канадска компанија SkipTheDishes. По првиот разговор (вториот бил „мени тест“ за кој се очекувало да учи) го поставила прашањето за платата и бенефициите на оваа работа. Одговориле дека „прашањето открива дека вашите приоритети не се исти со оние на компанијата. Веднаш се откажуваме од состанокот закажан за вторник“. Распрашувајќи се за плаќањето, Барнс го прекршила табуто на компанијата и била дисквалификувана од можноста за оваа работа.

Оваа приказна совршено го нагласува единствениот притисок што го трпат жените во деловниот свет. Сите знаеме дека постои разлика во платите за жените и за мажите. Исто така, имаме куп студии кои ни зборуваат дека за тоа делумно се виновни жените – бараат помалку, преговараат помалку и бараат помалку. Барнс можеби го имала сето ова на ум кога одлучила да биде проактивна и да постави прашање за платата. Можеби дури и го пресметала ризикот нејзината храброст да биде заложба за сите вработени жени.

Но, без разлика дали овие мисли ѝ поминале низ главата, одбивањето на SkipTheDishes го покажува јазот помеѓу неолибералната реторика за умната, силна жена – која ги совладува пречките со чистата сила на волјата – и реалноста на работата во капитализмот.

Постои лага во срцето на капиталистичкиот однос при вработувањето според кој се работи за слободен, волев и неутрален однос помеѓу еднаквите. Лагата постои за да ја сокрие принудната суштина на капиталистичкото вработување: работниците влегуваат во тој однос зашто мораат да јадат и затоа што ќе умрат без работа. Капиталистите не влегуваат во тој однос под таква принуда; нивната примарна цел е профитот.

Човечките потреби на работниците можат да ја попречуваат способноста на капиталистот да го направи тој профит, така што ќе стане важно тие системски да се сокријат или минимизираат.

Кога работниците ќе ги споменат своите човечки, секојдневни потреби, наместо да се преправаат дека едноставно се страствени и посветени на креирањето совршени апликации за достава на храна, го разоткриваат капиталистичкиот работен однос онаков каков што е, присилен. Ова може да биде моќно средство за пресврт во рацете на колективите каква што е унијата. Но, поединечниот работник што ќе се осмели на глас да ја каже вистинската причина поради која ја бара и ја задржува својата работа, презема голем ризик. Инстинктот на капиталот оди во правец на потценување или бришење на гласовите кои ги поставуваат човечките потреби наспроти нагонот за стекнување профит.

Товарот на сокривање на реалната мотивација за работа е особено тежок за жените. Работодавачите продолжуваат да го негуваат сомнежот дека мистериозните барања на женската биологија ќе ги попречуваат барањата за продуктивна работа. И, не грешат сосема, иако биологијата има мала врска со барањата поставени пред жените. Раѓање, одгледување деца, грижа за старите, чистење на домот – за сето ова е потребно многу време, кое лесно може да ги земе и часовите кои работодавачот ги смета за „свои“. Но, иако овие одговорности историски паднале врз женскиот грб, во нив нема ништо инхерентно женско; тоа се човечки потреби, елементарни за преживување и репродукција на човештвото. Само што било полесно да се сокријат кога и самите жени биле скриени во домот.

„Lean In“ рецептот за начинот на кој жените можат да постигнат успех во работата едноставно го зема предвид капиталистичкото барање да ги криеме своите човечки потреби и го менува во еманципациски јазик. Бара од жените да работат двапати повеќе од мажите. Бара од нив „да постигнат сè“ или барем пред луѓето кои им ги пишуваат чековите да нагласуваат дека можат да постигнат сè.

„Lean In“ пристапот е остро критикуван зашто нуди форма на женска еманципација одржлива само за богатите, корпоративни жени. Многумина посочиле дека жените како Шерил Сандберг можат да постигнат сè со помош на помалку платени работнички, дадилки и готвачки. Таму каде што товарот на „втората смена“ може да биде социјализиран и претворен во јавно добро, да речеме преку универзална грижа за децата, во нашето про-профит општество е приватизиран и препуштен на помалку платени негуватели. Оние кои не можат да си дозволат таква помош, или не можат самите да си ја обезбедат, секако имаат потешкотија со „Lean In“ концептот и искачувањето на скалата на кариерата.

Но, сè повеќе студии покажуваат дека „Lean In“ не функционира ни за релативно привилегираните, професионални жени како Тејлор Барнс. Еден неодамнешен наслов во Fortune гласи: „Жените бараат покачување на платите исто како и мажите – но го добиваат поретко“. Статијата ја опишува заедничката студија на три универзитети која покажува дека жените со огромни 25 проценти имаат помали шанси да добијат покачување кога ќе побараат. Понатаму, статијата во Harvard Business Review нагласува дека „жените кои не преговараат можеби имаат добри причини за тоа“. Една студија покажа дека кога жените преговараат доследно, нивните плати заправо се намалуваат. „Барањето покачување не е секогаш добро за жените“, пишуваат авторите, „впрочем, жените – повеќе од мажите – можат да ја искусат изразено негативната реакција која може да ја загрози нивната идна кариера“.

Тејлор Барнс дури и не барала повеќе пари – таа едноставно побарала основна информација за платата. Но, нејзиното искуство ги потврдува резултатите од неодамнешните студии.

Тоа не треба да значи дека жените би требало да се обезвреднуваат и да го избегнат преговарањето во секоја ситуација. Но, не постои индивидуалистичка самоеманципирачка реторика која може да го надмине капиталистичкиот порив да им одолее на материјалните побарувања во корист на работниците. На глобално ниво корпорациите заработуваат многу повеќе кога еден дел од нивната работна сила е на минималец. Тие нема да прифатат промена без борба.

Парадоксално, споделувајќи го своето искуство, Барнс можеби станува катализатор за колективна борба потребна за соочување со капиталистичкото инсистирање на половата дискриминација. Нејзиниот твит за SkipTheDishes беше споделен повеќе од пет илјади пати и последичната реакција ја натера компанијата да објави несмасно извинување и да ѝ понуди уште еден разговор за работа. Нејзината приказна мотивираше многу жени да ги раскажат своите приказни за дискриминацијата, во епизоди каде „Lean In“ пристапот не бил доволен.

Имајќи ги на ум атмосферата од јануарскиот Женски марш и акцијата околу Меѓународниот ден на жената, заедно со подемот на социјалистичкото организирање во САД, ваквите разговори можат да одредат вистинска работничка акција. Таквиот вид колективна акција има најголеми шанси да ги натера корпорациите да отстапат од својата сексистичка дискриминација. Но, важно е да се запамети дека оваа борба не е насочена само кон постигнување еднакви плати, или олеснување на жените да станат менаџерки или директорки во некои компании. Исто така, таа е витално важна за да се покаже начинот на кој капитализмот систематски ги потценува најелементарните потреби на секој работник.

Ако сфатиме дека „женскиот труд“ е впрочем труд на човештвото, и дека на секој чекор е жртвуван заради потребите на профитот, можеме да се соочиме со капитализмот каков што е и да почнеме да градиме поправедно општество.

Ела Махони е помошен уредник во списанието Jacobin.

Илустрации: James Yang

Извор: http://proletter.me

ОкоБоли главаВицФото