Брег

29.07.2017 13:26
Брег

Денес повторно го видов. Изгледаше постар.

Шетавме, како што секогаш правевме, долж променадата, до пристаништето, долж пристаништето, низ пристаништето и назад. Тој беше повеќе или повеќе-помалку или помалку ист, но изгледаше постар. Го прашав дали јас сум променета. Рече не, колку што тој може да види. Јас реков не, веројатно не сум. Рече дека не гледа никаков знак за тоа, а ако нешто има, тогаш изгледам помлада. Го прекорив за шегата. Рече дека не се шегува. Истакна дека ја употребил фразата ако нешто има. Ако нешто има, рече и ги подигна очите, уште светли, кон мене, ако нешто има, тогаш изгледаш помлада, ако нешто има. Ако нешто има, ти изгледаш постар, реков. Нема тука никакво ако, возврати тој, сигурно нема.

Тргнавме по патеката по која секогаш одевме, повлажна од кога било, долж гребенот. Ми изгледа дека овде е повлажно од кога било, рече тој, можеби има невреме на Ламанш? Како можеш да го поднесуваш одвратново време? Сите овие години? Зарем не те гуши? Воопшто не, одговорив, пријатно е, ми одговара. Дали сеуште имаш ноќни мори?, праша. Се насмеав, во ветрот. Немам сонувано од 1956, реков.

Ѓаволска драма беше направила, рече, додека се давеше или нешто такво, боже, која зафрканција. Плукна врз оградата. Еден час на овој проклето влажен крај на светот за мене е доволно, не знам како ти си преживеала, но сепак сум среќен што гледам дека цветаш. Цветам, реков, не, тоа не, знам, се шегуваш.

Но тој престана да зборува. Гледаше во морето, морето кое толку добро го познаваше, екот на нашата младост.
Ми купи чај на железничката станица. Потоа отшетавме до неговиот воз. Драго ми е што гледам дека си се средила, рече, среќен сум што гледам дека цветаш. Му ја стегнав раката и му заблагодарив што поминал толкав пат.

Превод: П. В.
Слика: Takashi Hilferink

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото