Поезија

15.08.2017 03:09
Поезија

Струшките вечери се родени во идејата дека поезијата е вредност преку која најлесно ќе се интегрираме во светот како национален државен и се разбира културен фактор. Фестивалот е роден како државен и политички проект во кој поезијата беше медиум на (само)измамата.

Струшките вечери беа важен дел од фестивализацијата на македонската национална и државна идеја, форма која уживаше во празнењето на суштината и ослободувањето на вистинските вредности од секаква форма. При што ги хендикепираше за блиската средба со слободниот свет. Ние уживавме во нашата претстава за себе. Тоа не одведе во тешки разочарувања во времињата кога моравме да се соочиме со себеси, такви какви што сме, стварно.

Во времињата на стариот режим имавме алиби за несвеста дека сме смешни во својата илузија и патетичност, но во времињата на националната катастрофа СВП е гротеска, слична на Суперкупот или на Скопје 2014.

Ако е вистинската поезија овошје, врвното македонско стихозборство е компот, ако е врвот катедрала, ние сме селска ливада - да го парафразирам Гомбрович.

Дали тоа значи дека фестивалот не ни треба?

Не, не значи!

Но под два услова: првиот е да го ослободиме фестивлот од мисијата која му ја наложја основачите и нивните политички ментори, мисијата на национален фактор по задача, а вториот услов е рестриктивен пристап кон поетската продукција и во светот и,особено, дома, преку кој ќе се овозможи во Струга да се претстават најдобрите дострели на поетската уметност.

Поезијата е или врвна или е обид за поезија. Со многу ретки исклучици, македонската поезија спаѓа во втората група. Свеста за тоа е третиот услов што ќе треба да го исполни Лешоски ако сака да успее.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Анета Георгиевска Шајн