Македонија не е за поправање туку за реизградба!

11.09.2017 12:51
Македонија не е за поправање туку за реизградба!

Во македонската политичка „Вуелта“, Заев ми е како Крис Фрум во Шпанија. Не мислам на резултатите, зашто Англичанецот е пред победа на пиринејскиот „Гранд тур“, а нашиот човек сè уште ја вози првата етапа на историската трка во библиската земја, туку на стилот во возењето: на темпо, секогаш во седиштето, со ретки скокови, со трпеливост, тактичност и тимска работа. Тој не е атрактивен како Фабио Ару, со чести скокови и клатења во кои се гледа страста и напорот на возачот на тешките угорници. Ниту, пак, е сигурен и брз како Винченцо Нибали на серпентинските удолници по тесните и влажни патишта на Андалузија.

Можеме критички да расправаме околу петте принципи односно ориентири за кои говореше по повод стоте дена на владата: враќање на парите на граѓаните, институционална рехабилитација на државата, економски развој, позитивна политичка емисија од страна на Владата и политика на добри меѓусоседски односи и на забрзани евроатлантски интеграции, но, општо земено, билансот е несомнено позитивен. И во апсолутна смисла и особено ако се земат предвид сложените политички констелации, категоричниот непријателски (кон власта и кон Македонија) став на злосторничката банда маскирана во опозиција и тешкото наследство на груевизмот во сите сфери, посебно во институциите и во загаденоста на општиот светоглед на луѓето.

Ослободителот да се објави

Што не е добро, односно што би можело да биде подобро!? Има ли кај Заев едно или две паѓања како кај Фрум на Вуелта и на Тур д’ Франс!? Моите дванаесет поени одат за впечатокот зад кој не мора задолжително да има соодветна содржина, но и како празен е важен: Власта се однесува како сервисна служба која дошла да ги среди дефектите во една куќа. Не куќата како дефект! Освен тоа, настапува како во куќата да живееле студенти, а не терористичка група за растур на државата и општеството. Регистрирана во централниот регистер како ВМРО-ДПМНЕ. Во ослободената база на злосторничката ќелија мора да се сменат водоводните инсталации, мора да се окречи, мора да се поправат климатизерите, да се поправи фасадата итн., но во спроведувањето на задолжителните, специфични и специјални безбедносни протоколи, ослободителот мора да се објави себеси како ослободител, а куќата како објект кој мора темелно да се преуреди за нормален живот. Всушност, дека мора да се преизгради.

На јавноста ѝ недостасуваат тие ориентири, тие гестови. Незадоволствата од кандидатите за локалните избори или од некои други кадровски решенија ја добиваат вистинската тежина само во комбинација со општото чувство дека односот меѓу тие што победија во историската битка за модерна Македонија и тие што ја загубија битката за ликвидација на државата и нацијата преку пљачка, институционален разгром и културоцид, не е таков каков што луѓето очекуваа дека ќе биде, при што ниту победникот се однесува како што тие мислеа дека ќе се однесува, ниту поразениот ја доживува судбината што тие мислеа дека е примерена на неговите историски злодела. Уште повеќе, се добива впечаток дека и победникот и победениот, на некој чуден начин, се трудат победата и поразот да не ги доживуваат како потполни.

Тој општ впечаток се преточува во неколку помали „Мамас“ ајвар исполнети тегли!

Бастиља да падне

Американците во Пјонгјанг не би го оставиле Ким Јонг-ун да држи прес-конференции низ главниот град. Сигурно не би се расправале со екипата на диктаторот преку секојдневни глупави соопштенија за замаглување на перцепцијата на населението за закономерностите на историските процеси и историскиот развој. Примерот, можеби, не е најсоодветен, знам, паралелата може да не одведе во милион други асоцијации, но, мислам дека, во основа, ја доловува идејата за политичката реакција која е под нивото на историскиот предизвик. Не мислам тука на тоа што злосторниците, наместо да се в затвор, држат собраниски говори и ја малтретираат и, всушност, тероризираат државата и граѓаните, со своите злосторнички потфати во низа, до тие решенија може да се дојде и низ фрумовската тактика на Заев, но општиот политички дискурс на власта и денеска повеќе ја нормализира злосторничката екипа на Груевски, отколку што ја криминализира, таа со нив дебатира и во собранието и во телевизиски емисии и низ соопштенија и низ изјави итн. Јас не се залагам за прекин на сите комуникации. Не, се разбира. Но содржината и интонацијата и модалитетите на таа комуникација мора да водат сметка за тоа дека од другата страна се терористи и лудаци, а не политички партнери или непријатели.

Втората тегла „Мамас“ е Македонската радио и телевизија. Можеби влијанието и реалното општествено значење на оваа испосрана куќа, не е пресудно во сегашната кондиционираност на злосторничкото гнездо, но нејзината симболична моќ е важна толку што во моментот, можеби, не покажува дека смената во Македонија не се случила, ама сигурно покажува дека смената не е таа на која се надеваа луѓето што маршираа, а можеби и некои други луѓе и структури. Се согласувам со Героски дека Бастиља мора да падне веднаш!

Третиот „Мамас“ е направен од отсуството на категоричен став кон потребата од разградување на криминално стекнатата економската и финансиска моќ на злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините шефови. Нешто за што се заложи и Пендаровски во своето последно обраќање, ако добро го разбрав. Една работа е нормативната и правосудната операција во таа насока, а друга работа е политичкото менаџирање на тој процес како важен обединувачки наратив во деморализираното и раскурцано општество.

Врзивни ткива

Истото важи за општата амнестија, за правното и морално и политичко поништување на злосторничкиот законот за лустрација. И на сите постапки и последици од него, со соодветна правна, морална и финансиска сатисфакција на настраданите и казна за оперативните и идејните носители на криминалниот лустрациски процес. Заедно со утврдување одговорност на сите актери во монтираните судски процеси низ кои злосторничкиот режим на ВМРО-ДПМНЕ се репродуцираше себеси и ја уништуваше идејата за Македонија. Се разбира дека во тој склоп би морале да дојдат на разгледување клучните случаи за Смилковско Езеро, за Диво Насеље, за Нешковски, Младенов, Кежаровски, Тамара...

Знам дека во Комисијата за реформи во правосудството, овие теми се покренати и дека постојат големи шанси во форма на соодветни законски проекти наскоро да се најдат во владина односно собраниска процедура. Што би било многу добро. Особено ако се знае дека оваа комисија интензивно работи и на други проекти за деблокада и реконституција на правосудниот систем.

И само уште една работа за оваа прилика: на прошетките на Заев по црквите и џамиите можеме да гледаме и критички и позитивно, проблемот е во тоа што во едно мултиконфесионално општество, какво што е македонското, секуларноста е најважното врзивно ткиво. Граѓанскоста е лигаментот на нашиот зглоб.

П.С.

Ураганот „Никола“ се разликува од карипскоамериканските урагани со тоа што урива сè зад себе! Ослабнат е на нивото на обично ветре, но, сеедно, од Центарот за управување со кризи им препорачуваат на луѓето да не му се приближуваат!

Слики: Александар Дојранлиев

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото