Троен оксиморон

13.09.2017 23:58
Троен оксиморон

Да продолжам каде што застанав: кај тројниот оксиморон наречен „успешни македонски бизнисмени“ кои, еве, по цела деценија подаништво, очајна подлизурштина, коленичење и бацување рака таму каде што треба – а требало, богами, на многу места, и не само рака – сега почнуваат да делат совети, па дури и да бидат вицкасти. Новите реформски даночни мерки на Владата, демек, да ти биле „робинхудовска демагошка приказна“ за „постигнување краткорочни пи-ар ефекти“, па и дека со воведувањето на прогресивното оданочување бизнис заедницата ќе го извлечела најдебелиот крај односно дека тоа било „казнување на најуспешните“ и слични гадости недолични за сериозни луѓе какви што сакаат да ни се прикажат македонскиве бизнисмени. Зашто, прво, ако некој влечел „краеви“ од секаков тип, а особено лукративни, тогаш тоа биле тие. Побудалеа од влечење. Посебно во изминатата деценија, само ако беа умни, покорни и молчаливи. И беа, токму такви: предеа како мачиња пред хунтата, а ваму изигруваат некакви лавови. Плишани додуша, ама ете – креваат глава зашто сега ќе морале да плаќаат повеќе. И тие да ти биле најуспешните? Во што? Тоа му доаѓа исто како флоскулите за и околу успешните македонски уметници во изминатите десет години, со кои што ги честеше злосторничкото здружение сите оние гладни, голи и боси – разбрано метафорично, се разбира и сконцентрирано главно во (не)мислечката сива материја во главата – во македонската култура и уметност, а кои беа подготвени да бидат оние палјачовци кои ќе го величаат Пастирот и неговото стадо на чело со пуфлата предводничка, па ќе ги нарекуваат дури и од Господ дадени мецени. Со наши пари, се разбира. Така и меѓу нив се појавија заслужни и најзаслужни, успешни и најуспешни, и следствено и беа наградувани. Со „стимулативни“ мерки, но и разноразни други што ќе ги смислеше злосторничката братија – а овие тука беа ненадминати! – во полза на „најуспешните“ македонски творци.

Некогаш, некој умен ќе направи ранг листа токму на најуспешни помагачи на деценискиот режим. Зашто, историјата вели, ниту еден режим не може(л) да опстои сам и во сиромаштија. Особено режими од типот на нашиот. Преку вековната формулата на взаемодејствие помеѓу бизнисот и политиката, на овие простори цутеле такви партнерства. Порано ги викаа петоколонашки. А таму, на тој список, сигурен сум, на самиот врв ќе бидат овие наши оксиморонисти, по име и презиме, што ним веројатно ништо не им значи зашто образот им е веќе ѓон сторен. Овие богати умобедници не ги тангира очебијното раслојување на општеството, нееднаквоста, сиромаштијата – безмалу бедата во која живее значаен процент од нивните сограѓани – не знаат што значи зборот солидарност, хуманост, користење на јавните добра и услуги. Ним им е битен само џебот односно сметката в банка, по можност истата да е во некој далечен економски рај кадешто новите власти нема да можат да ја допрат.

Добро, секој се определува во животот: некој за палјачо, некој за битанга, некој дури и за бизснисмен како „професија“ што ги обединува првите две, барем кај нас. И тоа е нивно право, да се определат, да бидат тоа што сакаат да бидат, тоа што највеќе одговара на нивните ментални капацитети и конституција. И нека си ги трошат парите. Ама може ли барем малку поскромно, потивко, малку – што се вели – со усул. Барем овие најгласниве, кои до вчера беа „има слика – нема тон“! И климаа и ракоплескаа на сите „виртуозни“ таламбаси на партиско-владината врхушка кога нѐ убедуваа за нашето (не само) економско односно бизнис место во светот, за да веќе вториот ден по падот на криминалците – преку една госпожа која, претпоставувам глумела некаков претседател на некаква нивна комора, една од многуте – почнат да нѐ убедуваат дека економијата е пред, или веќе во клиничка смрт, дека нема ова и нема она, дека ним им било битно да имаат стабилен систем за да можат да продолжат да работат итн. Бреее, а нам не ни треба, ние можеме, и мораме да работиме и во услови на режим и хунта, и злосторничко здружување, ама тие – оксиморонските македонски бизнисмени – биле научени само на мир и стабилен политички систем. Се разбира, зашто каде на друго место можете само од една зделка да инкасирате цели седумнаесет милиони евра, како оној вкочанетион кој помина неколку месеци на „службен пат“? А видовме и нешто друго: дека воопшто не е точна констатацијата на приватниот сектор односно на бизнис заедницата дека таа ја носи на грб државата односно администрацијата – што грбои ќе имаа, богати?! – туку дека попрво државата, колку и да изгледа имагинарен тој поим, ги носи нив на грб. Зашто, ако само од една откриена зделка „бизнисменот“ инкасира седумнаесет (и со цифра: 17) милиони евра, колку набутал во џебовите од другите неоткриени зделки? Пута единаесет години, колку изнесува тоа? И кого тоа они носат на грб? Какви се тие нивни бизниси што демек „ја држат“ државата? И зошто тогаш постојано ги гледавме како сенки на локалниве арамии, закачени на нивните рамења и упикани во нивните задници?

Затоа, веќе одвратно е, грдо е тоа нивно директно брцање в око, лепење шамари лево и десно за нивната важност и успешност во државава, нивната божемна загриженост. И не велам, и не мислам дека баш сите македонски бизнисмени се такви. Ама, извинете, се изнагледавме полуписмени мрсулковци кои здушно навиваа за злосторничкото здружение и кои десет години не кажаа ни збор за газењето на човековите права во Македонија, за апсењето на нивни „проблематични“ колеги, за континуираните кражби на изборите … за оној „црн понеделник“ или за неодамнешниот „крвав четврток“? Или – тие не знаеја за сето ова? Беа занесени во нивната „успешност“? Ма дајте, ве молам, па не сме од вчера!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Инсталација на сликите: Јани Леинонен

ОкоБоли главаВицФото