1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:14
По таванските скали се искачи прво на терасата што служеше за сушење на алишта, а потоа на покривот од куќата. Се најде одеднаш опколен од покриви, како среде мртви заледени бранови. Од тука, од високиот покрив на шесткатницата, се гледаше далеку и пред погледот се откриваше еден голем дел од градот - купишта расфрлани покриви со ретки процепи од улиците под нив, со грдите опачини од куќните фасади и безредно нафрлани тераси и балкони и посивени ѕидови што свршуваат некаде долу, во дворовите исто така полни со неред.
Беше сам на покривот, еден човек меѓу патинираните обезбоени пирамиди од покриви, посипани со исушен хумус по керамидите, еден осамен човек застанат над куќата и над улицата од која, одоздола идеше мирис на лесно живнување по пладневната замрсеност на плочниците, усвитени од пекот на јулското сонце, кое сега се кршеше зад аглите од повисоките куќи на работ од градот. Беше човекот така сам, небаре поблизу до небото и до тишината на голото сиво пространство. Колку е мирно тука, помисли, така барем му се стори во првиот миг, а само да се заслушаше под тенката корка на бетонот од ова масивно куќиште. Под себе, низ него ќе поникнеа оние нечујни шумови што несносливо бучат во него и сега, она крештаво кркорење на радиото со прегорен електролид, клопоткањето на садовите во кујната и нервозното мрморење и трескањето со вратите од жената, сите неподносливи звуци што се собираа во непријатната бучава во главата и од кои мораше да избега и да дојде тука, на покривот.
Само два чекори го делеа од работ на покривот виснат над бездната на улицата. Тој направи само еден чекор, а со лесно наведнување на телото го надомести оној другиот чекор. Го зафати веднаш едно вртоглаво занесување и виење на свеста што се јавуваше секогаш кај него на височина. Но тоа не беше, знаеше, физичко губење на рамнотежа, туку нешто како останување без внатрешна потпирка пред чувството на длабочина под себе. Улицата под него зина понорно и го присили да се придржи за венецот од покривот и полунаведнат се приближи до железната конструкција на големата светлосна реклама - неколку бесмислено испреплетени железни штангли што придржуваа еден круг со вкрстени букви на реклама за аспирин, распната без потреба преку небото, некогаш одамна поставена и заборавена. Едната буква од вертикалниот ред беше падната, а долната штангла, напречната, искривена и целиот круг малку поднаведнат на едната страна, како да потклекнал под тежок напор од другата страна. Одамна оваа грдомазна железна конструкција не светеше навечер, а преку ден стоеше изгубена меѓу покривите, на височината.
Човекот ги префрли обете раце преку железото, како да се распнува на него, и сега гледаше удолу без она несигурно стоење на тлото. Луѓето долу, на улицата, имаа смалени фигури и беа раштркани по плочникот, ретки автомобили брзо ја пресечуваа стеснетата бела врвица по средината, само двокатниот црвен автобус, откако ќе се занесеше на завојот од плоштадот, на влегување во главната улица, лазеше тука рамно, притеснет во некоја своја одредена четвртеста линија.
Претпазливо, како да ја испитува издржливоста на железните пречки што го држат, се наведнуваше со телото над уличната бездна, сеќавајќи го уште посилно засекот на железото во мекото месо на подлактицата. Гледаше сега непосредно под себе, кон плочникот од куќата над која беше застанат, направо во луѓето што поминуваа и нивните фигури му се чинеа уште посмалени, како прилепени кон земјата, сè додека не изминеа малку и не ја покажеа постапно својата исправена положба. Него, сигурно, никој не го забележуваше така затскриен зад железата од рекламата, зашто никој не го подигаше погледот во ова запурничаво попладне кога сè уште блештеше отсјајот од силното сонце. И така, човекот можеше да си гледа колку сака и да стои над понорот од улицата невиден од никого.
Оттука, се сеќаваше, од оваа куќа па до спротивната, со грд бетонски орел како украс на кубето од покривот, до таа спротивна куќа што сега ја нема, некогаш еден господин професор Артур Шнајдер одеше по жица и ги претставуваше своите продукции, високиот ковчест и раскрачен Германец со проретчена коса и со долги жилести нозе; одеше по жица балансирајќи со долга притка налик на големо весло и сите го гледаа со кренати глави. Преку улицата, под самите покриви и над балконите од куќите, одеше акробатот по жицата, по јакото челично јаже растегнато од едната страна до другата, одеше господинот професор по жицата и ги претставуваше своите продукции поигрувајќи се со жицата во такт со Штраусовите валцери, а долу, под него, луѓето ги извиваат вратовите нагоре, натискани еден до друг со оставен широк празен круг на плочникот по целата должина на растегнатата жица, го гледаа од вечер во вечер, како виси над празнината помеѓу темното небо и нив долу, сенишно осветлен од блескавите рефлектори, го гледаа и секоја вечер чекаа да се случи нешто друго од оние свикнати, пресметано опасни кривуличења по жицата, луѓето чекаа да го наполнат оној оставен празен круг со еден крик, нивниот, и со едно стрмоглаво паѓање, неговото, и прекинување на катавечерните продукции врз жицата. Но тоа не се случи ни една вечер, еден ден ја снема и жицата, како што сега ја нема ни куќата на спротивната страна од улицата.
Сега на покривот, над истиот оној празен простор, стои човеков што тогаш беше дете и тогаш гледаше оздола со отворени зеници и запрен здив кон височината што му се чинеше недосеглива, кон работ на покривите; стоеше сега поднаведнат а сепак достатно задржан од железата околу рацете, затегнати со сигурност над таа улична празнина. Кога сега, помисли, кога сега би го наполнил празнион простор под себе со своето паѓање и со еден крик, нивниот крик, кога би ги собрал раштрканите луѓе околу една црна сенка на плочникот! Без музика и без рефлекторска блескавост, само со тоа меко, нечујно и невидено паѓање, од кое би останала само една црна сенка на плочникот.
И како да тргнува во тоа меко летање низ празнината, во тоа долго паѓање во длабочината, човекот се наведна со целото тело напнато во лак над вртоглавата празнина. Железата се засекоа до силна физичка болка и нивното остро присуство предизвика едно нагло враќање, отфрлање на телото назад, кон сигурноста на железата околу рацете.
Долу, на четвртиот кат, знаеше, крештаво закркоре радиото со прегорен електролид, живнаа и други шумови од дворот и низ отворените прозорци на куќата. Меѓу нив се провлече неколкупати гласот на жената, го викаше, го позна гласот меѓу искинатите шумови. Остана така на покривот, само се одвои од железата на рекламата за аспирин и се потргна два чекори од работ на улицата. Жената го викаше наглас некаде од долу, од утробата на куќата, но тој не се огласи и не појде натаму, остана тука на покривот. Со погледот шеташе по покривите од околните куќи, во тој сплет од нерамни и испревртени кубови, ги гледаше низ измаглината на квечерината.
Тогаш ја чу жената како го вика од терасата.
- Милане, каде си? Што си се искачил таму?
- Дојди горе.
- Слези ти. Што барам горе.
- Дојди. Ќе видиш.
Тој се наведна преку работ на покривот над терасата, ја пречека со обете раце и несмасно тешко ја крена преку ѕидот. Низ нејзините раце течеше едно лесно потреперување, како да поминува низ нив некој далечен бран на страв.
Жената се доближи до работ на покривот над улицата и веднаш се стресе од вртоглавата замајливост на длабочината, напластена густо со квечерината, со недогледно дно, па се отфрли назад кон телото на мажот, удирајќи се во него и опрлувајќи го со трескава врелина и незапирливо треперење.
- Зошто стоиш тука? Не се плашиш. . .
- Не. Од што би се плашел?
Жената исплашено сподави во себе крик.
- Ти... како нешто да мислиш...
- Што ти паѓа на ум! Дојди, седни тука.
- Ова ти е третпат како си тука. Секогаш кога ќе се изнервираш, се качуваш на покривов!
- Седни, ти велам...
- Не. Да слеземе. Што ќе правиме тука?
- Ништо. Ќе поседиме додека се стемни, после ќе слеземе... - рече мажот и ја седна покрај себе врз порозното бетонско плато меѓу покривот и терасата, на кои истинуваше врелината од пекот на сонцето преку денот.
Над покривите легнуваше вечерта, постилаше преку нив модрикав превез и ги бришеше нивните остри нерамнини, па разблажени во неа тие се нишкаа во смирена вечерна разбранетост.
Жената помина со рака преку челото на мажот сè до длабокиот засек во косата и во дланката собра млака влага од пот која веќе истинуваше на него. Тој гледаше со полузаклопени очи, низ арабеската од железната конструкција на рекламата, бесмислено распната на фонот од вечерното небо; седеше неподвижен и замолчен, со жената покрај себе.
Така ќе поседат молчејќи, сè додека над нив не засветкаат ѕвезди, потоа ќе слезат долу, на четвртиот кат.
Јован Бошковски (1920-1968). Раскажувач и романсиер, театарски критичар. Преведувал од руски и српскохрватски. Автор е на збирките раскази: Растрел (1947), Луѓе и птици (1955). Го објавил романот Солунските атентатори (1962), како и книгата театарски критики: Оплеменета игра (1957). Го приредил зборникот Македонска драма (1961), а пишувал и сценарија за филмови и радиодрами. Негови дела се преведени на словенечки, полски, албански и турски јазик. Расказот „Човек од покривот“ е преземен од антологијата Скопски раскази, во издание на Темплум.
Слики: Eric Drooker