Хемотерапија за тешко оболениот македонски пациент

21.09.2017 12:47
Хемотерапија за тешко оболениот македонски пациент

Кога во едно либерално капиталистичко општество една партија што по пат на избори дошла на власт ќе ја злоупотреби и „проголта“ државата и сите нејзини институции, и својата партија и лидер ќе му ги наметне како неограничени владетели на целото општество, тогаш тоа е малигно заболување на општеството што во 20 век го добило и своето генеричко име – фашизам. Ова смртоносно заболување, меѓутоа, цели дваесет години - помеѓу двете светски војни, во либерално капиталистичкиот свет се сметало за успешен општествено-политички експеримент, за решение за економските кризи што капитализмот неодминливо ги предизвикува и за најефикасно политичко оружје против комунизмот и социјалистичките форми на владеење. Таа ужасна глобална заблуда го чинеше човештвото повеќе од 80 милиони жртви, поголемиот дел убиени во геноциди незапаметени во историјата, во кои исчезнаа повеќе од 40 милиони Словени, 6 милиони Евреи, милион Роми и повеќе од 20 милиони Кинези.

Социјализмот – губитник!

По победата над фашизмот секому на светот му беше јасно дека добиената војна против Злото е само почеток на процесот на неговото потполно искоренување – еден вид општествена хемотерапија, по која оболените од фашизмот можеа да се сметаат за исцелени. Тој системски процес на искоренување на Злото и справување со неговите последици, кој во Германија беше наречен денацификација, подразбираше укинување на злосторничката партија, казнување на истакнатите злосторници, исфрлување на нејзините членови од јавниот и политичкиот живот и уништување на нејзините симболи и споменици.

Но, најскапо платената лекција во историјата, човештвото ја заборави за разочарувачки кусо време: заборавена е не само терапијата и малигноста на фашизмот, туку и вистинскиот победник во војната против ова вечно Зло! Само неколку децении по Војната, глобалната перцепција на фашизмот наскоро оболе од деменција, што од 80-тите наваму прерасна во активна релативизација и историски ревизионизам.

Социјализмот како најдоблесната и најмодерната општествено-политичка идеја на сите времиња - кој беше вистинскиот победник над фашизмот, денес, во глобалната перцепција на 21 век, изгледа како да ја загубил Втората светска војна! Зашто, да не заборавиме, социјалистичката модернизација на општествата не беше карактеристика само на земјите на „реалниот социјализам“, туку и на водечките либерално капиталистички земји во Европа и во светот. Таканаречените „златни триесет“ години по Втората светска војна, кои се остварени со Кејнзијанските економски мерки што во капитализмот воведоа социјална правда, поправедна распределба на богатството и работнички права, беа по својата природа реализација на социјалистичкиот проект!

Глобална регресија

И, сепак, и наспроти тие херојски искуства, денес живееме во свет во кој лекцијата од Најкрвавата Војна како да е потполно заборавена, а неолибералниот капитализам на денешницата претставува безмалку дистописко враќање во 19 век, векот на безмилосниот слободен пазар, колонијализмот и империјализмот, во кој владееја, или поточно - во кој се измислени, агресивните национал-идентитетски романтизми, репресивните национализми, етно-шовинизми и расизми. Како што ламентира Борис Гројс - „Сè што беше постигнато во дваесеттиот век, на овој или оној начин е уништено. Не само социјализмот, туку и социјалната држава и демократските институции, интернационалистичките држави, организациите итн.“

Оваа глобална општествена регресија ја погоди Македонија под името на ВМРО и нејзиниот водач Груевски, кои нѐ вратија и државотворно и културно, и според нашиот колективен интелектуален капацитет и според нашето идентитетско самоспознавање, длабоко во минатото, безмалку во времето на нашето непостоење, во преднатално и предмакедонско време. Ова историско лелекање, почитувани читатели, нема за цел да ги задуши новоразбудените надежи на Македонците од сите етнички потекла, туку напротив, да укаже на некои лекции од минатото, што се од судбинска важност за претворањето на нашите надежи во стварност.

Малигна вмрома

Сеќавањето на минатото е неопходно за да не заборавиме дека партиско-мафијашката држава на ВМРО, што цела деценија тотално ја обликуваше вкупната општествена стварност во библиската земја, сè уште не е победена, а уште помалку искоренета! За да не заборавиме дека таа злосторничка партија не е подложена на процесот на девмроизација, и дека злосторниците од нејзините редови успешно, упорно и ведро ја блокираат работата на Собранието и реставрацијата на демократијата. Дека тие сѐ уште ги држат своите мафијашки инсталации како метастази во целиот организам на општеството, а нивниот украден партиско-мафијашки имот – милијарди евра! – е сè уште во нивните џебови. И, да, да не заборавиме дека водата во украдената фонтана украсена со украдениот бронзен партиски знак, се уште весело жуборка, среде украдениот јавен скопски плоштад, пред единствената (и таа украдена!) мусолиниевски торжествена Casa del Fascio во Европа!

Така што, претстојните локални избори не се ниту уште едни обични избори за локалната самоуправа, ниту, пак, се само референдум против вмровското децениско уништување на Македонија, туку се историска можност за уште една доза хемотерапија на тешко оболеното македонско општество, против малигната вмрома од којашто болува. Волја за живот и надеж во светлата иднина му е неопходна на исцрпениот македонски пациент, но тој ниту за миг не смее да заборави дека фашистичкиот вмровски канцер не е конечно победен, туку е само во ремисија, сонувајќи го својот повраток!

Извор: Слободен печат
Слики: Небојша Гелевски