Никогаш не е доцна да се стане лезбејка

04.08.2010 10:15
Никогаш не е доцна да се стане лезбејка

Жените кои ќе откријат дека се лезбејки во своите триесетти години, и подоцна, последниве години го привлекуваат вниманието на медиумите, посебно поради гламурозните и познати жени кои го објавиле ова по хетеросексуалните врски.

Синтија Никсон, која ја игра Миранда во серијата „Сексот и градот“, 15 години беше во врска со маж со кој има две деца, а потоа се заљуби во својата сегашна партнерка Кристина Маринони во 2004 г.

Глумицата Порша де Роси беше мажена пред да се заљуби во водителката на ток шоу, Елен де Џенерис, со која се сврши во 2008 г.

Ѕвездата од „Топ ган“, Кели Мекгилис (51), во мај минатата година исто така призна дека е хомосексуалка и дека, иако двапати била мажена и има возрасни деца, 40 години се борела со својата сексуалност.

Резултатите од неодамнешното истражување го иницираа прашањето околу вообичаеното верување дека сексуалната определба делумно е наследена, а делумно се обликува во детството. Исто така, тие покажаа дека женската сексуалност варира повеќе од машката со оглед на тоа дека жените можат да бидат во долг и успешен брак пред да развијат лезбејски или бисексуални склоности во својата средовечност, често оставајќи го очајниот сопруг и сосем збунетите деца.

Појавата на љубов меѓу две жени не претставува ништо ново, но во минатото беше резервирана за жените од повисоките класи кои се осмелиле отворено да говорат за своите лезбејски склоности. Ќе го наведеме примерот со писателката Вирџинија Вулф, која имала 40 години кога започнала љубовна врска со Вита Секвил-Вест, која исто така била на средовечна возраст и омажена.

Додека некои жени на почетокот ја кријат својата сексуалност за да го задржат семејството заедно, многумина од нив не чувствуваат потреба да ја сменат сексуалната определба до одредена возраст.

Кристијан Моран, кој спроведе истражување на американскиот Универзитет Конектикат, откри дека многу жени поминуваат низ траума додека се обидуваат да држат рамнотежа меѓу својата посветеност кон семејството и склоноста кон други жени.

За многумина изјавувањето дека се лезбејки претставува ослободувачко искуство, додека кај други тоа може да нанесе непоправлива штета на семејството.

Пример за тоа е искуството на Лин Воланте. Кога таа се заљубила во друга жена и го напуштила сопругот, овој удар за нејзиното семејство бил поразителен. Нејзиниот постар син Бен, кој тогаш имал 13 години, се чувствувал толку засрамено поради тоа што мајка му ја променила сексуалноста на зрели години што престанал да зборува. Поминале 6 години до моментот кога можел да признае дека мајка му е лезбејка.

„Имав 19 години и бев во тригодишна врска со девојка, пред да можев да и’ кажам дека мајка ми не само што не напушти, туку и замина да живее со друга жена.“

Зошто жените ја менуваат својата сексуална определба по релативно долгиот брак, прифаќајќи ги болните последици?

Д-р Кери Парсонс од Универзитетот Стефордшаер вели дека постојат повеќе психолошки и социјални причини.

„Постојат многу причини поради кои денес на жените им е полесно да бидат во хомосексуални врски: општеството е многу полиберално во тој поглед. Луѓето се свесни за оваа појава, така што нам ова ни изгледа како напредок, а всушност е само повидливо отколку што било претходно.“

Таа смета дека сексуалниот идентите на жените е пофлексибилен.

„Во минатото психолозите се обидуваа да ги сместат сите луѓе во хомосексуалци и хетеросексуалци, но овие категории не се соодветни.“

Парсонс тврди дека женската сексуалност е променлива. Еднаш слушнала некоја жена која изјавила: „Во еден миг бев хетеросексуална, а сега се дефинирам како лезбејка“.

Одредени психолози тврдат дека жените меѓусебно се привлекуваат поради способноста за емпатија и желбата да разговараат за своите чувства. „Жените меѓусебно се поблиски како пријателки во споредба со мажите како другари. Можно е дека жените добиваат поголема емотивна поддршка од другите жени отколку од своите сопрузи или, едноставно, се заљубиле и затоа ја започнале врската“.

Д-р Лиза Дајмонд, професор по психологија и родови студии на Универзитетот во Јута, во своето истражување дошла до заклучокот дека жените кои ги сметале другите жени за убави и привлечни, подоцна во животот, во одреден миг, можат да се заљубат во жена и дека таа привлечност може од нешто небитно да се претвори во нешто многу значајно.

„Тие порано не ги задушуваа своите чувства, но тоа беше вон контекстот на вистинската врска; повремените флертувања и фантазии тогаш, едноставно, не беа значајни.“

Општествената осуда на лезбејството исто така ослабна последниве години.

„Додека некои личности овие промени ги сметаат за застрашувачки, други мислат дека тие се возбудливи и ослободувачки. Ние сме општество кое често се бори против староста на сите можни начини. Сакаме луѓето да бидат млади, свежи и привлечни. Во фазата кога повеќето луѓе сметаат дека жената повеќе не е заинтересирана за секс и дека „се гаси“, таа добива нова можност. Сексуалноста може да биде многу динамична и возбудлива, и што и да се случувало во минатото не претставува сигурен показател за она што ви го носи иднината.“

Извор: b92.net

Слики: Znahg Jie

ОкоБоли главаВицФото