Португалско решение?

06.10.2017 00:18
Португалско решение?

Педро Нуно Сантос е човек што сага шега. Овој четириесетгодишен државен секретар за парламентарни прашања во својата канцеларија обесил карикатура од Хелдер Оливеира, објавена во списанието Expresso. На неа премиерот Антонио Коста од редовите на Социјалистичката партија (ПС) со својата карактеристична седа коса и големи усни пуши и се воздигнува возејќи трицикл. На истиот цртеж Џеронимо де Соуза, генералниот секретар на Португалската комунистичка партија (ПКП), со едната рака го држи премиерот за рамото, а со другата покажува напред. Од другата страна на трициклот седи шефицата на Блокот на левицата (БЕ) Катарина Мартинс која го подмачкува ланецот. Тоа е илустрација на коалицијата која од ноември 2015 година е на власт во Португалија. Овој сојуз на социјалистите, комунистите, зелените и Блокот на левицата, кои претставниците на португалската десница погрдно го нарекуваат geringonça, односно „склепана крнтија“, своевремено претставуваше изненадување на политичката сцена.

Не се случило ништо слично откако пред четириесет години беше обновен португалскиот парламентаризам. Формално, Социјалистичката партија е самостојно на власт, но зависи од поддршката на другите три партии со кои потпиша билатерални договори. Со нив се дефинирани одредени политики на кои инсистираа партнерите за да дадат поддршка. Не беше лесно да се договори оваа коалиција. Првата пречка беше одбивањето на комунистите да седнат на иста маса со Блокот на левицата. Затоа, преговорите се водеа одвоено со едниот, а потоа со другиот партнер. Сето тоа придонесе за ширење сомнеж во одржливоста на соработката, дури и меѓу самите партии во коалицијата. Но, очигледно договорот функционира и успева да ги задоволи и желбите на граѓаните и барањата на европските институции, иако тие две нешта мошне често се спротивставени.

Владееше голема неизвесност откако на 4 октомври 2015 беа објавени резултатите од парламентарните избори. Коалицијата на десничарските партии која беше на власт од 2011 година освои најголем процент од гласовите (речиси 37 проценти), но истовремено изгуби 700 000 гласачи во однос на претходните избори. Тоа е последица на непопуларните „мерки за штедење“ спроведени 2011-2014 година. Истовремено, левицата остана многу поделена. Помеѓу социјалистите и комунистите владее голема недоверба уште од периодот непосредно по Револуцијата на каранфилите. Португалската комунистичка партија силно се противеше на пресвртот на Социјалистичката партија кон десно за време на Марио Соареш, една од клучните историски фигури на социјалистите, кој со прекини беше на различни функции од 1976 до 1996 година.

Исто така, комунистите се противници на Европската унија, додека Социјалистичката партија не е само проевропска партија, туку е и посветена на компромисот со Брисел околу прашањата за буџетската дисциплина која ја пропишуваат европските институции. За последново прашање постојат несогласувања и помеѓу Социјалистичката партија и Блокот на левицата, партија која се создаде 1999 година со здружување на неколку помали маоистички, троцкистички и еврокомунистички организации. Блокот не бара излегување од ЕУ, туку само од еврозоната, која ја смета за пречка во остварувањето на суверенитетот на земјата и самостојната економска политика, како и реструктуирањето на португалскиот долг и излегувањето од Северноатлантскиот пакт (НАТО). Разликите се многу големи што за време на изборите во 2015 година сите беа сигурни дека не е можен никаков сојуз.

Притисокот од јавноста

„Прашањето првпат беше поставено за време на дебатата помеѓу Анонио Коста, шефот на социјалистите, и Катарина Мартинс, координаторката на Блокот на левицата“, се присетува Хозе Гусмао, економист и член на политбирото на Блокот на левицата. „Таа тогаш предложи Блокот да ја поддржи владата на Социјалистичката партија под услов тие да исфрлат три мерки од својата програма: олеснување на отпуштањата, замрзнување на пензиите и намалување на давачките на работодавачите за социјално осигурување. Тогаш, Коста не одговори ништо.“ Откако беа објавени резултатите, претседателот на Републиката мандатот за составување влада му го даде на претставникот на коалицијата на десницата, тогашниот премиер Педро Пасос Коељо, чија влада ги спроведуваше мерките за штедење. Социјалистите имаа две опции: да ја поддржат десничарската влада или да се обидат да склопат сојуз со другите партии од левицата.

„Социјалистичката партија можеше да се воздржи од гласање за доверба на владата (со што десницата ќе останеше на власт), а тоа го предлагаа и некои социјалисти“, прераскажува политикологот Андре Фреири. Мартинс немаше да биде изненадена од тоа: „Социјалистите во кампањата влегоа со најдесна програма во својата историја“, смета координаторката на Блокот на левицата. „Јасно го отфрлија секое повикување на социјалдемократијата, особено со согласноста за „флексибилизација на работата и намалување на социјалните права.“ Социјалистичката партија се колебаше по објавувањето на резултатите. „Блокот на левицата и Комунистичката партија веднаш најавија дека се подготвени за разговори, но нејасниот одговор на социјалистите дојде дури ноќта“, се присетува Гусмао. Потоа, преговорите траеја цели три недели, а јавноста главно не можеше да ги следи. „Најпосле трите страни постигнаа договор под притисок на јавноста која сакаше итен прекин на мерките за штедење“, објаснува Нуно Сантос.

За партија од левиот центар ваквата дилема не е единствена само за Португалија. Во многу други земји, поранешните социјалдемократски и социјалистички партии кои го прифатиле либерализмот изгубиле голем дел од влијанието. Откако повеќе години спроведуваше политика на „штедење“ во сојуз со десницата, грчкиот Пасок падна од 44 проценти гласови во 2009 година на речиси 5 проценти во 2015. Како што објаснува Нуно Сантос: „Коста гледа како пропаднаа социјалистите во Грција, Унгарија, Холандија, Шпанија и Франција. Сфаќа дека сојузот со десницата претставува опасност за самиот опстанок на партиите од левиот центар“. Она што е особено за Португалија е пронајденото решение. Социјалистичката партија владее самостојно: ни Блокот, ни комунистите, ни Зелените (кои на избори излегуваат заедно со комунистите) не сакаа да влезат во владата. Тие ја задржуваат својата самостојност и гласаат само за законите со кои се сложуваат и започнуваат сопствени иницијативи.

Исто така, ниедна од партиите не заборави на разликите што постојат. Преговорите се постојани. Државниот секретар задолжен за парламентарни прашања мисли дека тоа е одлично: „Дури со овој сојуз добивме вистински парламентарен систем. Веќе не одлучува само владата. Министрите постојано се состануваат со претставниците на парламентарните групи на Блокот и комунистите. Некогаш се случуваше да имаме и шеснаесет состаноци дневно!“ Засега ниеден од партнерите не се закани со повлекување на поддршката и рушење на владата. Сепак, некогаш е тешко да се соочиме со разликите: „Треба итно да се смени законот за работа за да се излезе на крај со несигурните услови за работа. Невработеноста се намалува, но новите работни места се мошне неквалитетни“, предупредува Антонио Есперача, пратеник на Комунистичката партија од градот Брага на северот од земјата. „Има многу разлики помеѓу нас и владата, но сега ни е најважно да спречиме враќање на власт на неолибералната десница.“

Во Блокот на левицата, пак, се фалат со притисокот што го извршиле врз владата преку јавни интерпелации и други процедури. „Социјалистичката партија денес е многу полева партија од пред оваа коалиција“, смета Фреири. „Влијанието на партнерите е очигледно. Делови од програмата кои се однесуваат на платите и пензиите се променети.“ Лојалноста на помалите партии кон Социјалистичката партија може да се објасни и со други причини. Според сите анкети социјалистите се убедливо најпопуларна партија, која успеа да привлече дури и дел од гласачите на Блокот и комунистите. Ако дојде до предвремени избори тие две партии би можеле да изгубат дел од мандатот. Освен тоа, „ geringonça е навреда што ја изгуби убедливоста“, тврди Нуно Сантос. „Со тоа сакаше да се нагласи нестабилноста на нашите договори. Но, во последните две години докажавме дека нашиот сојуз е цврст и стабилен и дека остварува добри резултати.“

Илустрации: Helder Oliveira

Извор: http://lemondediplomatique.hr

ОкоБоли главаВицФото