Искреноста и цинизмот на Европската централна банка

10.10.2017 00:57
Искреноста и цинизмот на Европската централна банка

Растот на социјалните нееднаквости во изминатите децении, а особено по избивањето на финансиската криза 2007-2009 година, веќе одамна е дел од аналитичкиот и јавниот консензус ширум (западниот) светот. Најдоцна од излегувањето на англискиот превод на сега веќе славната книга на Пикети „Капиталот во 21 век“, нееднаквоста стана неизбежна точка на политичките дискусии и ставка во (реторичките) програми: за нужноста на нејзиното сузбивање редовно и експлицитно зборуваат примерите и извештаите на Меѓународниот монетарен фонд. Но, артикулираните политики кои би оделе во таа насока изостануваат системски.

Зошто и како, верно ни сведочи еден друг извештај: годишниот извештај на Европската централна банка (ЕЦБ). Со оглед на тоа дека нееднаквоста во изминатиот период во голема мера е политички „припитомена“, ЕЦБ не се двоумеше премногу во својот извештај експлицитно да нагласи дека некои нејзини политики придонесуваат за раст на имотната нееднаквост. Така во извештајот стои дека монетарната политика на таканареченото квантитативно олеснување (quantitative easing) директно придонела за растот на нееднаквоста во Европа. Во бројки, богатството на 20 проценти од најимотните домаќинства растело за приближно 30 проценти повеќе отколку кај останатите сегменти од популацијата во периодот на квантитативното олеснување (2014-2016).

Несаканите учиноци

Што впрочем се случи? Со политиките за квантитативно олеснување Европската централна банка настојуваше да внесе дополнителна ликвидност во системот за да ги поттикне инвестициите и да обезбеди економски раст. Тоа го правеше преку купување, пред сè, на државни обврзници, но и корпоративни, токму од банките. Меѓутоа, обезбедените средства банките не ги пласираа во „реалната“ економија во облик на кредити за инвестиции. Со оглед на зголемената побарувачка за финансиски имот преку политиките на ЕЦБ, порасна цената на тој имот, а средствата главно се користеа за купување акции (и пумпање на нивните цени), исплата на дивиденди и спојувања и аквизиции меѓу компаниите.

Значи, средствата кои во системот ги лансираше ЕЦБ „се завртеа“ во рамки на финансиските пазари, речиси без никакво влијание на растот на инвестициите. Секако, ЕЦБ не ја признава иницијалната недоволност од таквите политики, наведува некои позитивни учиноци во сферата на ограничувањето на растот на невработеноста, но јасно ги истакнува „несаканите“ дистрибуциски учиноци од квантитативното олеснување. Меѓутоа, иако ги признава штетните резултати од сопствените политики, односно нивната неделотворност, ЕЦБ тврди дека санирањето на штетите, или спроведувањето поинакви политики со спротивно влијание на имотната нееднаквост, едноставно не е во нејзиниот домен – таа не може да го прави тоа. И токму во извештајот ги повикуваат владите на земјите членки од еврозоната активно да се позанимаваат со тоа прашање.

Иако, на бирократите од ЕЦБ треба да им се честита за искреноста во извештаите, кога станува збор за препораките што ги содржи, тие можат да се означат исклучиво како цинизам. Со оглед на моќната фискална стега на која се заснова архитектурата во еврозоната (од мастрихтските правила до разни пактови донесени во борбата со кризата), повикувањето државите со своите буџетски политики да придонесуваат за намалување на нееднаквоста звучи едноставно како лош виц. Имено, додека Унијата од една страна ги казнува државите заради неизбалансираните буџети и бара ограничени нивоа на дефицит и јавен долг за да не се вознемират финансиските пазари, Европската централна банка ги повикува државите со буџетските политики да ги санираат последиците од штетите кои ги создале токму финансиските пазари со сесрдна помош од ЕЦБ.

Извор: http://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото