Аурора Плотунина или одекот на Октомври

25.10.2017 01:51
Аурора Плотунина или одекот на Октомври

Забрзано како судбина ни се приближува нашиот редовен јубилеј.

И како што се проближува, така расте и придружната медиумско-идејно-научно-аналитичка и политичка врева која само со името и примената на мошне напнатата политичка коректност може да се нарече „јавна дискусија“.

На прагот на оваа календарска појава, еве ме и мене како се обидувам да се присетам колку такви „големи годишнини“, кажано со популарниот јазик, „лично и персонално“ сум доживеал.

Се родив во една од јубилејните години, што за жал е помалку важно зашто од оправдани причини не се сеќавам на тој јубилеј.

Но, затоа добро го паметам четириесеттиот. Се сеќавам – беше 1957 година. Одлична година, весела, и покрај тажниот факт дека на почетокот од летото засекогаш нè напушти мојата баба.

Некако веднаш потоа, во Москва се одржа Светскиот фестивал на младината и студентите – најголемиот, најмасовниот. Во воздухот се ширеше духот... не, не на слободата, туку на некаква изобличена, речиси опиплива лекомисленост. Не знам да објаснам поинаку.

Имав десет години. Над градот се виеше неразбирливата бучава на празникот. Телевизорот трештеше. На говорницата – Хрушчов. Седница – некако свечена, па посвечена не може да биде. Хрушчов зборуваше бескрајно долго. Од вратата демнејќи ѕирка соседката, пргава жена со чудно име, Гања.

Таа немаше телевизор. Чекаше да ја повикаме. Таа исто така гореше од желба да го гледа директниот пренос на свечената академија. Се разбира, и соодветната културно-уметничка програма.

Ах, свечени академии! Никогаш нема да ги заборавам! Прво хорот Вано Мурадели: „Партијата – нашиот кормилар“! Па, сцена од претставата „Звуци од Кремљ“. Па, Мајаковски – избрани делови од неговата поема „Владимир Илич Ленин“.

„Сè уште мрда?“ – провокативно прашува Гања. Впрочем, тогаш веќе можеше. Беше 1957 година.

Се сеќавам и на ноември 1967 година. Педесетгодишнината. Колку што се сеќавам, единствениот пат кога ми појде од рака да ја ескивирам свечената поворка. А, потоа се покажа дека учеството во таа манифестација било многу весело. Многу насмеани девојки, многу врсници, неизбежното пагурче во внатрешниот џеб од капутот и воопшто... ни беше убаво. Имав дваесет години.

А, воопшто не се сеќавам на 1977 и 1987 година. Тие јубилејни години како да ме заобиколија, скокоткаво се истркалаа во неизбежната светла иднина, во правецот на онаа долго очекувана „комуна“ која според одамна зацртаниот план ја нарекувавме „нашата последна страница“.

И, далеку од тоа дека ритуалната терминологија, фразеологијата, синтаксата и амблематиката на целиот тој комплексен театар со обединето име „Големиот Октомври“, беа резервирани исклучиво за јубилеите.

Не. Секоја година на 7 ноември се повторуваа веќе споменатите свечени седници, па свечените академии и неизбежниот филм на Михаил Ром – „Ленин во Октомври“. Во форма на филмска документарна хроника постојано се вртеа кадри од „големиот јуриш на Зимскиот дворец“ која, како што дознавме подоцна, цели десет години после славниот настан го режирал и снимил Сергеј Ајзенштајн. Замрзнатиот кадар на момчето кое брзо се искачува по раскошните волути на железната капија на Зимскиот дворец ги украсуваше сите наши училишни учебници по историја.

Тешко е во сеќавањата да се улови историскиот момент кога таа неизбежна, како секојдневна лажица рибино масло дозирана семиотика на „Октомври“, во општествената свест ненадејно беше подложена на иронични облици на опсервации и расудување. Тешко е да се фиксира часот кога репликите од канонските филмови и железно утврдените пропагандни конструкции станаа елементи на фолклорот.

Во кое одделение – 8-мо или 9-то – почнавме меѓу себе да „газговагаме“ пародирајќи ја „специфичната дикција“ на филмскиот Илич?

Колку години имавме кога некој од нас се досети дека нашата организаторка и предавачка по историја за постарите одделенија Клара Марковна, во нашите меѓусебни разговори можеме да ја викаме „Карла Марксовна“?

Кои години – педесеттите или шеесеттите – студентите од мојот факултет нашата професорка Аурора Полунина ја нарекоа „Аурора Плотунина“?

Патем, интересно е што сите ние на зборот „плотун“ (руски – залп), црвсто споен со „Аурора“ (руски - залп Ауроры), која, се разбира, долго време за нас беше само крстосувач, а дури подоцна и римска божица на зората, се сретнавме многу порано со ономатопејската варијанта на истиот збор во контекст на популарната синтагма „да се мавне на екс“ (руски - выпить залпом).

А, тоа е зашто сите ние, речиси од самото раѓање, цврсто знаевме дека на целото човештво токму тој „плотун со Аурора му даде знак за почеток на новата ера“. Да, токму тој „знак“ и токму тој „плотун“ и ни повеќе ни помалку самиот „почеток на новата ера“.

Затоа и следната слика од детството поминато во нашата „комуналка“ до крајот на животот ќе ми остане во сеќавање.

Се сеќавам на состанарката Галина и нашата заедничка кујна во која таа често го носеше својот мал шестмесечен Николај. Сите жени – по пет или шест најмалку – секогаш му се радуваа и низ маглата на кујнскиот чад и пареата, пикајќи му се во малото румено лице му правеа разни гримаси и го засмеваа. А, тој кутриот, цврсто залепен за пелените, со исплашено лице само плачеше, стенкаше и на сеопшта радост повремено многу гласно прдеше.

„Леле сине! Вистински плотун од Аурора“ – нежно му зборуваше Галина и се смееше. И целата кујна исто така гласно се смееше освен, секако, Серафима Михајловна од партијата. Таа само лесно мавташе со главата и со стиснати заби молчешкум даваше до знаење дека не треба да се шегуваат на тој начин.

Меѓутоа, и таа се смееше крадешкум. Да, ја видов! Ништо не може да се сокрие од острото детско око.

Извор: http://www.inliberty.ru

ОкоБоли главаВицФото