Слобода за сите писатели

07.11.2017 13:51
Слобода за сите писатели

Меѓу десетината годинешни добитници на наградата 13 Ноември („се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Град Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитание и образование“) е романсиерот, поет и издавач Димитар Башевски.

Името на Башевски заслужува да биде издвоено од списокот наградени не само поради неговите квалитети како романсиер, поет и издавач – кои се неспорни – туку поради еден текст од пред пет години, од времето во кое ретко кој можеше да се осмели да напише такво нешто.

Беше упатено до Друштвото на писателите на Македонија: „Би сакал, вака јавно, да ви ја соопштам мојата одлука дека го напуштам Друштвото на писателите на Македонија во кое бев член повеќе од четириесет години. Се решив на овој чекор во знак на протест што ДПМ не се огласува со ниту еден збор како поддршка на своите колеги новинари (најголемиот број од нас писателите според работната кариера сме, всушност, новинари) кои, спротивно не само на Уставот и законите во земјата, туку и на сите меѓународно прифатени норми кога е во прашање слободата и независноста на новинарството, со употреба на физичка сила беа исфрлени од парламентот на Република Македонија, додека си ја извршуваа својата професионална работа. Овој мој чекор не е повеќе отколку еден обид да дадам знак дека сум меѓу оние што одбиваат да се согласат со задушувањето на слободата воопшто и посебно на слободата на говорот“.

Неговиот чекор, иако за ДПМ мал и игнориран, речиси незабележан меѓу писателите (како да пропадна во „Бунар“), беше голем и многу надежен за сите кои се бореа против задушувањето на слободата, не само на говорот. Во секој случај, без него и без такви како него, многу потешко ќе одеше и „ослободувањето“ на Скопје.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото