Целото наше општество се однесува како еден ДИК

06.12.2017 11:30
Целото наше општество се однесува како еден ДИК

Пораките испратени до ДИК не се само и исклучиво за ДИК, и некоја Дума или Срцев, всушност целото наше општество се однесува како еден ДИК. ДИК е симболика за сè што не чини со нашиот менталитет, кој кога се работи за цицање од државата очигледно е ист кај доста од претставниците на сите партии, без разлика на вера и нација. Често сакаат да ја зезнат државата за своја лична корист и тоа некогаш го прават легално, а честопати и нелегално. ДИК сме сите ние, кога сакаме да се протнеме преку ред во продавница среќни како сме ги зезнале дебилите што чекаат, да се избуткаме до седиштето во автобус не гледајќи колку луѓе ќе згазиме по пат, ние како паркирање на велосипедска патека или ние како некна еден што најноншалантно стопираше цел сообраќај оставајќи го џипот на сред улица за да си купи баничка, или ние како повикот до втората братучетка што работи на клинички за да влеземе први кај лекарот... Едноставно сме научени да пројдеме полесно и потоа сме среќни како сме ја зезнале државата или правилата кои важеле за сите, но не и за нас. Секако, на тоа нè има натерано и самата нефункционална држава. Ние реално често сакаме почитување на правила и закони само кога ни одговараат и се во наша корист. Ако има начини да ги заобиколиме, ќе ги најдеме. Така сме учени од мали, додека други нации како Американците, на пример, се учени да чувствуваат вина во слични ситуации. Затоа што тоа е погрешно. Вистината која не сакаме да си ја признаеме и е навистина многу тешка за многумина е дека главниот проблем не беше (само) ВМРО. Проблемот сме и сите ние и нашиот менталитет. Нашиот менталитет мора да се менува, затоа што нè носи во пропаст. Премногу е себичен и не е долгорочно одржлив. ДИК е нашето огледало, Собранието каде седат претставници на граѓаните кои обожаваат патни трошоци, исто така. Тоа сме ние и тоа за нас го мисли светот, Бејли само ни го посочи сликовито преку еден ДИК. Ако се фокусираме само на тие во ДИК повторно пропуштаме шанса да ја видиме големата слика за еден трул систем кој единствено функционира за елитите од сите партии и етникуми, додека целосно е на штета на сите граѓани, без разлика на нивните различности. Освен симболиката, главната порака која ја испрати Бејли е до новата власт. Мислам дека таа порака е јасна: Ако мислите дека ќе биде дозволено да се поставите слично или исто како претходните кон демократијата, сте се зезнале. Или како што велат Американците, Get your act together! Очигледно нив веќе не ги интересира само стабилност, сега бараат и демократија, зашто со Груевски сфатија дека без демократија нема ниту стабилност, ниту за нас, ниту за целиот регион.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
На сликата: Споменик на Итар Пејо во Прилеп

ОкоБоли главаВицФото