Промоција на книгата „Темна материја“ од Мојца Кумердеј

21.12.2017 09:29
Промоција на книгата „Темна материја“ од Мојца Кумердеј

Издавачката куќа „Готен“ ќе ја промовира книгата „Темна материја“ од словенечката писателка Мојца Кумердеј. Промоцијата ќе се одржи во „Кино Култура“, на 22 декември, со почеток во 20 часот. На промоцијата на книгата ќе присуствува авторката, а разговорот со неа ќе го водат Владимир Јанковски и Иван Шопов. Преводот на книгата од словенечки на македонски јазик е на Иванка Апостолова Баскар.

„Темна материја“ е збирка раскази составена од 11 раскази, првпат објавена во 2011 година. Онака како што темната материја во астрономијата се препознава според ефектот што го создава, така во збирката раскази „Темна материја“ огромен број нешта постојат под површината, невидливо бабрат до мигот кога излегувајќи на површината ги менуваат нештата на радикален и изненадувачки начин.

Кумердеј го истражува секојдневниот живот преку различни наратори, кои создаваат полифонија на автентични гласови што зборуваат за исклучително важни теми – прашањето на идентитетот, потиснатото семејно насилство, десничарските популациски политики, лицемерството на моралните норми, влијанието на технологијата… Како додаток на аналитичката острина и имагинативната сочност, расказите ги обединува и една друга клучна компонента: интелигентниот хумор.

Писателката и критичарка Мојца Кумердеј (Љубљана, 1964) завршила филозофија и социологија на културата на Филозофскиот факултет во Љубљана. Работи во редакцијата за култура на весникот „Дело“. Досега има објавено две збирки раскази и два романи.

Гостувањето на Мојца Кумердеј во Скопје е поддржано од Јавната агенција за книга на Република Словенија.

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото