За тероризмот врз пишаниот збор

31.01.2018 02:21
 За тероризмот врз пишаниот збор

„Провинцијалноста (на малите и на големите)“ е текст од Милан Кундера за ограниченоста на малите и големите (национални) култури, кој окно.мк го објави во 2011 година. Своевремено го прочитав текстот, а потоа и го зачував, затоа што одвреме-навреме сакав да го препрочитувам.

Минатото лето, во август, препрочитувајќи го текстот за провинцијалноста, се сетив на неколку работи.

Прво, се сетив на ставот на еден наш познат и признат писател, човек во години, кој во една прилика на почетокот од оваа година ми рече дека авторот може да биде вистински добар само ако пишува за она што го знае и што го живее, односно само ако ги сместува дејствијата на своите приказни во своето лично опкружување.

Потоа се сетив и на минатогодишниот избор на Роман на годината, и на судовите на некои од членовите на жири-комисијата, со кои не се согласував сосем, иако никогаш писмено не го искажав својот став. (Овој текст се занимава главно со тие три изјави.)

Најпосле, се сетив на други двајца наши автори, исто така од постарата генерација, со кои разговарав неколку месеци пред тоа, и кои (сè уште) беа по малку навредени од одлуката на жири-комисијата да ја додели наградата РнГ на „Единаесет жени“ од Снежана Анѓелков - затоа што во книгата има пцовки. Во директен говор. Парафразиран, нивниот главен аргумент беше: „тоа е престижна награда, и не смее таква книга да ја претставува националната книжевност“.

Поттикнат од овие сеќавања, како и од еден став и еден текст (ставот на еден пријател писател/уредник, дека „нашата генерација треба сама да си ги бие своите битки“; текстот на една наша авторка за потребата од пишување книжевна критика), ми се покажа како пригодно пишувањето на овој текст, за кој се надевам дека, колку-толку, ќе придонесе за полесно ловење и осуда на барем некои од провинциските ставови во нашата книжевна средина.

Имено, во март минатата година, некои од членовите на комисијата од конкурсот „Роман на годината“, судејќи кои од романите ќе одат во следен круг и ќе се натпреваруваат за наградата, помеѓу останатото ги дадоа и следните изјави[1]:

- „...Другата специфика што ја забележуваме е што има еден поголем број автори кои веројатно под влијание на евтини или читливи приказни, ги сместуваат настаните некаде на Запад.“

- „...Романите, пак, со дејство кое се случува на некое друго место даваат впечаток дека авторот можеби се надева дека одредената земја чии места и настани во него се спомнуваат ќе се заинтересира и да го преведе.“

- „...Ќе дојде време на заситеност од новиот свет, од новите сознанија и од новите комуникации“, и „сепак авторите ќе се вратат на она што е нивно[2].

Со првата изјава, погрешно се претпоставува дека доколку настаните во романот се сместени „некаде на Запад“, тоа значи дека романот е пишуван под извесно влијание на „евтини или читливи приказни“. Каква врска има едното со другото? Нели е возможно да се напише роман кој ќе биде сместен некаде на Запад, а да не е напишан под влијание на евтини или читливи приказни? Во крајна линија, што ако романот е намерно напишан под влијание на такви приказни? Нели може романот да функционира на повеќе нивоа?

Втората изјава претпоставува дека авторот на роман со „дејство кое се случува на некое друго место“, „можеби се надева“ дека ќе биде преведен од „одредената земја“. Оваа изјава на не толку суптилен начин ги обвинува за претенциозност авторите на романи чии дејствија се сместени во друга земја. Во крајна линија, толкав ли е грев човек да се надева, побогу? Каква несмасност.

Третата изјава им посочува на авторите за недостигот на „нивно“ (национално?) во напишаните романи - на сметка на интересот за „новиот свет“, при што очекува еден вид покајание од страна на авторите.

Овие три изјави можат да се прикажат како три релативно темни ќошиња во нашата национална книжевна кујна, на кои многу добро би им легнала светлата забелешка на Кундера за „провинцијалноста“ на малите народи и книжевности. Конкретно, Кундера вели дека „малиот народ му сугерира на својот писател дека не припаѓа на никој друг освен на својот народ. Насочувањето на погледот надвор од границите на својата држава, здружувањето со колегите надвор од националната територија на уметноста, дома се прикажува како нешто претенциозно, надмено, некоректно кон сонародниците.“ Ако малку повнимателно се прочитаат трите изјави од минатогодишната жири-комисија и се споредат со овој став на Кундера, секоја понатамошна дискусија е излишна.

Сепак, тука некој можеби би прашал – „Па добро, ама каква врска има Кундера со македонското национално прашање?“, но токму во таквото прашање и лежи проблемот - затоа што кога ќе ја примиме во себе светлината на Кундера (која во суштина никогаш не е само негова, затоа што тој често се повикува на други автори - во случајов Франц Кафка) за провинцијалноста на малите, според која книжевноста за малиот народ не е „работа на книжевната историја“, туку „народна работа“, ќе сфатиме дека за да се избавиме од сопствената провинцијалност, треба да им дозволиме на нашите автори пред сè да се обидат да се занимаваат со книжевната историја. Ако ова „да се занимаваат со книжевната историја“ звучи наивно и претенциозно, реченицата може да се искоригира - „да им дозволиме на нашите автори да се обидат да се занимаваат и со книжевната историја“. Сигурно дека притоа во никој случај нема да се изостави и „народната работа“, но, најбитно е да не се дејствува потиснувачки. Со други зборови, треба да бидеме свесни и за постоењето на нашето колективно несвесно, и, така, посматрајќи ја отстрана таа наша потиснатост, напластувана со генерации и генерации, да престанеме веќе еднаш постојано да се занимаваме со националното прашање и со „калта од селото“, како што знае да каже еден наш млад автор, да престанеме да гледаме како на блудни синови на авторите кои решиле да ја сместат својата приказна надвор од границите на она што е/било Македонија, па да се насмевнеме на себеси, и, со возбудата на човек кој за прв пат активира е-маил адреса откако цел живот примал хартиени писма, да речеме - „Хм, ајде да се обидеме и со таа книжевна историја. Ајде да се истушираме и да одиме да се искапеме и во градскиот базен, не само на нашата река. На базенот можеби ќе сретнеме некој тренер што ќе нè повика на големиот базен, и еден ден може ќе бидеме олимпијци, и тоа во синхронизирано пливање, замислете.“ Тука некој скептик би рекол „Ама од кај па сега туширање, дупла работа, ќе се фрлам в река, таму се капел и дедо ми, и тате ме носеше на река, таму ми се и спомените од детството, и секој брзак, и секој вител го знам.“

Да не забегуваме. Поентата е сосем јасна. Кундера ја дефинира провинцијалноста како „неспособност (или одбивање) да се види сопствената култура во големиот контекст“. Многу едноставна, и многу точна дефиниција. Со оваа дефиниција, може да се зборува за многу видови провинцијалност, во многу сфери од животот и на различни рамништа (на лично и колективно). Но, тука зборуваме за книжевната провинцијалност и посесивноста на домашната критика кон домашните автори од која треба да се избавиме. Затоа што таа провинцијалност е штетна – не го карактеризира само оној кој ја поседува, туку и оној кон кого е насочена. Затоа што, како што поентира и Кундера - „посесивните барања на народот кон своите уметници се искажуваат како тероризам на малиот контекст, кој ја редуцира смислата на делото на улогата која тоа ја игра во сопствената земја.“ Овие зборови се многу силни. Затоа што навистина, заглибаноста во калта, жарта и пепелта на националното прашање и давањето суд за определено дело врз основа на тоа колку тоа дело придонесува кон националната кауза, и тоа како ја намалува и помрачува објективната вредност на делото, видена низ критериумите кои го одликуваат чудесниот тек на книжевната историја. А со таквото намалување на неговата објективна вредност, понатаму, книжевните терористи му ги намалуваат и шансите на делото да биде признаено и наградено, а потоа и да биде преведувано, и, најпосле, да биде препознаено и прифатено од самиот тек на книжевната историја и струите на квалитетното современо творештво. А тоа, тоа многу повеќе би ѝ помогнало на националната кауза отколку директно, сувопарно, документаристичко занимавање со националната кауза.

Затоа, сосема е во ред, и пожелно, да ја почитуваме и одржуваме националната кауза и традицијата. Но, да не дејствуваме потиснувачки - да не бидеме терористи врз пишаниот збор.

__________________________________________________

[1] Првата и втората изјава се сместени во новинарски текст посветен на конкурсот Роман на Годината, објавен на 3 март 2017 год. во сега непостоечкиот „Утрински весник“. Со оглед на тоа што новинарскиот текст не е достапен на интеренет и може да се најде само во НУБ - Скопје, изјавите ми беа љубезно пренесени од Катерина Богоева, авторката на новинарските текстови. Третата изјава лесно може да се најде на нет.

[2] Сите закосени букви кои се наоѓаат во овој текст се закосени (потенцирани) од авторот на овој текст.

 

Извор: bulevarosloboduvanje.weebly.com
Слики: PEZ