Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

12.02.2018 13:02
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

Бранко Прља, Апокалипса.мк (Готен)

Сите станови во Ново Скопје беа државни и луѓето можеа да ги купат само со одобрение од Државата. Поголемиот дел живееше во двособни станови, а поголемите станови беа доделувани на тие со повисоко образование или на повисока функција, како и на борците од Ослободителната војна. Тома не беше борец, ниту функционер и нивниот стан имаше една голема просторија со поврзани делови за дневен престој, трпезарија и кујна. Само една соба беше посебна и родителите наместо да ја користат како спална, решија да ја пренаменат во детска. Таму работеше Тома, врз ученичкото столче на ќерка му, опкружен со пароли на Државата и слики од Премиерот кои децата ги добиваа на училиште.

Ена не се навикна лесно на овој нов режим. Имаше точно определени денови за одредени активности и присуството на Тома го отежнуваше тоа.

„Мораш баш сега,“ ја прекори сопругот кога влезе да ги средува алиштата на децата кои беа расфрлани на сите страни, едни врз други, превртени обратно и истуткани.
„Еве, брза ќе бидам,“ се правдаше таа, но инспирацијата беше прекината. Тома немаше друг избор освен да стане и да замине од детската соба зашто знаеше дека средувањето нема да трае кратко. Само што се смести во дневната соба да прекасне нешто, таа повторно се појави. „Немој, ќе си го расипеш ручекот,“ го прекори. Се чувствуваше како Државата да се преселила во неговиот сопствен дом и го контролира на секој чекор.

Ниту во кафеаните не можеше да се опушти и не заради зајадливиот Стевоид, ниту заради можноста некој да го издаде, зашто кој и да го поткаже би морал самиот да се изложи на фактот дека бил во илегална кафеана, туку зашто чувствуваше дека губи време. Брзаше да се врати дома, да го започне пишувањето во френетичен грч пред да се вратат децата од училиште и градинка. И потоа настануваше хаосот.

Секој своја приказна, секој своја желба. Ниту државјанката Ена, воспитана според сите Одредби на семејниот ред и мир не можеше да ги контролира. Работите излегуваа од контрола.

„Деца, ајде замолчете малку,“ рече Тома.
„Ама тато, другарките ме чекаат надвор,“ го молеше Лиза.
„Никако, знаеш дека особено во зимскиот период никој не излегува надвор,“ ја предупреди таткото оправдано.

Воздухот во мега-градот беше толку лош што никој со здрав разум не излегуваше надвор ако не мораше. А такви немаше многу. Маски можеа да се најдат по илегални извори, но никој немаше храброст да ги носи. Прво ќе го осудеа и ќе го исмееја од заедницата, да се плашиш за сопственото здравје е знак на слабост и недоверба кон Државата која совршено се грижеше за нив. А да не зборуваме за тоа дека така можеше да си направиш проблеми со Правилникот кој не дозволуваше ништо што не е одобрено и произведено од самата мајка Држава.

На приемниците никогаш не се објавуваа предупредувања и Државата ги уверуваше сите дека воздухот е добар колку и самата Држава, ги поттикнуваше да дишат со полн здив, но луѓето научија веќе да препознаваат кога не е безбедно да се престојува надвор. Ако немаа потреба воопшто не излегуваа.

„Воздухот надвор е поотровен од здивот на онаа твоја Мара,“ Тома се сврте кон Ена.
„Таа барем ме слуша кога зборувам,“ му врати Ена. Во последно време сè повеќе се расправаа. Дури и трпеливата државјанка ги губеше нервите.
„А за што да слушам? За цената на компирот или новото државно средство за перење алишта?“ се разжешти Тома.
„Ако ти е толку лошо зошто не одиш на работа?“ го праша таа.
„Многу добро знаеш зошто,“ рече и потоа му текна дека децата се дома. „Ме фрка кичмата и имам медицинска потврда за тоа!“ рече.
„А... да,“ рече зајадливо Ена, „кутриот ти!“
„Слушај, не ми се допаѓа твојот тон, ако продолжиш вака ќе си одам,“ се закани Тома.
„Каде ќе одиш, баш ме интересира?“ му рече остро Ена.
„Имам место каде што не ме осудуваат,“ одговори Тома.
„А-ха... да, едвај те чекаат,“ се насмеа Ена.

Караницата заврши како што завршуваат брачните караници. Секој на своја страна. Таа во кујната, тој во дневната, толку блиску, а оддалечени во мислите со километри, светлосни години, како да живееја во различни галаксии, различни светови и реалности, како две димензии кои се секогаш една покрај друга, а не се забележуваат. Таа молчеше пркосно и тој се потсетуваше на деновите кога нејзиниот пркос, решителност и отсечност го привлекуваа.


Мимоза Ристова, Тајното братство (самостојно издание)

 

Забележав дека на каналот од кај премиерот дојде до трепкање на портокаловиот индекс за физичка активност. Во кабинетот влезе секретарката Симонида за да го спроведе министерот за фауна, г. Коста. Тој, според нашите сознанија, истовремено беше и сопруг на ветеринарката, токму оваа што во моментов се „работеше“ како некоја штука со младиот асистент-ветеринар. Секретарката веднаш си излезе и ги остави двајцата властодршци сами во кабинетот.

„Добро бе премиере, па што беше олку итно што морав да напуштам битен работен ручек? Па само што ги нарачавме брускетите со чаден лосос и кавијар од Сибир, белите бубрези од бизон од Венецуела, котлетите од мечка од Шар Планина, шкампите од Мадагаскар, зубатацот од Белизе, срнечкото од Јасен и јајца на око од потполошка од Кјото...“

„Коста! Аман замолчи веднаш со диктирање на вашето мени! Јас како некој будала одам во кампања по градинките и пред камерите пасам зелки и марули, па зобам свежи морковчиња за да промовирам здрава прехрана за децата, а вие зад грб ми јадете пржено и печено во јавност. Туку, тоа е друг проблем што треба да го расправаме. Ова е многу итно! Нејзината екселенција Џеси Блекбери најави дека доаѓа во 13.30 во итна адхок посета за да ни врачи протестна нота од Стејт департментот поради твојата последна неумесна изјава на конференцијата за печат. Во името на министерството си истрескал дека американските тенкови на вежбата во Криволак прегазиле две ласици, три ежа и една еребица. Сме го ебале ежот, заради оваа твоја изјава, да знаеш! Наводно, поради оваа твоја глупост нагло се кренало антинато расположението во земјата“, со благо збрчкано чело од скриената огорченост му говореше премиерот на посрамениот министер за фауна.

„Дали таа кучка доаѓа да нè строи или да нè штрои?“, со грижа во гласот проговори министерот. „Што мајка бара баш денес да ни доаѓа? Толку пренаглено? Останав без ручек поради неа“, се вознемири министерот и се потапка по дебелиот стомак, кој со придушени осцилации брановидно му се прелеваше над коланот од пантолоните. Потоа тој извади шамиче за да ја впие потта што му пребликна низ порите од челото и од дебелиот подбрадок.

„Сепак, мислам дека нејзината посета има сосем друга заднина. Туку, ајде, најпрвин да видиме што ќе побара од нас“, со шепот изговори премиерот и погледна во сопствената скриена камера, од која всушност и ние, т.е. ЦИА, цицаше дел од сигналот.

„И јас така си мислам, таа ни доаѓа ѓоамити за едно, а попатно ќе нѐ изнареди со уште 3–4 работи, исто како и минатиот пат“, одговори саркастично министерот. „Туку, што и да ни каже таа, ние да си примолчиме, зашто големи пари се во прашање. Не заборавај само дека американската влада ни даде милион и двесте илјади долари за проектот Ав-ав“, со кабает и со доза на неугодност потсети министерот.

Тој миг заѕвони фиксниот телефон кај премиерот. Секретарката со страв го извести дека пристигнала нејзината екселенција, амбасадорката на САД. Премиерот низ стиснати заби ја потсети дека треба да причека дваесетина минути, како што веќе предмалку ѝ беше објаснил.

Во дваесетте минути што следуваа, премиерот и министерот Коста си го пуштија телевизорот на каналот Шител и се загледаа во една турска серија за султанот Сулејман. Откако Сулејман заврши, тие си свртеа на Канал 4 и фатија да се ѕверат во сосем друга турска серија, на која не ѝ го научив името, но во која тој и таа ќе се земат, но набргу тој ќе ја измами со друга, побогата од првата.

Толку беа здодевни двајцава мажи, што веднаш се префрлив на преносот од камерите во азилот. Таму песот беше исклучително мирен, а ветеринарите крајно немирни. Чинам дека ова ми беше единственото искуство да гледам порнич подолго од пет минути. Овој младиов прч беше апсолутен рекордер во мојата доушничко-иследничка, т.е. шпионска кариера во ЦИА во поглед на времетраењето на првата партија без употреба на фармацевтско помошно средство. Нимфоманката, пак, повремено испушташе чудни гласови со некој глупав текст, од типот: „Те сакам“; „Те обожавам“. Нејсе, оваа сексуална фарса ја издржав со тоа што повремено си ѕирнував и во тројката, т.е. во кутрото милениче на професор Смиле, Викторчето. Одвреме-навреме ја вклучував и камерата број еден, поставена на влезот на азилот, додека чекав да се припојави Хектор со тајното кучешко братство.

Се молев да потрае и оваа секс-сеанса што е возможно подолго за да може Виктор да добие поголема шанса за преживување.