Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

21.02.2018 02:09
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

Јусуф Сулејман, Ананка (Антолог)

 

Голем шегаџија беше Арбин, затоа понекогаш, за да го засмее Меќабил, го задеваше со прашањето: „Што ти значи да бидеш Маџир, нели е тешка работа?“, велеше Арбин, помалиот брат на Ананка. Тоа го нагласуваше посебно кога ќе го видеше Меќабил, Карабатакот, како чудно замислено ги гледа гулабите што се вивнуваа во бескрајното сино небо, потоа правеа најразлични фигури кога слетуваа на земја. Тој како мало дете се восхитуваше на вештината и на храброста на гулабите, тогаш посакуваше и тој да се вивне што повисоко во синото небо, потоа со нив низ разни салта и вртења стрмоглаво да се спушти на земја. На Земја сакаше со раширени раце да го пречека неговата скриена љубов, Ананка... Меќабил беше зборлест човек кој постојано сонува и често го прашуваше Арбин, како можат гулабите од толкава височина да не го изгубат патот до својот дом.

-Како гулабите знаат во која вертикала да се спуштат во широкиот двор? – прашуваше Меќабил, кој сите го викаа Карабатак.

Арбин, со жалење го гледаше Карабатак, чудејќи се зошто така прашува, но ќе му одговореше дека тие од мали се подучени да си го препознаат домот. Дека тој ги научи како да слетаат во својот дом. Објаснувајќи му дека кога биле малечки, тогаш летале со своите родители, со нив учеле да се ориентираат, да го знаат својот дом... Дека тие како птици имаат вродена дарба за ориентација, затоа сега, кога се повозрасни и поучени од своите родители, знаат каде да слетаат, каде им е вистинскиот дом. Другите набљудувачи кои беа насобрани покрај гулабарникот, често се смееја на таквите прашања, но Карабатак не им замеруваше, него го интересираше чувството на гулабите за домот.

Кога ќе завршеше летањето на гулабите, Арбин ќе го заповедаше него да ги спотера гулабите во гулабарникот. Тогаш Карабатак беше пресреќен, ќе скокнеше од радост, со прачката во рака замавнуваше во воздух давајќи им знак на гулабите дека треба да се симнат од ќерамидите, да се приберат во својот гулабарник. Откако ќе влезеше и последниот гулаб, тогаш ќе им ја поставеше големата земјена тепсија со вода среде гулабарникот, а гулабите мажјаци ќе ја започнеа својата вечерна серенада на додворување на гулабиците. Карабатак ќе ги заклучеше, потоа клучот му го предаваше на Арбин, а тој ќе му речеше да ѝ го даде на Ананка да го стави кај другите клучеви. Е, тогаш, душата му се исполнуваше со некаква топлина, а срцето му доаѓаше до гуша, бескрајно младешки беше среќен и радосен. Беше радосен што ќе се види со својата скриена љубов, но истовремено и со голема тага ќе се соочеше со таа љубов што не смее да ја оддаде со ништо. А, пак, Ананка кога ќе го видеше Карабатак дека влегува кај нив со голема насмевка на лицето ќе му излезеше во пресрет повелајќи го да влезе кај татко ѝ кој секогаш сакаше да позборува со него.

Стариот чорбаџија беше заинтересиран за Карабатак, бидејќи од Арбин разбра дека е вредно работливо момче од сиромашни родители. Затоа стариот сакаше да посредува да му најде некоја домаќинска девојка за жена. Меѓутоа, Карбатак беше срамежливо скромно момче, ги одбиваше понудите што ги кажуваше стариот чорбаџија со внимание и со внимателно избран одговор, а често велејќи му:

-Чичко Бајазит, јас како машко должен сум и на мојата земја, мора да одам во војска. Нели секое здраво и право момче ја чека поканата од државата да појде да го заврши воениот рок како долг кон неа, кој не е мал, три и пол години, а жена не се остава на старите родители како товар.

Стариот Бајазит беше домаќин човек од стар ков, многу убаво знаеше зошто му кажува така Карабатак, не дека го одбива од бес, туку дека е загрижен за своите родители, но и дека не нашол соодветна девојка која би можела да го чека толку долго, а да не му го извалка образот. Затоа чорбаџијата Бајазит го сметаше како член на семејството, задолжително го задржуваше на вечера кај нив, потоа Карабатак можеше да појде дома. А на кутриот Карабатак душата му се исполнуваше со топлина што можел да вечера во присуство на Ананка, но се срамеше да му ја каже својата тајна на стариот чорбаџија. Се разбира, попрво би умрел, но и дека еден ден таа тајна ќе умре со него, ама никако, никогаш нема да ја спомне својата вљубеност, бидејќи Ананка него го доживуваше како помал трет брат, а стариот чорбаџија постојано му кажуваше дека го смета за син, за помал трет син...

Јанко Филиповски, Лузна (самостојно издание)

 

Поминаа шест месеци откако Крсто магистрира и беше дојден во татковината. Денес е годишнина од смртта на дедо му . Каков што е редот за годишнина се собраа сите од најблиската фамилија да се изврши поменот. На надгробната плоча беше убаво наместена сликата на дедо му од помлади години . Неговите мустаќи не беа толку големи колку што ги знаеше. Таква слика сакал , му појасни таткому и дополни дека во се’ постапиле онака како што оставил во аманет.

-Има ли уште нешто што ти го оставил како обврска?- го праша татко му.
-Ништо посебно , но кога ме прашуваш се присетив дека во неговата мала библиотека, помеѓу книгите бил сместен и некаков дневник. Тоа ми го кажа во последние денови од неговиот живот.Ти ме потсети за ова, ќе заборавев ако не ме прашаше. Претпоставувам дека му било важно тоа да ми го каже. Чудно ми е само зошто толку долго го криел тоа од сите нас.-Му кажуваше тивко татко му а тој гледаше само што побрзо да се заврши оваа церемонија за да провери што содржи дневникот што така лубоморно го чувал дедо му.

Само што се вратија дома, неговото лубопитство не издржи. Право се упати во малата библиотека на дедо му. Почна со ред да пребарува, од книга до книга. Му требаше навистина подолго време да го најде тоа што го бараше. Тоа беа всушност повеќе тетратки собрани на едно место , завиткани во бела хартија. Нигде не пишуваше дека е тоа дневник, но откако прочита неколку редови свати дека тоа што е напишано се случило во одредена година , при што сосема јасно свати дека е тоа всушност дневникот од дедо му. Веднаш го извести татко му и тој беше изненаден како никогаш не забележил дека на такви тетратки пишувал нешто, а најмалку верувал дека татко му запишувал важни настани.

-Кога ќе имаш време разгледај што пишувал и ако е нешто важно кажи ми,ти имаш повеќе време сега а и јас понекогаш ќе прочитам нешто -му рече татко му и влезе во гостинската соба .

Штом тетратките стигнаа до неговите раце , кај него се пробудија чудни чувства, почнаа да му се вртат прашања во главата што никогаш до тогаш не би ми паднале на памет.

-Што го натерало дедо му да пишува за нешто ?
-Од кога почнал тоа да го прави?.
- Која му била намерата?.
-Дали сите луѓе имаат потреба да запишуваат тоа што им се случило?.
- Се постигнува ли некоја цел?

Размислувајќи така и поставувајќи си сам на себе вакви прашања се присети на дедовите зборови кога го праша, зошто носи толку големи мустаќи, кога му зборуваше за лузната но и за онаа лузна што е во душата а не може со ништо да се сокрие , нити маскира. Сигурен беше дека дедо му имал лузна и во душата . Колку е се’ тоа , важно, помалку важно или неважно, никогаш однапред не може да се знае.

Реши тетратките да ги чита по редослед како дедо му ги класирал. Изброи осум тетратки. Кога ги нареди една над друга беа двојно поголеми од трите тома на романот на Толстој “Војна и мир” , па се присети колку време му требаше да го прочита тој роман како средношколец. Знаеше дека доколку сака сите тетратки да ги прочита брзо ќе треба целосно да ги запостави неговите обврски па реши пополека онолку колку што му дозволува слободното време . Веднаш свати дека ќе мора да скратува и од времето за кое одвојува за неговата Марта со која се сретнувавше најмалку еднаш неделно во Скопје. Реши денеска да ја отвори првата тетратка. Веднаш забележа дека на првата страница беше запишан датумот мај 1965 гоодина. Еве што забележал:

Денес имав чудесен разговор со мојата сопруга. Ме праша “до кога ќе ја чуваш лузната на устата под носот” , и дека навистина изгледам лошо, како да сум разбојник кој во меѓусобни расправии со други разбојници ме нападнал со нож и ми оставил траен белег. “Сите знаат дека ти е тоа последица од таа несреќа при падот со возилото кога се враќаше од Горна река , но сепак треба некако да ја решишл узната , јас незнам како , но дека треба , треба”! Ете онаа горна рана што ја имаше над челото не се гледа, па направи нешто и оваа рана да не се гледа.