Зошто на луѓето им е толку убедлив Џордан Питерсон? Зашто левицата не си ја средила куќата.

07.03.2018 13:56
Зошто на луѓето им е толку убедлив Џордан Питерсон? Зашто левицата си ја нема средено куќата.

Големата популарност на Џордан Питерсон, кој беше непознат канадски клинички психолог и универзитетски професор пред да стане љубимче на алтернативната десница, е доказ дека либерално-конзервативното „тивко мнозинство“ конечно си го најде гласот. Питерсон, кој вели дека замислата за привилегија на белци е „марксистичка лага“ и расправа дека „радикалните феминисти“ не зборуваат за прекршување на човечките права во Саудиска Арабија поради нивната „потсвесна желба за сурова машка доминација“, брзо расте како критичар во широката јавна сфера.

Неговите предности во однос на претходната анти-ЛГБТ ѕвезда, Мајло Јанопулос се очигледни. Јанопулос беше досетлив, брзо зборуваше, полн беше шеги и сарказми, и отворено беше геј – беше сличен, во многу аспекти, со културата која ја напаѓаше. Питерсон е спротивното: тој комбинира пристап на „здрав разум“ и (навидум) непристрасна научна аргументација со горчлив бес кон заканата за либералните основи на нашите општества – ставот му е: „Што е доста, доста е! Не се трпи веќе!“

Лесно е да се увидат дупките во неговото застапување на чисти факти против „политичката коректност“: не само што често се потпира на непотврдени теории, туку поголемиот проблем во тоа e параноичната граѓа која ја користи да го протолкува тоа што го сфаќа како факт. „Фактите се факти“, вели често, пред да каже дека „замислата дека жените биле угнетени низ историјата е одвратна теорија“ и дека гледиштето дека родот е социјална конструкција е „како да тврдиме дека земјата е рамна“.

Жак Лакан напишал дека дури иако тврдењата на љубоморниот маж за жена му (дека спие со други мажи) е вистина, љубомората е сепак патолошка: патолошкиот елемент е потребата на мажот да биде љубоморен, како единствен начин да си го задржи достоинството, па и идентитетот. Во слична смисла, може да се каже дека дури и ако Нацистичките тврдења за Евреите се вистинити (експлоатираат Германци, заведуваат германски девојки итн.) – што се разбира дека не се – нивниот антисемитизам сепак би бил (и бил) патолошки феномен зашто ги потиснува вистинските причини заради кои антисемитизмот им бил потребен на Нацистите за да си ја одржат идеолошката позиција. Во Нацистичката замисла, нивното општество е органска целост на усогласена соработка, па потребен е надворешен натрапник за да се оправдаат поделбите и антагонизмот.

Истото важи и денес, за тоа како анти-имигрантските популисти му приоѓаат на „проблемот“ со бегалците: му приоѓаат во атмосфера на стравување, од претстојната борба против „исламификацијата“ на Европа, и се фаќаат во низа очигледни апсурдности. За нив, бегалците кои бегаат од теророт се исти како терористите од кои бегаат, без да го согледаат очигледниот факт дека, иако веројатно меѓу бегалците има терористи, силувачи, криминалци итн., големото мнозинство се очајни луѓе кои бараат подобар живот.

Со други зборови, причината за проблемите кои се својствени за денешниот глобален капитализам се проектираат врз надворешен натрапник. Анти-имигрантскиот расизам и сексизам не се опасни бидејќи се лага; најопасни се кога лагата е претставена во облик на (делумна) фактичка вистина.

За жал, либералната, левичарска реакција кон анти-имигрантскиот популизам не е ништо подобра. Популизмот и левичарската „политичка коректност“ ги следат двете комплементарни форми на лажење кои ја следат класичната поделба меѓу хистерија и опсесивна невроза: хистеричниот ја кажува вистината во облик на лага (тоа што го вели буквално не е вистина, но лагата, во лажна форма, изразува вистинска поплака), додека опсесивниот невротичар буквално кажува вистина, но вистината и служи на некаква лага.

Популистите и политичко коректните либерали ги користат и двете стратегии. Прво, и двете страни се потпираат на фактички лаги кога тие се во полза на тоа што популистите го гледаат како вишата вистина на нивната кауза. Религиозни фундамендалисти поддржуваат „лажење за Исус“ – на пример, за да го спречат „страшното злодело абортус“, дозволено е да се шират лажни научни „вистини“ за животот на фетусите и медицинските опасности на абортусот; со цел да се пропагира доењето, се дозволува да се пропагира како научен факт тоа дека избегнувањето да се дои предизвикува рак на дојка, итн.

Просечниот анти-имигрантски популист бесрамно шири непотврдени приказни за силување и други кривични дела кај бегалците, со цел да се уверат во нивното „знаење“ дека бегалците претставуваат закана по нашиот начин на живот. Пречесто, ПК либералите постапуваат слично: ги прескокнуваат суштествените разлики во „начинот на живот“ кај бегалците и Европејците зашто ако се спомнат ова може да се протолкува како застапување на евроцентризам. Сетете се на скандалот со сексуалната злоупотреба во Ротерхам, каде се избегнуваше спомнување на расата на сторителите за нешто да не се протолкува како расизам.

Спротивната стратегија – лажење во облик на вистина – е исто така честа практика на двете страни. Ако анти-имигрантските популисти не само пропагираат фактички лаги туку и итро користат делови фактичка вистина која дава аура на вистинитост на нивните расистички лаги, застапниците на политичка коректност исто така го практикуваат ова „лажење со вистина“: во борбата против расизмот и сексизмот, во главно цитираат клучни факти, но често ги испревртуваат во нешто погрешно. Популистичките негодувања ја ставаат вистинската фрустрација и чувство на загуба на грбот на надворешен непријател, додека ПК левицата користи валидни поенти (забележување на сексизам и расизам во јазикот итн.) за повторно да се постави како морално супериорна, и со тоа спречува вистинска промена во општеството.

И затоа избувнувањата на Питерсон имаат такво дејство. Неговата луда теорија на заговор за тоа како ЛГБТ+ правата и #MeToo се последните нишки на марксистичката цел да се уништи Западот, се разбира, е пресмешна. Не ги согледува внатрешниот антагонизам и недоследности во самата либерална агенда: тензијата меѓу либералите кои се подготвени да прифатат расистички и сексистички шеги за да се зачува слободата на говор и ПК регулаторите кои сакаат да ги цензурираат, гледајќи ги како пречка за слободата и достоинството на жртвите на овие шеги, нема никаква врска со автентичната левица.

Питерсон обрнува внимание на тоа што многу од нас го гледаме како погрешно во политичко коректниот универзум на опсесивна регулација – проблемот кај него не е во неговите теории туку во делумните вистини врз кои се темелат. Ако левицата не може да им се посвети на овие ограничувања во својата агенда, тогаш води изгубена битка.

извор: independent.uk

 

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Европа / Став

ОкоБоли главаВицФото