Мислење во сојуз: Интервју со Џудит Батлер

09.04.2018 20:36
Мислење во сојуз: Интервју со Џудит Батлер

 

Според мене, задачата не е да се најде единствена или синтетичка рамка, туку да се најде начин за мислење во сојуз“.


Џудит Батлер, секако, остави свој траг на родовите студии. Нејзиното критичко дело за феминистичката мисла и психоанализата, заедно со нејзините читања на Дерида и Фуко, ја направија интелектуална референтна точка ширум светот. Родена во Кливленд, филозофката, предава литература на Универзитетот во Калифорнија, Беркли. Нејзиното капитално дело „Проблеми со родот“ (Gender Trouble), објавено во САД во 1990 година, ја редефинираше феминистичката политика на субверзија. Мислата на Џудит Батлер е вознемирувачка, бидејќи таа одлучи да влезе во „проблематичната артикулација“ на родот и сексуалноста, воведувајќи го концептот на „перформативност“. Мислата на Батлер се осврнува на маргините („квир студии“) и повикува на деконструкција на нестабилните идентитети. Таа ја доби наградата Адорно (Adorno Prize) во 2012 година.

 

Што се промени со движењето #Metoo?

Важен придонес на „#metoo“ е дека пoширока јавност е во можност да го сфати системското и сеприсутно постоење на принудно сексуално однесување против жените. Тоа не се само серија инциденти, туку тие укажуваат на тоа дека карактерот на сексуална принуда се зема здраво за готово. Исто така, важно е затоа што многу често жените се чувствуваат засрамени кога претрпеле сексуално насилство. Значи, приказната не е кажана, а продолжува и притаениот статус на оваа форма на насилство. Многу луѓе сега веруваат дека феминистичката теза, имено, дека ваквото однесување е распространето и статус кво, конечно стана уверлива. Напорите за хистеризирање на жените кои ја раскажуваат приказната за да се жалат веќе не се воопшто плаузибилни. И можеби тие ќе станат уште помалку плаузибилни во иднина.


Од Маршот на жените по изборот на Доналд Трамп во САД, феминистичкото движење е во срцето на предизвикувањето на патријархалниот, конзервативниот и неолибералниот систем. Дали феминизмот стана претставник на нов „пролетаријат“, во марксова смисла, „класа“ чиј интерес е да се собори воспоставениот поредок?

Не, јас не мислам дека жените се нов пролетаријат, иако работничката класа и сиромашните жени отсекогаш биле дел од таа класа. Навистина, не постои начин да се размислува за класите без да се размислува за диспропорционалните начини на кои жените страдаат од сиромаштијата и неписменоста. И не можеме да размислиме за категоријата жени без да размислуваме за класата. Овие категории се веќе дел една од друга, а не одвоени оски на моќ. Се разбира, оние што теоретизирале за класите не секогаш обрнувале внимание на жените, а феминист(к)ите понекогаш се фокусирале на патријархатот исклучувајќи ја класата. Но, ни требаат побогати описи отколку што таквите рамки можат да ни обезбедат. Ако прашаме, како класата се проживува како род? Или како расата се проживува како класа? - почнуваме да согледуваме колку текстурирани можат да бидат реалностите во рамките на нашите начини на застапување, и тие ќе ја направат нашата политичка анализа пожива и попривлечна. Некои ова го нарекуваат интерсекциски.


Кој е патот од предизвикување на маскулинистичката и капиталистичка доминација до градење политички алтернативи? Каде треба да бараме обединувачки политички проект?

Колку и да е важно да се размислува за идејата на Бурдие за машката доминација и континуираната искористувачка и отуѓувачка моќ на капитализмот, тие не се единствените два вида моќ на дело. Не е јасно, на пример, дали неолиберализмот е исто што и доцниот капитализам или  тоа е посебен вид на моќ. Понатаму, дискриминацијата врз основа на род не е секогаш иста како и дискриминацијата врз жените. Многу луѓе кои не се конформираат со родовите норми - машки или женски - страдаат од дискриминација и насилство, и таа форма на родова дискриминација не може да се објасни со рамката на машката доминација. И дискриминацијата врз основа на расата, имигрантскиот статус, религијата и сексуалноста треба да се сфати како дел од сегашната клима на реакционерна политика. Според мене, задачата не е да се најде единствена или синтетичка рамка, туку да се најде начин за мислење во сојуз. Сојузот е широк и се шири, и тоа е борба за порадикална демократија. Ако постои заеднички политички проект, треба да се бара во афирмацијата на едно општество кое ќе се здружи за да се бори против новите форми на авторитаризам и фашизам - жените и нивните сојузници, без сомнение, ќе бидат во првите редови, но исто така ќе бидат квир и транс луѓето, илегалните мигранти, и оние чија работа повеќе не им носи плата со која можат да преживеат. Ако знаеме за што се бориме и каков свет сакаме да изградиме, може и ќе ја најдеме нашата заедничка цел.

Тие сè уште спалуваат вештерки ...

Сликата ја прикажува омразата на ултра-конзервативците и верските фундаменталисти за делата на оваа водечка личност во родовите студии. Поканета да учествува на конференција во Бразил во ноември 2017 година, Џудит Батлер беше пречекана со невообичаено насилни демонстрации. Присуството на обезбедувањето спречило непријателствата да избијат уште на меѓународниот аеродром во Сао Паоло, економски и културно, главниот град на земјата. Навредите беа придружени со акции. Демонстрантите мафтајќи со распетија изгореа „вештерка“, кукла со ликот на Батлер. Ова упатуваше на практиките на Инквизицијата каде што „опседнатите“ беа уништувани во оган. Реакцијата на филозофката? „Бев ужасната. Веројатно луѓето што изгореа кукла што наликува на мене, претставувајќи ме како вештерка која ги брани транс луѓето, не знаеа дека жените што биле нарекувани вештерки и спалувани живи, биле жени чии верувања не соодветствувале со католичката догма. .. На вештерките им се припишуваат специјални моќи, како жртвени јагниња чија смрт би требало да ја прочисти заедницата од морална и сексуална корупција“.

Првично објавено во l'Humanite.

Извор: versobooks.com

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Балкан / Теорија

ОкоБоли главаВицФото