Повреденото дете

19.04.2018 17:41

Повреденото дете ќе те гризне.
Повреденото дете ќе се претвори
во страшно суштество
и ќе те гризе каде и да си.

Повреденото дете ќе си порасне кожа
врз раната што си му ја нанел
- или не си му ја нанел, оти раната
не е подарок, подарокот се прифаќа
слободно, а детето немаше избор.

Ќе си порасне кожа врз раната,
скриената рана, наследената рана,
а ти излезе од себеси како куршум
и се заби во неговото месо -
кожа, кошулка, крзно,
ред крлушки,
остри рибји заби
како деформирани бебешки -
и тоа ќе те гризне

и горко ќе плачеш
како што ти е навика

па ќе има битка
затоа што ќе ја извадиш битката од кутија
што е грижливо сместена за итни случаи
и на која пишува Битки, а ова е таков случај,

и повреденото дете ќе ја загуби битката,
и ќе тргне да талка
по предградијата, и ќе предизвика
паника во продавниците и метеж
кај скараџиите
и тие ќе извикаат Помош помош, чудовиште
и тоа ќе го има на вести

и потоа ќе го ловат
со кучиња, и тоа ќе остави трага
од коса, крзно, крлушки, бебешки заби, и солзи
од таму каде што било расечено
од скршено стакло и слично

и тоа ќе се крие во канали,
во шупи, во грмушки,
ќе си ја лиже раната, бесот,
бесот што ти му го скорна,
па ќе се одвлече до бунарот

езерото потокот резервоарот
оти ќе е жедно
оти е чудовишно
со збесната жед
што личи на трње никнато врз него

и кучињата и ловците ќе го најдат
и ќе го начекаат во заседа
и ќе рика поради неправдата
и ќе го расчеречат
и ќе му го изедат срцето
и секој од нив ќе вика од радост,
Фала му на господа, заврши!

И крвта ќе шурне во водата
и ти ќе ја пиеш секој ден.

Превод: Зоран Анчевски

ОкоБоли главаВицФото