Кулата на Хелдерлин

21.04.2018 16:44

Ченгдујска 34, стан број 5,
први кат, три скали
и потоа право и веќе в лице ти се залетува
голема плочка, најголемата во Фужине, ако не
и во цела Љубљана – достојна за поет. На вратата
ја залепи татко ми, на неа пишува ЗУПАН.
Тоа е мојата кула, кулата на Хелдерлин.
Што е право, не ми ја подари столарот
кому во знак на благодарност му повикав божество,
туку ми го даде под наем Месната заедница
Љубљана Центар, со иста таква намена.
Сега повеќе од времето поминувам тука.
Лежам, спијам, ја чекам Наташа, притискам на далечинското,
чекајќи на некој од каналите да започне
фудбал. Марјан Рожанц би рекол, мисата
на дваесеттиот век. Се врткам околу шпоретот.
Правам ризота, тестенини, супи.
Вадам чуда од рерната. Мешам салати.
Руколата е задолжителна. Макам леб во маслиново
масло. Го јадам Медитеранот. Кога Наташа се враќа
и таа го јаде Медитеранот. А најмногу сакам
да сум слеп патник на бродот што плови во детството.
Потоа сето тоа го запишувам. Некои читаат
и четивото со гадење го отфрлаат.
Некои читаат и се вљубуваат во напишаното.
Нив најмногу ги сакам. Никаде не треба да одам.
Го вртам невидливиот глобус. Во него ги боцкам
знаменцата на моите поранешни и идни експедиции.
Навечер им ги заклучувам устите на книгите
за да не се препираат. Надвор тече Љубљаница што мисли
дека е Некар. Но Некар може да е само
Трбовељшица. Чекорам крај Љубљаница.
Се возам со ролерки. Сè понепретпазливо.
Веќе почнав да скокам по тротоари. Засега сè уште
без последици. Наместо со сета должна почит
кон великаните постојано да мрморам „Палакш, Палакш“,
јас гласно викам на игралиштето: „Дај ја топката.
Бегај во одбрана. Престани да играш сам!“
Луѓето ме бараат по телефон, ме будат
од поетски транс и ме прашуваат:
„Господине Зупан, дали можеби веќе ги прочитавте моите песни?
Што мислите за нив?“ Не знам повеќе
каков изговор да најдам. Би сакал да прекинам со оваа
аргатска работа. Не се снаоѓам добро
во полето на нежните души. Никој никогаш не доаѓа
на гости. Поетските енергии во овој простор
премногу би го усреќиле народот, а тој од тоа се плаши.
Бог знае за што ме обвинуваат соседите.
За перење пари. За трговија со оружје. За трговија
со бело робје. За препродажба на соништа.
За ценкање со зборови што исцелуваат најтешки рани.
Моите фотографии ги објавуваат во весници.
Последниот пат со избрани зборови и внимателно
промислени и обликувани реченици зборував
во централниот дневник на приватната телевизија.
А луѓето пак си рекле: „Овој, па овој сигурно е богат!“
Јас не се гледам на телевизија. Камерата премногу
ме здебелува. Порано копнеев по внимание, по сјај
и рефлектори, посакував некоја непозната убавица да ме повлече
за ракав и да ми рече: „Веќе долго те барам,
уште поубав си одошто на фотографија, дали си тоа воопшто ти?“
Денес уживам што живеам во илегала. Што наизменично читам
теолошки расправи и спортски страници.
Прво половина час Гравитација и милост,
па половина час Меѓународен фудбал.
Редоследот не е најважен,
а ефектите се уште сега изненадувачки.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото