Почина Метка Крашовец

26.04.2018 23:58
Почина Метка Крашовец

На 77-годишна возраст почина Метка Крашовец, јавува MMC. Таа беше една од клучните фигури на словенечката ликовна уметност, долгогодишен професор на Академијата за ликовна уметност и дизајн во Љубљана, како и член на Словенечката академија на науките и уметностите.

Таа ќе остане запишана во словенечката уметност со ремек-дела од различни периоди од нејзиното творештво. Се смета за голем талент на словенечкото сликарство, а нејзиниот опус ги опфаќа дисциплините цртеж, графика, илустрација и графички дизајн. По дипломирањето на Академијата за ликовни уметности во Љубљана во 1964 година, специјализирала кај Габријел Ступица и Рико Дебењак, а студирала и на Кралскиот колеџ во Лондон и во САД.

 

Од нејасни слики до метафизичка реалност

Во раните дела, во времето на новата фигурација, именувана и како експресивна фигурација, како локално ехо на современите меѓународните текови, како што е поп-артот, таа прикажувa архитектура и ентериери со загасита црвена боја и внатрешна метафизичка светлина, а подоцна, за време на доминација на естетиката на новата слика, сликала оригинална, интимна симболика со поекспресивни форми. Значаен пресврт во нејзиното творештво се случил од 1986 година, кога таа се насочила кон монументални, класицистички замислени отворени сцени, обично со женски фигури, пејзажи со чемпреси и чести мотиви со вода, или со рефлексија на нејзината површина.

Со овие елементи создала впечаток на метафизичка реалност и копнеж за апсолутна убавина. На студиозните слики, резултат на долготраен творечки процес, повлекувајќи се во изолација, во различни креативни периоди поставувала противтежа низ серијата фигурални цртежи кои одразуваат хипнотичност, несвесно и контрола на повлекувањето.

Опсежен преглед на нејзиниот опус беше поставен во Модерна галерија во изложбената сезона 2012.

Метка Крашовец и Томаж Шаламун во Мексико, јануари 1979 година
(Фотографија: Тоне Хочевар)

 

Прва дама на Љубљанската академија

Метка Крашовец се вработи на Љубљанската академија како една од првите професорки, всушност како прва со вистински стаж на професорка по сликарство, ментор на академски класи, од кои се појавија многу уметнички таленти. Таа e присутна и на опсежната групна изложба „Присуства“ (Prisotnosti), која минатиот петок беше отворена во Кибла во Марибор. Нивните дела беа изложени во дијалог со делата на Крашовец, од која со оваа изложба се збогуваа во голем стил. Пред смртта таа одлучи да направи голема донација на нејзините дела во Националната галерија. Тоа е подарок, кој вклучува и многу нејзини слики и дела на хартија.

Во 2016 година Центарот за поезија „Томаж Шаламун“ се збогати врз основа на нејзина донација. Збирката на Центарот содржи книги поезија, литературна теорија и фикција од  библиотеката на нејзиниот партнер, кој почина две години порано; во неа има многу оригинални книги на истакнати странски автори со посвета, а во колекцијата се сите  авторски книги на Шаламун и преводи од неговата поезија на дваесет странски јазици и списанија во кои се објавувани неговите песни.

Крашовец добила бројни награди. Покрај големата награда „Прешерн“ за животно дело, ја добила наградата на Прешерновиот фонд, како и наградата „Јакопич“. Таа е една од првите жени што влезе во постојаната колекција на Модерна галерија, а во 2015 година стана и вонреден/дописен член на одделот за уметност на Словенечката академија на науките и уметностите (САЗУ). Во долгата историја на оваа монолитно машка институција, пред неа, во седумдесеттите години на минатиот век, ист статус имала денес помалку познатата сликарка Аница Зупанец - Содник (Anica Zupanec - Sodnik).

Метка Крашовец, Жртвување, 2006, акрил на платно
 

Бреда Колар Слуга, директор на Уметничката галерија Марибор:

Извонреден уметник, да не заборавиме: единствената професорка по сликарство на Академијата за ликовни уметности и дизајн!, мајсторка на ликовната артикулација, перфекционистка, но и големa магионичарка на чудењето, страствена патничка низ просторите на осаменоста. Во моето сеќавање останува еден разговор токму пред доделувањето на Прешерновата награда и завештание дека ќе биде запишана во историјата како еден од клучните чувари на сликарството. На сликите им осигура долг живот и опстанок.

Владимир П. Штефанец, ликовен критичар:

Кога мислам на Метка Красовец, во мене можеби најпрво проблеснува интензивната портокалово-црвена од нејзините постари платна со архитектонски мотиви, љубљанската Францисканска црква, и тогаш се сеќавам на милноста на нејзините ангелски ликови, чемпресите, богатата сина боја и надземски метафизичката тишина, духовниот спокој, класичните уметнички вредности ...

Од сите дела од нејзиниот опус, сепак, најсилно ме допре нејзината тивка потрага по хармонија, највеќе во нејзините помали, интимни акварели.

Метка Крашовец, Францисканска црква, 1970

 

Метка Крашовец, Сфинга, 1982, акрил на хартија

 

Метка Крашовец, Сон, 1990, акрил на платно

 

Метка Крашовец, Чекајќи ја пролетта во Томпкинс парк, 2000, акрил на платно

Извор: delo.si

ОкоБоли главаВицФото