Симон Узуновски (1949 - 2018)

10.12.2018 14:06
Симон Узуновски (1949 - 2018)

Многу е тажно кога некој многу мил и особено креативен уметник тивко ќе ни рече збогум

Симон Узуновски е еден од пионерите на интерактивните инсталации кај нас. Почнува да експериментира со обични и кревки / нежни материјали: дрво, селотејп, вода, стакло, весници... Влегувањето во игра на тривијални средства за работа не е само од формална природа, туку преку трансформациите на густината, тежината, бојата, структурата, видот итн., тие вршат екстензија на психолошки и сетилен план.

Токму кога зема замав ‘Естетичката лабораторија’ на Филозофскиот факултет (ФФ) во Скопје, се случуваат уметнички настани од поинаков карактер од дотогаш практикуваниот. Во Аулата на ФФ Узуновски го создава делото "Галичица" (1976) оформено од весници, жица и селотејп и поставено во висечка позиција. Публиката е поканета да партиципира во креирањето на примарниот концепт на оваа инсталација, која тогаш терминолошки е детерминирана и како амбиентална пластика. Авторот инсистира да укаже на фактот дека каквоста и квалитетот на ликовната граѓа не се гола егзибиција и желба за сензационални постапки, туку дека се во функција на нов концепт кој укажува на поинакво перципирање и естетско трансформирање на секојдневните погледи на околината (полиња, езера, планина, грмушки).

Транслацијата на природата во ликовни претстави со природни средства (Птица, Бавча, Грмушка, Пиргон, Чинар, Преспа, сите од 1976.) на чудесен начин ги спојува енергиите на она од генезата (вода, дрво) со цивилизациското (стакло, селотејп, весници).

Транспарентноста на средствата и непретенциозноста на идеите во сите негови дела од таа фаза, во која секако треба да се споменат и неговите познати "Тркалајки" (1976) - дела во процес – изработени од селотејп, коишто зависно од желбата за постојано движење, постојано се зголемуваат - растат, со тенденција на своевидни no ending works. Без разлика на транспарентната и фрагилна структура на селотејпот, неговото постојано виткање преку тркалање создава стојности на волумен и маса (цврсти скулпторски доблести) и така се оформува една нова креација која покрај споменатите класични атрибути има сосема нова визуелна структура која ја спречува овие творби да ги толкуваме како традиционални. Пластичните кеси полни со вода од Преспанското Езеро и фиксирани на панелска плоча во објект-инсталацијата "Преспа" и гуменото црево вдлабено во дрвена подлога на делото "Пиргон" се минималистички пејзажи обмислени на софистициран начин.

Едноставноста на идејата и спонтаната изведба им овозможуваат и денес да ја носат аурата на актуелноста. Од овој период датираат и неговите "Списоци" (1975), обични анотации кои, речиси, секој од нас ги пишува на мали ливчиња, пред да ги направи секојдневните набавки. Издигнувањето на списочињата, од најтривијални дневни дребулии, на ниво на ликовни концепти, е во природата на транслацијата на редимејдите во ликовни дела. Во случајов Узуновски е повеќе на страната на хоризонтализацијата на претставата особена за сликата, отколку на ниво на третата димензија.

Ќе ни недостасуваат многу креативните луцидни дела на овој мајстор на другоста.

 

Слични содржини

Живот / Култура / Уметност
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Психологија / Живот / Уметност

ОкоБоли главаВицФото