1032 hPa
93 %
0 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 02:59
Апстрактните текстилни скулптури на Џудит Скот се почитувани поради нивната вчудовидувачка визуелна комплексност. Во седумнаесетгодишната кариера Скот создала исклучително оригинален опус.
Како и самата Скот, нејзините скулптури се силно индивидуалистички. Таа во почетокот стекнала слава како аутсајдерска уметница, кон што придонел фактот дека била дијагнозирана со Даунов синдром, имала оштетен слух и проблеми со говорот. Меѓутоа, со текот на времето фокусот на нејзината попреченост избледел и на крајот станал само фуснота во приказната за светски познатата уметница.
Делата на Скот станале исклучително популарни во светот на аутсајдерската уметност, нејзината слава растела и музеите и галериите ширум светот организирале изложби и ги купувале нејзините дела за своите постојани колекции. Некои нејзини дела се продадени за повеќе од 15.000 долари.
Холанд Котар во својот прилог објавен во Њујорк Тајмс по повод изложбата во Бруклинскиот музеј во 2015, насловен „Тишина спакувана во елоквентни чаури – таинствените скулптури на Џудит Скот“, пишува:
„Скулптурите на Скот стојат како големи, неотворени пакети со непозната содржина. Во некои се наѕираат предмети под слоеви цврсто врзани со жици и платнени ленти: детски стол, кујнски алатки, а во еден амбициозен примерок количка за купување. Некои дела укажуваат на контури од музички инструменти, оружје или алати. Повеќето се неправилно опкружени и прекриени со плашт од предиво во светли бои. Сите се неименувани, изгледаат како огромни спакувани подароци, иако тешко е да се процени нивната тежина или осетот што го предизвикуваат на допир. Тешки или лесни? Меки или тврди?
Можете сите да ги идентификувате како апстрактни скулптури и тука да застанете, иако тоа изоставува нешто витално: јасни докази за работата на рацете и умот кои плетат линии и бои еднакво прецизно како потези со четка на слика. Но што изразуваат? Мистеријата предизвикува шпекулација. Се јавуваат асоцијации на ритуали, игри и слики од науката: гнезда, циркулаторен систем, нервни влакна. Така се создава врска со историјата на уметноста, вклучително и историјата на текстилната уметност, стара и нова, која произлегла од рацете на жените.“
Џудит Скот била родена во Охајо во 1943. Имала сестра близначка, Џојс, со која биле неразделни во раните години. Џојс се сеќава дека имале идилично детство.
Со текот на годините почнале да се манифестираат разликите во нивниот развој. Кога Џојс почнала да зборува, Џудит уште не можела. Поради тоа сите мислеле дека таа имала тешка ментална попреченост, но нејзиниот оштетен слух не бил согледан со години. Кога започнала да го посетува единственото државно училиште за деца со потешкотии во учењето, таму оцениле дека не е способна за образование. Од тој момент притисокот од докторите и психолозите започнал да расте - во тоа време било нечуено деца со тешка попреченост да живеат со своите родители. Мајката на Џудит, Лилијан, била соочена со тешка одлука.
Есента 1950-та година, кога близначките имале 7 години, тие биле разделени. Џудит била ставена под старателство на државата Охајо и живеела во институции за луѓе со попреченост. Во тие институции „негата“ за пациентите била во најдобар случај базична и механичка, а често односот бил суров и насилен.
По многу години, Џојс, наспроти желбите на мајка си, ја побарала Џудит и почнала да ја посетува. На крајот таа одлучила да стане правен старател на сестра си. Тоа бил мачен процес на преговарање, но конечно во 1985 година Џудит се преселила кај семејството на Џојс, во Калифорнија, држава во која лицата со попреченост имаат право на доживотно образование.
Во 1987 Џојс ја запишала Џудит во Центарот за уметност за креативен раст во Оукленд, како занимација во слободното време. Таа работела како медицинска сестра па не можела да се грижи за сестра си постојано.
Центарот бил посветен на работа со луѓе со ментални и психолошки потешкотии, давајќи им целосна уметничка слобода. Џојс Скот атмосферата таму ја опишала како „радосна“.
Речиси две години Џудит била незаинтересирана. Не уживала во цртањето, скулптурата ниту во шиењето. Но, една работилница за текстилна уметност одржана од уметницата Силвија Севенти го променила тоа. Конечно Џудит открила нешто во што уживала и, уште поважно, нешто за што имала вроден талент. Таа спонтано започнала да обвиткува предмети во конци и ткаенини и ги создала своите најрани дела, често нарекувани „тотеми“.
Оттогаш не запрела и постојано создавала. Нејзиниот процес бил непредвидлив и инстинктивен. Виткала конци и волна околу разни предмети – си присвојувала списанија, столови, велосипедски тркала... Тоа за Џудит брзо станало средство за комуникација, со оглед дека поголемиот дел од животот била вербално и социјално „блокирана“. Нејзините први дела ѝ биле првите зборови.
Нејзината дарба била препознаена во Центарот, и ѝ била дадена целосна власт врз студиото. Немало предмет што не бил врзан во конци. Знаела со денови, недели, дури и со месеци да работи на едно дело. Станувала многу пофокусирана и не дозволувала прекинувања и нарушувања. Постепено чувството за избор на материјали ѝ се изострувало, пребирала разни бои и нијанси, долго обвиткувајќи ги предметите.
Не само што откривала долго скриен талент – Џудит се пронаоѓала себеси. Станувала посамоуверена, и уживајќи во вниманието што започнала да го привлекува, почнала и поекстравагантно да се облекува.
Нејзиниот работен циклус бил постојан - пет дела неделно цели осумнаесет години. Создала повеќе од 200 скулптури налик на кожурци. Многу од нив може да се најдат во меѓународни музеи и во приватни колекции. Некои од нив се мали и интимни, некои се огромни.
Нејзиниот опус е апстрактен одраз на нејзиниот живот: разнобојното, идилично детство, осаменоста и изолацијата на институционалната нега, и првенствено релацијата со сестра ѝ Џојс; едно од делата наликува како да претставува две близначки кои посегаат една кон друга.
Во 1999 нејзината прва изложба се поклопила со објавувањето на книгата на Џон Мекгрегор „Метаморфози: уметноста од конци на Џудит Скот“. Книгата била многу корисна во претставувањето на делата на Џудит пред многу поширока публика и ја направило меѓународно препознатлива како „уметник аутсајдер“. На крајот нејзината попреченост станала секундарна за нејзината уметност и делата ѝ станале славни сами по себе.
Луан Мартино, уметница и професорка по сликање во Монтреал, вели за уметноста на Скот:
„На Скот ѝ приоѓам формално, материјално. Не нужно ги гледам во нејзините дела разговорите за нејзиниот живот. Разбирам зошто луѓето го гледаат или сакаат да го видат тоа. Но нејзините дела се толку минималистички на разни начини, толку апсолутно присутни и ненаративни – и во тоа за мене се состои нивната сила. Во себе содржат некакво одбивање. Токму како најдобрите минималистички дела, спречуваат раскажување. Гледачот мора да се фокусира на она што е пред него, да прошета оолу него, да го види овој вид материјалност. Она што уште повеќе го ценам кај делата на Скот е комплексниот начин на кој ги врзува нештата заедно, како ги заплеткува. Толку силно физички, детализирано, неразлетано.
Понатаму, нејзината палета на бои, која е многу отворена – не оддава чувство дека таа го „дизајнира“ делото. За мене тие дела поттикнуваат идеи врзани за сликањето и за теоријата на бои и зборуваат како нештата се вклопуваат и како бојата зборува самата со себе – кога нештата се неусогласени и кога фино се спојуваат. “
Делата на Џудит Скот се изложени во постојани поставки во музеите во Париз (Франција), Прага (Чешка), Менхетн (Њујорк), Сан Франциско (Калифорнија), Чикаго (Илиноис), Даблин (Ирска), Оукленд (Калифорнија), Лозана (Швацарија), Балтимор (Мериленд)...
Режисерката Бетси Бајх од Сан Франциско во 2006 прикажала триесетминутен документарен филм Outsider: The Life and Art of Judith Scott. Истата година Лола Барера и Инаки Пенафиел го прикажале документарниот филм за Џудит Скот ¿Qуé tienes debajo del sombrero? Скот Огден и Малколм Хенри во 2009 година наравиле филм кој ги истражува животите и уметничките техники на Џудит Скот и на неколку друг самоуки уметници.
Џудит станала првата уметница со Даунов синдром претставена во Музејот на модерна уметност во Сан Франциско.
Џудит Скот починала во 2005 година, живеејќи 49 години, подолго оод она што своевремено ѝ предвидувале.
Фотограф: Leon Borensztein