Спилберг ja врати старата магија

03.05.2018 01:30
Спилберг ja врати старата магија

Стивен Спилберг, седумдесетгодишниот режисер си ги мести очилата додека му го поставувам прашањето и чувствувам како низ слепоочницата ми течат капки пот. Седевме во конференциската сала на Универзал студиото и разговаравме за еуфоријата што ја предизвика неговиот нов епско – фантастичен филм „Ready Player One“ на фестивалот „Југ – југозапад“ во Остин, Тексас. Овој високобуџетен филм луѓето го нарекуваат големото враќање на Спилберг на славата од времето на „ET“ и „Jurassic Park“.

„О боже, каква ноќ. Се чувствував како повторно да имам десет години“. Не постои поинаков начин да се постави ова прашање: дали влегол во сето ова за да докаже дека не го изгубил чувството? Ако по гледањето на „Ready Player One“, публиката кажува дека се вратила старата магија на Стивен Спилберг, тоа значи дека верувале дека таа исчезнала.

Навистина сум премногу зафатен, и приватно и работно, за да размислувам за успехот и неуспехот. Секогаш се движам многу брзо и не гледам многу кон минатото. Заради тоа и никогаш не сум гледал филмовите откако ќе излезат во кино“, вели тој и додава: „Секогаш сум кажувал дека нема да западнам во носталгични размислувања“. Освен ако не снима филм кој е носталгично размислување.

„Ready Player One“ е адаптација на романот на Ернест Клјан од 2011 година и е преполн со референци на поп културата од осумдесеттите години – што е ера во која доминираше Спилберг, било како режисер или како продуцент („Враќање во иднината“, „Гунис“, „Полтергајст“, да спомнеме само некои од хитовите на кои сите се сеќаваат од тоа време).
Насловот на новиот филм се зборовите што се појавуваа на почетокот на Атари - играта, која се играше во играчниците.

Сценариото, пак, кое заедно го напишаа Зак Пен и авторот на романот, Ернест Клајн, им одава почест на филмовите на Џон Хјуз и во него се наоѓаат и црвеното одело на Мајкл Џексон што го носеше во спотот за „Трилер“ и Мехагодзила и Чаки.

За музиката се задолжени бендовите како „Твистед Систер“, „Ван Хален“ и Џоан Џет.

Во филмот, тинејџерот Вејд Ватс (Тај Шеридан) живее во Охајо, во преполната луѓе, населба со приколки. Годината е 2045 и луѓето живеат со очила за виртуелна реалност, носејќи хаптик опрема што им овозможува да го истражуваат измислениот 3Д свет OASIS (Оаза). Тоа е прекрасно место кадешто можете да бидете кој било – друг пол, друг вид, а Вејд и неговата симпатија (Саманта, која ја толкува Оливија Кук) се тркаат со лошата корпорација во потрага по богатството.

По премиерата на филмот, критичарот Ерик Кон, на твитер напиша: „Ако зборуваме само за спектакл, ова е најневеројатната работа што ја направил Спилберг, кога и да е“.

Како режисер, Спилберг секогаш балансирал помеѓу престижот и забавата, истата година ги промовираше и филмот „Шиндлерова листа“ и „Jurassic Park“. Но, од неодамна таа формула нема загарантиран успех. Последните три историски драми „The Post“, „Bridge od Spies“ и „Linkoln“ беа успешни, но трите филмови наменети за широките народни маси не ги исполнија својот дел од очекувањата. Уште од „Jurassic Park“.

Зошто?

„Затоа што сум постар“, се смее Спилберг. „Сега чувствувам поголема одговорност да раскажам приказни кои имаат некое поголемо општествено значење“, вели тој.

Во „Ready Player One“ се појавуваат сите класични мотиви карактеристични за Спилберг (отсуство на родителите, деца што се попаметни од возрасните), но филмот функционира како поучна приказна за виртуелната реалност.

Навистина ме интересира технологијата што му овозможува да постои тој алтернативен универзум – опрема за глава, хаптик, ракавици, чизми, оделата, затоа што навистина верувам дека тоа ќе биде супер дрогата на иднината“, вели Спилберг.

Во еден момент во филмот гледаме дете како опасно се приближува на вклучена рингла, додека неговата мајка се забавува со очилата за виртуелна реалност. Луѓето може да се навлечат на светот Оаза, да лажат и да крадат за да го задоволат своето виртуелно его.

„Ready Player One“ можеби е предупредување за виртуелната реалност, но ако визуелно спектакуларната Оаза не ги натера луѓето да купат очила за виртуелна реалност – тоагаш веројатно ништо нема да ги натера.

Без оглед на успехот на филмот, Спилберг кажува дека проектот влијаел врз него како на режисер и го инспирирал повторно да снима акциони филмови.
„Додека го снимав Ready Player One ми се вратија сеќавањата од снимањето на тие филмови и се сетив колку ми беше забавно кога бев млад режисер“, вели Спилберг.

Извор: The New York Times