Фрагменти на љубовниот говор (8)

31.05.2018 14:24
Фрагменти на љубовниот говор (8)

„Луд сум“

FOU / ЛУД. Неретко на вљубениот субјект му се јавува идејата дека е луд или дека ќе полуди.

1.
Луд сум зашто сум вљубен, не сум луд зашто тоа смеам да го кажам, ја удвојувам својата слика: безумен во сопствените очи (го познавам своето бунило), просто неразумен во очите на некој друг, кому мошне разборито му го опишувам своето лудило, свесен за тоа лудило, беседејќи за него.

Вертер сретнува лудак во брдата: среде зима тој сака да набере цвеќе за Шарлота, која некогаш ја сакал. Тој човек, во времето кога бил во лудница, бил среќен: веќе не знаел ништо за себе. Вертер речиси се препознава во тој лудак кој трага по цвеќе: луд од страста, како и тој, но е сосема ускратен за (претпоставената) среќа на несвесното: пати бидејќи потфрлил во сопственото лудило.

2.
Велат дека секој вљубен е луд. Но, можеме ли да замислиме заљубен лудак? Сигурно не - имам право само на осиромашено, непотполно, метафоричко лудило: љубовта речиси ме доведува до лудило, но не комуницирам со натприродното, ништо свето во мене нема; моето лудило, обична неразумност, плитко е, дури невидливо; впрочем, сосема е преземено од културата: никого не плаши. (Па пак, баш во состојбата на вљубеност извесни разумни субјекти наеднаш согледуваат дека е лудилото близу, на дофат на раката, многу можно: лудило во кое и самата љубов би потонала.)

3.
Стотина години се сметаше дека (книжевното) лудило е содржано во „Јас е некој друг“: лудилото е доживување на деперсонализација. За мене, вљубениот субјект е сосема спротивното: токму постанувањето субјект, неможноста на тоа му се спротиставам, води во лудило. Јас не сум некој друг: го согледувам тоа со ужас.

(Зен приказна: некој стар монах по најголема жештина се труди околу сушење печурки. „Зошто на други не им го оставите тоа да го сработат?“ „Некој друг не е јас, а јас не сум друг. Другиот не може да го искуси моето делување. Морам да стекнам сопствено искуство на сушење печурки.“)

Јас сум совршено јас самиот, и затоа сум луд: луд сум оти сум постојан.

4.
Луд е оној кој е без никаква моќ. - Но, зарем заљубениот не го познава предизвикот на моќта? Потчинетоста е, сепак, до мене: потчинет, настојувајќи да го потчинам другиот, на свој начин ја чувствувам желбата за моќ, libido dominandi: немам ли, како политичките системи, снажен, артикулиран дискурс? Но, тоа е мојата особеност: моето либидо е сосема затворено: не населувам ниеден друг простор освен во љубовниот дуел: нема ни атом однадвор, затоа ни атом на некое припаѓање на група: луд сум, не зашто сум оригинален (груба мамка на конформизмот), туку зашто сум одвоен од секоја друштвеност. Ако другите мажи, во различна мера, секогаш се борци за нешто, јас не сум воин на ништо, дури ни на сопственото лудило: јас не социјализирам (како што за некој се вели дека не симболизира).

(Можеби тука може да се распознае мошне необичниот рез кој во Заљубениот ја раздвојува волјата за власт (puissance) - која го обележува квалитетот на неговата снага - од волјата за моќ (pouvoir) - од која е лишен?)


Слики

IMAGE / СЛИКА. На љубовното поле, најболните рани почесто ги задава она што се гледа отколку она што се знае.

1.
(„Наеднаш, враќајќи се од гардеробата, ги здогледа во присен разговор, наведнати еден кон друг.“)

Сликата е предочена, чиста и јасна како некаква буква: таа е слово (lettre) на она што ме боли. Точна, потполна, конечна, дотерана, не ми остава простор: исклучен сум од нејзе како од првобитна сцена, која можеби постои само зашто е врамена со отворот на клучалката. Тоа е, значи, најпосле, дефиницијата за слика: сликата е она од што сум исклучен. Наспроти оние цртежи-ребуси на коишто ловецот е нацртан скриен во збрка од лисја, мене во сцената ме нема: сликата е без загатка.

2.
Сликата е непобитна, секогаш го има последниот збор; никакво знаење не може да ја негира, уреди, истенчи. Вертер многу добро знае дека Шарлота му е ветена на Алберт, и поради тоа, всушност, само пати; но „морници му минуваат низ целото тело кога Алберт ќе ја прегрне околу виткиот струк“. Многу добро знам дека Шарлота не ми припаѓа, вели разумот на Вертер, но сеедно, Алберт ми ја краде, вели сликата пред неговите очи.

3.
Сликите од кои сум исклучен се сурови за мене; но сепак, понекогаш сум фатен во слика (пресврт). Оддалечувајќи се од градината на ресторанот, во која морам да го оставам другиот со пријателите, се гледам себеси како, низ пустата улица, врвам сам, со наведнати рамења. Своето исклучување го претворам во слика. Таа слика, на која мојата отсутност е одразена како во огледало, е тажна слика.

Една романтичарска слика прикажува куп парчиња од ледени карпи на поларна светлина; ниеден човек, ниедна ствар нема во тој пуст простор; но токму од таа причина, ако ме обземе љубовна тага, таа празнина бара во неа да се внесам; се внесувам во неа како малецка фигура, која седи на санта, занавек напуштена. „Ладно ми е“, вели вљубениот, „ајде да се вратиме“; но нема никаков пат, бродот се скршил. Постои некое посебно студенило својствено на вљубениот, зимурливост на младунче (човечко, животинско) кому му треба мајчина топлина.

4.
Она што ме ранува се формите на односот, неговите слики; поточно, она што друг го нарекува форма, јас го доживувам како снага. Сликата - како пример за опсесивниот - е самата ствар. Вљубениот е, затоа, уметник, а неговиот свет е превртен свет, оти секоја слика во него е сопствен крај (ништо вон сликата).

Фотографии: Marcus Palmqvist и Gem Fletcher - БАЛАНСИРАЊЕ
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

 

ОкоБоли главаВицФото