Фрагменти на љубовниот говор (9)

22.06.2018 12:13
Фрагменти на љубовниот говор (9)

INNCONNAISSABLE / НЕСПОЗНАТЛИВО

Да се трошиш и анагажираш околу некој непробоен објект, е чиста религија. Да направиш од другиот нерешлива загатка од која ми зависи животот, значи да го посветиш како бог; никогаш нема да успеам да одговорам на прашањето коешто другиот ми го поставува, заљубениот не е Едип. Тогаш само ми преостанува своето незнаење да го преобразам во вистина. Не е вистина дека колку повеќе сакаш подобро разбираш; сè што ми пружа љубовното делување, е само оваа мудрост: другиот не можеш да го спознаеш, неговата непроѕирност не е засолниште на некаква тајна, туку, наместо тоа, своевидна очевидност во која се поништува играта на битието и појавата. Тогаш ме обзема восхит што сакам некој непознат, некој којшто занавек ќе остане таков: мистичен порив: доспевам до спознавање на неспознатливото.

 

INDUCTION / НАВЕДУВАЊЕ

Брзо по заљубувањето, Вертер го среќава младиот слуга кој му зборува за страста спрема една вдовица: „Не ме карај ако ти кажам дека при сеќавањето на таа невиност и вистина, сржта в душата ми пламти а сликата на таа верност и нежност насекаде ме следи, и како и самиот, како од тоа да сум запален, жеднеам и окопнувам“. После тоа на Вертер не му преостанува ништо друго освен, кога ќе му дојде редот, да се вљуби во Шарлота. А и самата Шарлота ќе му ја означат, пред да ја здогледа; во колата со која се одвезуваат на бал, една доверлива пријателка му вели дека оваа е убава. Телото кое ќе биде сакано однапред е опкружено, фатено од објективот, изложено на некој вид зумирање кое го зголемува, приближува, и го наведува субјектот да се прилепи до него: не е ли блескавиот објект тој којшто некоја вешта рака го прикажува пред мене во убаво светло и кој ќе ме хипнотизира, зароби? Таа „афективна зараза“, тоа наведување, поаѓање од другиот, од јазикот, книгите, од пријателите: ниедна љубов не е оригинална. (Масовната култура е машина за покажување на желбата: еве што сигурно ве интересира, вели таа, како да претпоставува дека луѓето се неспособни самите да го пронајдат предметот на својата желба.)

Тешкотијата на љубовниот потфат е во следново: „Само покажете ми кого да сакам, а потоа тргнете се!“ Безбројни епизоди во кои се вљубувам во оној што е љубен од мојот пријател: секој соперник најпрвин бил учител, водич, поттикнувач, посредник.

ISSUES / ИЗЛЕЗИ

Идејата за самоубиство; идејата за раскин; идејата за повлекување; идејата за патување; идејата за жртвување; итн.; можам да го замислам решението на вашата љубовна криза, и тоа упорно и го правам. Но, ма колку да сум збудален, не ми е тешко, низ сите тие идеи што се враќаат, да ја согледам единствената, празната фигура која е исклучиво фигура на излез: она со што во ваквиот заплет живеам е фантазмата на другата улога: улогата на некој кој се „извлекол“.

Така одново се открива јазичната природа на љубовното чувство: секое решение безмилосно се однесува спрема својата единствена замисла ‒ то ест, вербалното битие; та така, на крај, бидејќи е јазик, помислата на излез се мири со неприфаќањето на каков било излез: љубовниот дискурс е, во некоја рака, затвореност на Излезите (Sorties).

Идејата е секогаш патетичната сцена која ја замислувам и која ме трогнува; накусо: театар. А театралната природа на Идејата е таа од која извлекувам корист: тој театар, од жанрот на стоицизмот, ме вознесува, ми дава на големина. Замислувајќи некое крајно решение (то ест, дефинитивно, но и дефинирано), создавам фикција, станувам уметник, ја поставувам сцената, го сликам својот излез; Идејата се гледа, како тегобен момент (со снажно, избрано значење) на граѓанска драма: понекогаш е тоа сцена на простување, понекогаш званично писмо, понекогаш, многу подоцна, достоинствена повторна средба. Уметноста на катастрофата ме смирува.

LANGUEUR / КОПНЕЖ

Сатирот вели: Сакам мојата желба да биде задоволена веднаш. Ги здогледам ли заспаното лице, раздвоените усни, отворената дланка, посакувам да се фрлам врз нив. Сатирот ‒ фигурата на Миговноста ‒ е чиста спротивност на Копнежливото. Во копнежот, јас само чекам: „Непрестајно те пожелував“ (Желбата е насекаде, но во состојба на вљубеност таа станува нешто мошне посебно: копнеж).

Душата, кога го љубев Агатон, ми беше на усните, како, несреќница, да сакаше да ме остави и другде да одлета.“ (Платон, Гозба) Во љубовниот копнеж нешто упорно заминува: како желбата да не е друго туку излив на крвта. (Вертер) Таков е љубовниот замор: незаситна глад, зјапечка љубов. (Ројсбрук) Или, пак, целото мое себство е повлечено,пренесено на саканиот објект кој е на негово место: копнежот би бил тој исцрпувачки премин од нарцистичкото либидо во објектното либидо. (Фројд) (Желбата по отсутно битие и желбата по присутно битие: копнежот става една желба врз друга, отсутноста ја вметнува во присутност. Оттаму е состојбата на противречност: тоа е „слатката мака“. /Кортезија/)

 

LETTRE / ПИСМО

Како и желбата, љубовното писмо чека на одговор; тоа имплицитно му налага на другиот да одговори, бидејќи во отсуство на одговор неговата слика се менува, станува поинаква. Тоа младиот Фројд авторитативно ѝ го објаснува на својата вереница: „Сепак, не сакам на моите писма и понатаму да не се одговара, и ќе престанам да Ви пишувам доколку нема одговор. Непрестајните монолози за саканото суштество, кои тоа суштество ниту ги исправа ниту ги потхранува, доведуваат до погрешни претстави за взаемниот однос, и нè отуѓуваат кога повторно ќе се сретнеме и ќе согледаме дека работите стојат поинаку од она што ние, без да сфатиме, сме си го замислувале.“

(Оној кој би ги прифатил „неправдите“ во односот, оној кој би продолжил да зборува благо, нежно, а да не му се одговара, би стекнал голема надмоќ: надмоќ на Мајка.)

Слики: Marion Fayolle
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

ОкоБоли главаВицФото