Самостојна изложба “Чоколадни капки “ на Ѓорѓе Јовановиќ во галеријата Hoast во Виена

16.06.2018 03:53
Самостојна изложба “Чоколадни капки “ на Ѓорѓе Јовановиќ во галеријата Hoast во Виена

Во галеријата „Hoast“ во Виена, вчера вечер (15 јуни) беше отворена самостојната изложба „Чоколадни капки“ на македонскиот ликовен уметник Ѓорѓе Јовановиќ.

На изложбата, Јовановиќ се претставува со селекција на колажи, цртежи, слики и видеа што тој ги работел во изминативе десетина години, а во чиј фокус се политичките и социјалните премрежија во Mакедонија како и положбата на уметникот во услови на економска нестабилност.

На 14 јуни во Грац, Австрија, во галеријата „Ротор“ се отвори групната изложба насловена „Герила на просветителството - Тие не би требале да се преправаат дека не знаеле ништо“, на која со свои дела од циклусот „Изуми за вас прекрасни луѓе“ се претстави и Јовановиќ.

Други учесници на оваа интернационална изложба се уметниците: Лукас Бек, Баби Бадалов, Петра Гершнер, Манаф Халбуни / ОскарХР, Мартин Крен, Кристина Лукас, Чаба Немес, Рена Радле и Владан Јеремиќ, РИСОГРАД, Мартин Зет.
Куратори на изложбата се Маргарете Марковец и Антон Ледерер.

Оваа изложба го означува почетокот на подолгорочната серија на проекти во чиј фокус се уметничките позиции кои се застапуваат за разновидноста во општеството и се против актуелните нелиберални тенденции - во Австрија, Европа и пошироко.

Делата вклучени во оваа изложба се занимаваат со актуелните антифашистички движења, зачувувањето на основните демократски права и слободи како и со општествени односи отаде концептот на нации.