Писателите со кои го опишував грчко-македонскиот спор

19.06.2018 15:03
Писателите со кои го опишував грчко-македонскиот спор

АЛЕН ГИНЗБЕРГ

Молох! Молох! Станови за робови и роботи! Во кал потонати предградија! Ризници со скелети! Ќори капитали! Демонски ѓоамити индустрии! Фантомски нации! Непобедливи лудници! Гранитни курови! Чудовишни насилија!

Визии! Знаци! Халуцинации! Чуда! Занеси! Сè отиде у пичке си мајчине низ македонската река!

Сништата! Поколенијата и поклоненијата! Инспирациите! Религиите! Целиот бродски товар на сензитивното срање!

Продорите! Кон Бело море! Пирин планина! Брзо зачукај ги распетијата! Брзо со гемиите оддолу! На Солун! Висини! Епифании! Очајувања! Сто години животински крикови и самоубиства! Умови! Нови љубови! Нови луди генерации! Удолу низ карпите на времето!

(слободен и адаптиран превод на фрагмент од вториот дел на поемата Howl од Ален Гинзберг)

Македонскиот Молох

МАРК ТВЕН

Марк Твен зборува за фамозниот град Бенарес и интересно е како неговите зборови пред повеќе од сто години звучат современо и применливо и во нашиот случај. Овде, во регионов, зборот „Македонија“ денес звучи како зборот „Бенарес“ во Индија. А Марк Твен како да го опишува македонско-грчкиот проблем, пишувајќи за градот на североистокот на Индија: „Бенарес е постар од историјата, постар од традицијата, постар дури и од легендата, и изгледа двојно постаро од сето тоа заедно!“

Според легендата, Варанаси или Бенарес (древното име), е основан од богот Шива, во еден понеделник, пред многу илјади години, а Буда во предградието на тој магичен Град на светлината ја одржал својата прва проповед по просветлувањето. Велат дека во Варанаси е родено самото време и дека тоа не е град туку состојба на духот.

Ние во Македонија заглавени сме денес, се чини, во некаков апстрактен простор, чардак ни на небо ни на земја, во нешто што не е ниту град ниту држава ниту територија, туку е состојба на раскараниот дух, судир на два „идентитета“ соочени еден со друг како јарци на балван среде некоја хималајска пустелија. Заглавени меѓу „Минатото кое трае долго“ (наслов на книга на југословенскиот надреалист Душан Матиќ) и „Иднината која трае долго“ (истоимена книга на Луј Алтисер). Заглавени во мит, во неподвижно простор-време.

Македонија како Бенарес

ШАНТАЛ МУФ

Разгледувајќи ја суштината на политиката, Муф прави клучна терминолошка разлика помеѓу агонизмот и антагонизмот. Агонизмот (кој доаѓа од старогрчкиот збор агон – напреварување, борба) подразбира почитување на противникот. Тоа подразбира судир кој имплицира средба, откритие, сознание, промена – натпревар во кој е важно да се учествува и каде што и поразот може да биде почест. Според Муф, политиката пред сè е дискурс на конфликтот и неговото разрешување не е во порекнувањето на несогласувањето, туку во можноста да го артикулираме она во што не се согласуваме.

Разликата помеѓу агонизмот и антагонизмот е заснована во односот спрема другиот. Во случај на антагонизам, соочени сме со релацијата пријател-непријател, при што непријателите речиси се лишени од легитимитет заради своето непријателство. Тоа не е демократско општество. Агонизмот, од друга страна, оваа нужна политичка поделба на ние и тие, ја конструира така што наместо непријатели имаме противници. Противниците споделуваат ист симболички простор, меѓу нив постои конфликтен консензус и тие се согласуваат околу основниот етичко-политички принцип, како треба да се организира општеството.

Во 5 кај вртелешките

ЕДГАР БЕРИОН

Судирот на Република Македонија и Република Грција околу античкото наследство ме „фокализира“ на една друга славна „фекална“ тема. Едгар Берион, член на Француската академија на науките, 1915 година пишува дека Германците произведуваат повеќе фекални материи од Французите. Дотолку, според количеството на нивниот измет, може да се востанови патот по кој тие поминале. Тој зборува за полихрезијата на германската раса (полихрезија – хиперактивност на перисталтиката – желудникот, цревата и другите шупливи органи). Ми се чини дека современите Грци и Македонци се во истиот спор – која раса произведува повеќе гомна.

Борат и Ким Џонг Ил (Пошлост и полихрезија)

ЖИЛИЕН БЕНДА

Жилиен Бенда (познат по своите полемики против „предавството на интелектуалците“), своите согледби од раните триесетти години ги прошири со повикот Европјаните да почнат да ја развиваат одбојноста кон страста спрема себеси. Без новиот рационален човек нема да има интегрирана Европа, сметаше Бенда. Наместо еднозначниот идентитет на нацијата, културата или верата на народите кои ја сочинуваат Европа сè попотребен ќе им биде „рефлексивниот идентитет“, втемелен во рационалноста. За жал, кај нас етничкото потекло и надуеното „прашање на идентитетот“ сè уште се почетокот и крајот не само на политичкото туку и на културното и на верското дејствување. Всушност, ако се занемарат пропагандните шашми, испаѓа дека етничкиот идентитет е единствената реална политичка програма не само на сегашните партии на власт, туку и на значаен дел од македонскиот естаблишмент. А како што рече филозофот Милан Кангрга, националноста или националната и верската припадност не можат да биде политичка програма или политичка основа на општествениот живот, освен во нацизмот и фашизмот, каде што е на дело ѕвералник, а не политика!

Високи начела и ниски побуди

ЖАК РАНСИЕР

„Политиката исчезнува во оној момент кога ќе се поистовети со власта и кога граба за што повеќе да поседува“, вели Жак Рансиер. Таквото разбирање на политиката како предаторство упорно оневозможува Република Македонија да стане држава во модерна демократска смисла, т.е. систем на законодавство, политичко одлучување, судство и управување заснован врз еднаквоста пред законот и неутрален спрема посебните општествени и економски интереси. Во нашиот систем држењето на политичката власт е воспоставено како посебен интерес спротиставен на целото општество, а посебните интереси и политичката моќ неразделно се испреплетени. Сето тоа е прикриено со помош на „протоплазмата“ на митскиот национално-државен тоталитет.

Во добата на профлувиумот

ИВАН ЧОЛОВИЌ, ПЈЕР БУРДИЕ

Теоретичарот на културата Иван Чоловиќ има интересна теорија, многу применлива и во македонскиот случај. Чоловиќ вели дека Слободан Милошевиќ ги создаде таканаречените имагинарни Срби. Вистина, ги создаде од елементи кои други (националистичката интелигенција, пред сè) во тие години веќе ги беа собрале, но кои го чекаа Милошевиќ да ги склопи елементите. Да ги плукне-залепи и да ги изведе на улица. Тие се „случија“ благодарение на Милошевиќ. Но, покрај тоа, вели Чоловиќ, Милошевиќ и самиот себе се вообличи како отелотворение, модел за имагинарниот Србин. „Народот“ се беше случил преку него и во него.

На сличен начин и груевизмот ги создаде имагинарните Македонци, љубителите на панаѓурски барок ем антика. Ги создаде од фрлените делови, од некогашното „Македонче“, од фрустрациите, бедата и комплексот на пониска вредност. Социологот Пјер Бурдие со својата „алхемија на претставувањето“ на интересен начин го објаснува овој феномен на создавање имагинарни припадници.

„Мистеријата на перформативната магија така се огледува во мистеријата на министрантот, то ест во алхемијата на претставувањето (во разните значења на тој термин) со помош на која претставникот ја сочинува групата којашто го направила претставник... Тој персонифицира фиктивна личност, којашто ја создава оттргнувајќи ги поединците од ситуации во кои тие се само проста група и им овозможува да се однесуваат и зборуваат ’како еден човек’. За возврат, тој добива право да зборува и дејствува во името на групата, како самиот тој да е групата што ја отелотворува, па тој се идентификува со својата функција на која ѝ е посветен ’со телото и со душата’, давајќи му така биолошко тело на создаденото општествено тело. Status est magistratus, државата тоа сум јас.“

Имагинарниот Македонец

СЛАВОЈ ЖИЖЕК

Атина, 1800 година. Градот е безначајна паланка со 10.000 жители. Дури не е ни прв главен град на независна Грција. Атина станала главен град под притисок на западните сили (главно Германија и Франција), при што западните архитекти изградиле цела низа неокласицистички градби. И токму западњаците, опчинети со антиката, во Грците го всадиле чувството за континуитет со античка Грција. Еве ја тезата на Жижек: „модерните Грци се појавуваат дословно како материјализирана фантазија на Другиот, и со оглед на тоа дека правото на фантазија е основно право, зарем од тоа не треба да извлечеме политички крајно некоректен заклучок дека Германија и Англија не би требале да ги вратат античките споменици кои ги опљачкале, туку дека дури Грците треба да им ги понудат и другите споменици кои имаат вредност само за западната идеолошка фантазија!“

Црвениот опаш на лисицата

ЖАН БОДРИЈАР

Грчкото „хиперреално“ (хиперидиотско) барање за преименување на соседите ме потсетува на приказната на Бодријар, за момчето кое од една вила барало да му исполни некоја желба. Вилата се согласила, но поставила апсурден услов: момчето никогаш да не помисли на црвената боја на опашот на лисицата. Задоволно што од него се бара толку малку, момчето ги прифатило условите на вилата. Но, што се случило? Момчето никако не можело од глава да го истера опашот на лисицата! И на јаве и на сон, опашот постојано ги прогонувал мислите! И како што растел бесот кај момчето, така можноста да го заборави опашот била сè помала. Бодријар поентира: нашиот дух најмногу е магепсан од простор неисполнет со смисла; ние сме заведени од бесмисленоста на забраната.

Црвениот опаш на лисицата

МИШЕЛ ФУКО

„Постојат моменти во животот кога прашањето можеме ли да мислиме поинаку од што мислиме и да ги согледуваме работите поинаку од што ги гледаме, е неопходно да се постави за воопшто да можеме да продолжиме да посматраме и размислуваме.“

Оштетство и неуро крем; репресија и инфантилност


Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото