Оштетство и неуро крем; репресија и инфантилност

14.01.2014 12:17
Оштетство и неуро крем; репресија и инфантилност

Постојат моменти во животот кога прашањето можеме ли да мислиме поинаку од што мислиме и да ги согледуваме работите поинаку од што ги гледаме, е неопходно да се постави за воопшто да можеме да продолжиме да посматраме и размислуваме.

Мишел Фуко

 

И порано сум пишувал: груевизмот е масовно политичко подетинување и заглупавување. Инфантилизацијата на општеството е најважната стратегија на актуелната македонска власт. Клучниот симбол на груевизмот, СК014, еманацијата на најпатолошките општествени регресии, токму е совршен пример за инфантилизација на општеството. Со помош на СК014 цела Македонија се претвора во Дизниленд, не само центарот на Скопје.

Општеството го претворивме во Оштетство. Избравме регресија и ретардација, наместо зрелост и одговорност.

Имануел Кант, во славната расправа од 1784 година, велеше дека Просветителството не е ништо друго туку преминување од незрелоста во зрелост: „Просветителството е излегување на човекот од состојбата на себепричинетата (себеповредувачка) незрелост“ (незрелоста Кант ја дефинира како „немоќ сопствениот разум да се употреби без водството на некој друг“).

Социјалистичка Македонија педесетина години, во рамките на СФРЈ, го живееше своето Просветителство. Југословенскиот комунизам, а особено македонскиот, беше епохален модернистички и просветителски проект, токму стапување во национално полнолетство. Затоа денешното уништување дури и на сликата на комунистичкото минато значи намерно враќање во малолетноста, во неодговорното дивеење на малолетничката политичка глупост. (Некогашниот „еуро крем“, од социјалистичкото детство, денес стана токсичен „неуро крем“, за заглупавување и зашеметување.)

Ќе потсетам што пишував: проектот СК014 е огромен културен проект чија основна претпоставка е сфаќањето на целото поле на културата како џиновско детско поле за играње. Инфантилизмот на преродбеничката дизниленд-култура токму се гледа и низ карактеристичните детски црти: сентименталноста, моралнопоучноста, едукативниот занес, максимализмот... Кај децата исто така се јавува спојот меѓу безразложната веселост, празничното доживување на светот и суровоста, категоричноста и маргиналноста, егоцентричноста и претераната љубезност, комплексот на повисока вредност и комплексот на пониска вредност...

Просто речено, СК014 е македонски Дизниленд. Токму според рецептот на Михаил Берг, современиот теоретичар на руската литература, кој вели: Дизниленд е волшебен свет, во кој децата се чувствуваат како дома и сметаат дека куќата е заштитен простор, а возрасните се принудени или да ги прифатат законите за изградба на просторот или да му подлегнат на отуѓувањето. Опозицијата „свој/туѓ“ притоа добива карактер на традиционална граница која ги заменува сите други, а наместо живот во рамките на границите на реалните и меѓусебно конкурентни полиња, се нуди живот во рамките на илузорни граници.

Борис Буден, чија одлична книга ја спомнав минатиот пат, има слична интересна теза: „Репресивната инфантилизација на општествата кои се ослободија од комунизмот претставува главна политичка карактеристика на таканаречената посткомунистичка состојба.“

Буден вели дека еден од начините да се спроведува „репресивната инфантилизација“ е да се ограничува мислењето. Уште пред стотина години Фројд зборувал за ограничувањето на мислењето коешто културата го усадува кај своите штитеници со помош на воспитувањето и образованието, а со цел луѓето да можат да бидат контролирани и послушни. Фројд разликувал три видови на таквите блокади за мислењето: авторитарна, сексуална и религиозна. Таквите блокади создаваат три „производи на воспитувањето“: послушни поданици, сексуално ограничени и религиозни луѓе. Тие форми на интелектуална закржлавеност, како што исто така ги нарекол, тој ги разбира и како производ на забраната за мислење (Denkverbot), забраната која на луѓето им е наметната од детство, за нивното мислење да биде пренасочувано од она што најмногу ги интересира. Во времето на Фројд тоа била пред сѐ сексуалноста чиешто потиснување било главна задача на воспитувањето. Кога се покажала успешна во подрачјето на сексуалноста, забраната за мислење била проширувана и на други области од животот и така била претворена во суштинска карактерна одлика на целокупната личност.

За разлика од пред стотина години, вели Буден, денес се охрабрува аутирањето на сите видови потиснат сексуален идентитет. Но, затоа политичкото размислување е протерано во зоната на забранетото. „Она што за време на Фројд била сексуалноста, во светот на посткомунизмот е политиката. Како на сите политички прашања одговорите да се веќе дадени. Како денес целата работа да се сведува на тоа политичките прашања само правилно да се применат, што поверно да се имитираат однапред зададените урнеци и внимателно да се слуша зборот на постарите“, пишува Буден.

Нема врска што „постарите“ во македонскиот случај се банда морално и интелектуално малолетни деликвенти од пастировата градинка-инкубатор за политички штетници и идиоти. Нема врска што „постарите“ во нашиот случај се и најчесто испразно надмените ЕУ дипломати и американските учители со дронови во џебовите (а дроновите, треба ли да се напомене, не се за забава на децата, туку за нивно дисциплинирање; да, и за фасцинирање, се разбира). Можеби сепак најмногу има врска фактот што сите ние во власта и моќта сме загледани како дете на роденденска забава кое од кловнот очекува да извлече уште еден букет цвеќе. И, стварно, кловнот постојано извлекува нови сензации, а ние - „упеленети“ и ушушкани од какви било вознемирувачки согледби - си остануваме во себепричинетата малолетност како во топла и пријатна купка од гомна.

Се разбира, дизнилендскиот проект СК014 не е единствениот пример за репресивна инфантилизација. Сѐ поголемиот јаз помеѓу сиромашните и богатите, распаѓањето на сите форми на општествена солидарност, огромната социјална неправда, широко распространетото социјално страдање, намалувањето на граѓанските слободи, медиумската манипулација со јавното мислење, криминалните спреги помеѓу политичката, економската и медиумската моќ... сето тоа во посткомунизмот просто се игнорира, се заобиколува, како да не постои - иако постои масовно и драматично! Просто, како на целото општество да му се случува анестезија. Тоа е еден од најинтересните и најнеразбирливите феномени на посткомунистичката транзиција. Можно е дури дека основните претпоставки на новиот систем токму да се втемелени во таа неосетливост спрема таканаречените социјални и пошироки општествени прашања, т.е. да се втемелени во забраната да се мисли суштински политички. Испаѓа дека никому не е гајле ниту за радикално сменетите сопственички односи (таканаречената приватизација) со помош на кои сопственоста на стотици илјади луѓе со површна политичка одлука беше отуѓена и најчесто преселена во рацете на неодговорни а понекогаш и недоветни арамии. Исто така, како никому да не е гајле ниту за изгубените социјални права; граѓаните левтерно се откажаа од придобивките на социјалната држава, како да се тоа скинати гаќи, а не резултат на вековна граѓанска и работничка борба. „Само благодарение на социјалната анестезија, социјалната држава толку безболно можеше да биде ампутирана од посткомунистичката стварност, не само на Исток“, вели Борис Буден. Никој денес веќе не е виновен ни за национализмите, расизмите, фашизмите, дури ни за геноцидите. Тие феномени, вели Буден, ни се чинат како неизбежни детски болести, како непријатна но сепак наивна нечистотија во пелените на новороденото „демократско општество“.

Буден поентира: „Детето во нас, репресивно инфантилизирано и ставено под старателство, е токму олицетворение на нашата политичка и историска немоќ во совршениот свет на посткомунизмот којшто, во напад на епохална мегаломанија, себе се доживува како остварување на сите човечки сништа за слободата. Единствениот излез од таа себепричинета (себеповредувачка) незрелост е да му се противречи на таквиот свет и да му се спротистави“.

Постои една измислена но широко распространета анегдота за тајната на музичкиот гениј Шостакович. Апокрифот вели дека славниот руски композитор имал метално парченце во аудиторната област на мозокот, откако за време на опсадата на Ленинград го погодил германски шрапнел. Шостакович никогаш не дозволил да се извади тоа парченце зашто тоа му помагало да слуша музика, но само под одреден агол на наведнатата глава.

Дали приказнава може да се земе како уште една метафора за нашите мрачни но бизарни состојби?! Дали општеството има метално парче во главата?! Дали можеби упокоениот комунизам е тоа метално парче кое помага, под одреден агол, подобро да ја слушаме политичката музика на сферите?!

Слики: Свирачиња

Сродни текстови

Борис Буден - Право на вина

Никола Гелевски - „Чиче, чиче, јас ништо не гледам!“ (СК014 како Дизниленд)

Мирослав Грчев - Инфантилизација на општеството

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото