Злото во внатрешниот круг

15.10.2014 11:52
Злото во внатрешниот круг

Велосипедската и пешачката патека на кејот, во центарот на Скопје, е затворена повеќе од пет години. Последниве години причина за затвореноста се бетонските галии во изградба. Пред тоа беа карикатуралните двата нови моста. Таа патека до пред пет години ја користеа десетици илјади луѓе, и за работа (како сообраќајна велосипедска траса) и за спортување и за пешачење и за одмор.

Деновиве властите на речиси истиот плоштадски простор затворија уште една пешачка и велосипедска патека, на кејот покрај МЕПСО и Главната Пошта. Со помош на таа патека и на некакви скелиња сè до вчера некако успевавме да стигнеме до плоштадот (денес одново, по кој знае кој пат, блокиран) и до кејот „13 Ноември“. Денес ни тоа не се може. Ни оддолу, ни озгора.

Големиот шетачки кеј „13 Ноември“, во делот на ГТЦ, не е затворен, но е сосема уништен од повеќегодишните градежни работи. Згора на сè, претворен е во улица по која возат моторни возила. Властите излажаа дека ќе изградат подземна улица за зградата на „Македонски телеком“, тупосана сред плоштад. Всушност, уништен е и загаден со тони прашина целиот кеј, кој беше среден само неколку години претходно, станувајќи едно од најомилените скопски збиралишта и шеталишта. И ден денес, по инерција, луѓето ги посетуваат кафеаните на кејот, иако целиот простор е многу валкан, а плочникот е скршен и опасен. Реновирањето на тој кеј се случи само неколку години пред да настапи груевистичкото торнадо. Санацијата на кејот беше осмислена од Живко Поповски, легендарниот скопски архитект и еден од авторите на ГТЦ. Заправо, целиот плоштад „Македонија“ од страна на градоначалникот Ристо Пенов беше среден само неколку години пред да дојде уништувачкиот режим на Груевски.

Сето тоа за мене е просто - несфатливо. Според базичните демократски стандарди, јавен простор не може да се узурпира од никого. Токму поради тоа и се нарекува ЈАВЕН ПРОСТОР. Ползата од тој простор е ЈАВНА, т.е. ОПШТА и не постои сила која тоа може да го промени. Јавниот простор не може да се узурпира ни на неколку дена! Дури ни на неколку часа! Еднаш освоена пешачка зона во центарот на градот не може да се претвори во зона за моторни возила! Централната пешачка зона во сите европски градови може само да се шири; не да се намалува.

Сето тоа не важи за најнасилничкиот режим што овој простор и овој народ го виделе од бугарската окупација навака. Насилството е срж на груевистичкиот режим. И што е најапсурдно: многу често станува збор за сосема безразложно насилство, за хирови на луѓе сосема пореметени и во резоните и во вредностите и во постапките. Зошто имаше потреба да се уништат штотуку направените плоштад и кеј?! Па Скопје и ден денес е град на огромни чистини, на празни простори (што е скапоценост и реткост која мора да се негува); некои од тие чистини се мошне блиску до центарот на градот. Ако веќе груевизмот до степен на лудило беше обземен со квазиградителски мании, зошто не искористија дел од многубројните празни простори?! Прашањето е, се разбира, реторичко, а одговорот веќе го дадов: зашто груевизмот е идеологија и движење на чистото и незауздано насилство (токму зашто инсистира на незаузданоста, на неможноста кој било да му застане на пат, тоа насилство многу често е безразложно и манијакално).

Впрочем, да се потсетиме: СК014 (проект на комплексот на инфериорност) „официјално“ започна со насилството против мала група главно студенти по архитектура, на 28 март 2009 година. Насилството е главниот потпорен столб на тој „проект“. Зошто беше потребно да се понижи и уништи зградата на „ЦК“? Зошто беше потребно да се уништи брегот на Вардар, светата градска зона, чувана децении наназад?

За жал, тоа не се единствените жртви на уништувачките груевистички политики. На пример, само во строгиот центар на градот уништени се повеќе мали паркови: паркот кај домот на АРМ, паркот кај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, паркот пред Домот на синдикатите, двете зелени парцели на плоштадот „Македонија“, цели делови од паркот „Жена - Борец“, паркчето пред влезот на главната Пошта...

Уништувањето на зелените и, воопшто, на јавните површини е можеби најстрашната работа од многуте страшни работи што ни ги приредува груевизмот. Уништувањето на секоја јавна површина во центарот на Скопје се случува под закрила на монструозниот проект СК014, но е дел и од општите процеси на минимализирање на сите јавни каузи на сметка на здивеаниот приватен интерес. За предводниците на ова насилство врз јавните интереси (пастирот и компанијата) важи истото што важеше за бескрупулозниот Едисон: „таму кајшто требаше да има совест, тој имаше вакуум“. Но, можеби е попрецизно да се каже: на местото на совеста тие имаат зло и порив за уништување. Ми текнува на генијалниот роман на Честертон, „Човекот кој беше четврток“. Во тој роман највисоко рангираната личност во полицијата воедно е и најголемиот криминалец и затоа се бори против самиот себе. Речено на хегелијански начин, надворешната закана против која се бори заедницата воедно е нејзината сопствена суштина; злото е составен дел на внатрешниот круг. Тоа и е причина зошто власта секојдневно произведува неброени непријатели; бидејќи клучниот непријател на заедницата, оној што сака да ја уништи заедницата - е токму власта.

Од каде потекнува тоа зло? Еден од важните одговори гласи: од инфериорноста. Од чувството на помала вредност. Како што вели Жижек, проблемот со фундаменталистите (исламските или овие од ВМРО) не се состои толку во тоа што ние ги сметаме за инфериорни, туку во тоа што тие самите себе се сметаат за инфериорни (како што Хитлер се однесувал спрема Евреите). Поради тоа нашите попустливи и политички коректни уверувања дека не се чувствуваме надмоќни спрема нив, уште повеќе ги збеснуваат и им го зголемуваат гневот.

Ете, тоа се некои од причините зошто насилството и уништувањето се најважните состојки и на СК014 и на целокупното владеење на груевизмот.

Слики: Kaye Blegvad

 

ОкоБоли главаВицФото