Зошто обожавателите на Путин не бараат работа во Русија, туку во Америка и Германија?

22.06.2018 02:13
Зошто обожавателите на Путин не бараат работа во Русија, туку во Америка и Германија?

Почна Светското фудбалско првенство во Русија и првиот бран хрватски навивачи се упатија кон Калининград, каде беа наградени со победа над Нигерија. Без сомнеж, кога ќе се вратат ќе ја зборуваат вистината за уредната, модерна, убава и сигурна Русија, нималку налик на онаа што сме навикнати да ја гледаме во трагикомичните видеа или филмови на Јутјуб.

А, ако ја посетат Москва ќе бидат уште попријатно изненадени: разновидна и високо конкурентна гастрономска понуда, сопствено крафт пиво во речиси секој ресторан, чисти фасади, плочници, бесплатна ви-фи мрежа на градските улици и климатизиран, чист и брз јавен превоз, беспрекорно мобилно плаќање и уште многу нешта наспроти кои Загреб ќе изгледа многу провинцијално и заостанато.

Путин е вистинскиот човек за Русија. Или...?

Кога ќе се вратат, многумина недвосмислено ќе поврзат сè што виделе со најпознатиот руски симбол и бренд на 21 век – Владимир Путин, и ќе заклучат дека тој, и покрај критиките, е вистинскиот човек за задачата, а Русија под негово водство оди во одлична насока.

Многу наши луѓе го сакаат Путин. Тој е цврста рака, грижлив татко каков што нема Хрватска. На улица, во трамвај, во кафуле постојано слушате жалби дека Хрватска нема водач, лидер, дека нема човек „што ќе поведе“. Дека нема никој, кој како Путин со иронична насмевка би им рекол на Американците, Германците и другите Французи каде е нивното место.

Путин успешно создаде привид на заштитник на традиционалните вредности, Црквата, верата и семејството. После инцидентот со Пуси Рајот го одобри законот за заштита на чувствата на верниците заради кој де факто можат да ве стават под истрага ако случајно со маица од Ајрон Мејден наидете на верник и му го расипете расположението пред миса. Пред три години под истрага се најде еден атеист кој во бурна расправа на руската социјална мрежа ВКонтакте повеќепати рече дека Бог не постои. На крајот е ослободен, но апсурдот останува запишан во аналите. Потоа Путин го поддржа законот за декриминализација на семејното насилство. За лесно „воспитно“ тепање на сопружникот кое остава исклучиво оток и модринки сега се плаќа само парична казна.

Политиката на Путин е архетип на хрватскиот сон

На макро ниво, политиката на Путин и распределбата на ресурсите исто така се жив архетип на хрватскиот сон во кој со еден повеќе или помалку функционален ресурс (енергенсите – Русија и туризмот – Хрватска) без преголем труд може да се остане активен и значаен на регионалната и меѓународната сцена. Притоа, Путин обилно ги наградува „своите“. Речиси сите високи претставници ги сместија своите деца на многу добри позиции во Сбербанка, ВТБ, Газпром, Ростелеком и другите државни и приватно-јавни компании. Јавните конкурси се извор за богатење и им се делат само на своите; сето тоа е многу блиско, разбирливо и топло за нашата хрватска душа.

Јасно е дека овие и слични мерки се влажен сон на просечниот владејачки политичар или политички паразит на кои целта им е фиксирање на состојбата во која живеат најудобно и каде нивната верзија за патриоти – аудиовизуелно гласна, преполна со финансиски приливи и премачкана со јагнешка маст – е единствената која е исправна.

Фасцинацијата од Путин корелира и со митовите за рускиот пазар преполн со можности и пари. Секој барем еднаш во животот во кафеана слушнал за некој кој во 1992 година на Русија ѝ продавал кломпи и мотики и заработил милијарди. Времињата се сменија и пазарот е поинаков, но хрватската желба за лесна заработка ја креира сопствената реалност. До денешен ден на многумина со зборовите „О, па тие имаат купишта пари од нафтата и не знаат што ќе прават со нив!“ почнува да им трепери устата.

Затоа, владеењето на Путин го отелотворува и симболизира сето она што го сака хрватската елита и нејзиниот гласач, само на многу пограндиозно ниво, „со блекџек и курви“.

Го слават Путин, но бегаат на запад

Но, Русинот што има купишта пари повеќе го интересираат добивањето постојан престој и инвестициите во земјите со развиен и регулиран пазар. Феноменот на одобрување на политиките на рускиот претседател и истовремено животот на „омразениот и деградирачки“ запад не е социолошки или политиколошки обработен, но се вклопува во постоечките модели на однесување. Путин успешно се дистанцираше себеси од владата и чиновниците, па сите правни непријатности, рекетирања, подмитувања или законодавни апсурди асоцираат со „лошите болјари“, но не и со „добриот цар“ кој едноставно не знае дека дворските чиновници му подметнуваат.

Користењето на благодетите на развиениот пазар рускиот или хрватскиот човек го доживува како нешто апсолутно нормално, но и како нешто што би постоело и во нивната земја ако нема омразени внатрешни и надворешни мразачи кои деноноќно работат против нивните земји. Затоа на несвесно ниво Путин е своевиден ослободител кој кога-тогаш ќе ги порази дегутантните и злобни Меј, Макрон, Јункер или Меркел. А, притоа секако ќе ги задржи пазарните поволности. Зашто, имаме право на тоа, во историјата сме страдале многу. Со слична, но секако поекстремна логика се воделе и припадниците на ИСИС кои копнееле да ја променат религиско-вредносната слика на светот, а притоа да ги задржат интернетот, Амазон и Ајфон.

Фантомската слика на татковината која се темели на „славните денови“

Секако, тука е и добро проучениот проблем на идентитетот во туѓина кој го тера емигрантот да бара мошне конкретни разлики во стиловите на живот и да асоцира со ставовите и политиките кои се поцрвсти и покрути од земјите-примачи и да гради фантомска слика за сопствената татковина која се темели на носталгијата и „славните денови“.

Политиколошкото истражување на гласачкото однесување на полската дијаспора покажа дека Полјаците од земјите со либерални вредности и демократија дома гласаат за конзервативните политички опции.

Постои познатото руско меме за прасето Петар во бела кошула кое на трактор побегнало на запад. „Тука сум свиња, а таму – прасе“, гласи стихот на песничката која оди со анимираната верзија на мемето. Малку подоцна, се појавила социолошка досетливост и нова верзија на мемето во која прасето Петар ја преминува границата и се вселува во стан со видик на Ајфеловата кула. На следната слика Петар на компјутер пишува коментари на социјалните мрежи опкружен со портрети од Сталин, знамето на СССР и мала макета на тенк.

Фановите на Путин не сфаќаат многу нешта

Фановите на Путин не сфаќаат или не сакаат да видат дека зад многу убавите нешта, редот или мирот, се кријат многу негативни трендови кои ги создаде тој со своите политики или затоа што не посвети доволно внимание навреме. Така според официјалната статистика секоја година се зголемува бројот заразени од ХИВ. Минатата година имаше еден милион. Неофицијално, двојно повеќе. Тука се и другите традиционални проблеми како политичките прогони, надостатокот на транспарентност или корупција. Сепак, веројатно најголем проблем е тоталната отсутност на правна држава. Односно, тотална фузија на судството со полицијата, обвинителството и другите слични тела. Статистички 99,64 проценти од сите судски случаи завршуваат со ослободителна пресуда. Бидејќи хрватскиот правен систем исто така смрди, јасно е дека и во рускиот и во хрватскиот случај многу е полесно да се навива од сигурноста што ги грее западните држави.

Во моментов Русија е во фаза на „интелектуална ренесанса“, како што вели рускиот политиколог Екатерина Шулман. Голема е побарувачката за интелектуални и производи од информатичката технологија, постојат многу идеи, а онлајн секторот се развива со невидена брзина. Но, за таквите и слични успеси не е заслужен Путин кој со децении ги трупаше ресурсните пари во рацете на пријателите или неефикасната држава која постојано се обидува да ја намали онлајн слободата и да регулира сè што може да се регулира, туку луѓето кои сè уште имаат доволно простор за создавање. За среќа на Русите, тие сепак се преголеми за сите колективно да потонат во деградација. За наша несреќа, ние не сме такви.

Извор: https://www.index.hr

ОкоБоли главаВицФото