Престројување на левицата

25.06.2018 11:54
Престројување на левицата

 

Маркс еднаш има кажано дека финансиските кризи се memento mori (сети се на смртта) на капитализмот, искуство на блиска средба со смртта, која елитата ја потсетува дека траењето на целиот систем е временски ограничено. На сличен начин, секој нов циклус на кризата на еврото е „memento mori“ на европскиот проект.

Окупираните плоштади, Синтагма во Атина и Пуерто дел Сол во Мадрид станаа прва линија на фронтот во војната против глобалниот финансиски систем во 2011 година. Грчката криза во 2015 година нè потсети не само дека еврото е смртно, туку и дека ветувањата за неговата политички извесна иднина се само празни зборови.

Сега на ред е Италија. По изборите и победата со 33 отсто освоени гласови, популистичкото Движење пет ѕвезди (M5S) се обиде да формира коалициска влада со Северената лига (LN). Во првиот коментар за овие избори напишав дека спроведувањето на програмата на оваа коалициска влада би довело до банкрот на италијанскиот трезор и судир со лидерите на еврозоната и Комисијата на ЕУ.

Не поминаа ни седум дена, а судирот веќе е започнат. Италијанскиот претседател Серџо Матарела го спречи формирањето на новата влада блокирајќи го именувањето на министер за финансии на Паоло Савона, познат евроскептик. Потоа за привремен премиер е поставен Карло Котарели, претставник на ММФ за да предводи уште една технократска влада. Луиџи Ди Маио, лидерот на M5S бараше импичмент за претседателот и најави демонстрации. Падна вредноста на италијанските акции, а пораснаа државните обврзници.

Но како и обично, memento mori не е самата смрт, туку најава, сигнал дека смртта е можна. За да сфатиме што ќе се случува понатаму, што би требало да направи италијанската левица и како би требало да реагира на тоа европската левица, мора да ги испитаме двете пукнатини во сегашниот систем: дефектната економија на еврозоната и дефектната политика на ЕУ27.

Прво економијата. Во моментот кога Грција конечно се закани дека ќе се повлече од натамошното отплаќање на кредитот, нејзините долгови, во поголем дел, веќе беа во рацете на европските држави и Европската централна банка, затоа што во согласност со условите за финанасиска помош во периодот од 2010 до 2013 година, обврските беа пренесени од комерцијалниот банкарски сектор на државите, што требаше да ја заштити Европа од шокот на потенцијалниот „грегзит“.

Но Италија е нешто друго. Италијанскиот долг од 2,302 милијарди евра достигна 130 отсто од БДП. Ако Италија одбие да отплати само дел од својот долг тоа би можело да го урне целиот европски банкарски систем. Сепак први жртви би биле штедачите во Италија. Околу две третини на италијанскиот долг е лоциран во Италија: околу 450 милијарди евра кон пензинските фондови, 350 милијарди кон банките и 350 милијарди кон централната банка.

Ако Италија се повлече од еврото, ако биде исфрлена од еврозоната или купувачите да одбијат да вложуваат во нејзините обврзници што води во финансиска пропаст – италијанската средна класа ќе биде збришана. Нејзините пензиски фондови ќе бидат многу погодени, а заштедите ќе исчезнат. Италијанскиот трезор практично би национализирал околу 350 милијарди евра што ги позајмил од сопствената централна банка и тоа би довело до вртоглаво паѓање на вредноста на новата лира.

Затоа, дури и ако мислите дека еврото е лошо решение за Италија, како што мислам и јас – и дека правилата на штедењето во еврозоната го спречуваат растот во Италија, излегувањето од еврото на споменатиот начин е лоша идеја. Точка. Се разбира, тоа не е гаранција дека настаните нема да тргнат токму во таа насока.

Сепак, предлогот на M5S за воведување паралелна „фискална валута“, позната како миниБОТ, го заслужува нашето внимание. Италијанската централна банка даде мислење дека тоа е противзаконито и спротивно на прописите на еврозоната, но некој би можел да одговори дека истото важи и за квантитативното попуштање. Идејата за создавање паралелен пазар за државниот долг вклучува два елементи: а) намалување на долгот и б) испраќање политичко-економски сигнал до еврозоната дека државите се способни да развијат одбранбени механизми кога ќе се соочат со мерките на принуда кои ја срушија грчката демократија во 2015 година.

Втората пукнатина е економска. Користејќи го проблемот на еврото како повод да го блокира формирањето влада, со поддршка на Ангела Меркел и сите останати дежурни виновници, вклучувајќи го и сосема неважниот лабуристички пратеник Крис Лесли – една локална криза, италијанскиот претседател ја претвори во општа војна за суверенитет во границите на ЕУ. Матео Салвини, лидер на LN и сè поважен член на коалицијата побара импичмент на претседателот и нови избори, што ќе биде и најверојатен резултат од сето ова.

Со гестот на Матарела се драматизираше суштинскиот проблем на еврозоната: распределбата на моќта во зоната е нерамномерна. И затоа што теоретски е невозможно да се напушти еврото, а тоа да не го сруши целиот банкарски систем, претседателот може да тврди дека владата чии постапки можат да доведат до напуштање на еврозоната е закана за националната безбедност и дека затоа мора да се спречи нејзиното формирање. Наместо заеднички суверенитет имлициран со валутата на унијата, добивме суверенитет на солвентните (Германија, Холандија) на сметка на потенцијално несолвентните држави.

На следните италијански избори, без разлика дали M5S и LN ќе настапат со единствена листа или не, тоа ќе го постави прашањето за легитимитетот и суверенитетот. А бидејќи ни едната, ни другта партија во предизборната кампања не го спомнуваа напуштањето на еврото, може да претпоставиме дека и овојпат нема да биде поинаку. Веројатно ќе победат со уште поголем број гласови и повторно ќе се обидат да формираат влада која бара преиспитување на правилата за штедење од Мастрихт и измени во Лисабонсиот договор.

Но, овојпат обединетата моќ на европскиот центризам ќе биде фокусирана да се обиде да влијае врз резултатот од изборите: замислете спој на британскиот референдум за излез од ЕУ, грчката криза и каталонскиот сепаратизам.

Што треба да наприви италијанската левица? Фатална би била поддршката, макар и само имплицитна на антидемократското користење на претседателските овластувања или придружувањето кон Ангела Меркел и Комисијата во обидите да се дестабилизира или блокира избраната популистичкатата/радикално-десничарска коалиција. Ако на следните избори победат толку лесно како на претходните, тогаш единственото решение е да ги пуштиме да го направат тоа што го замислиле и да пропаднат, додека во меѓувреме развиваме нова програма на левицата.

Голема е веројатноста дека распишувањето нови избори би требало да ја наведе италијанската левица да стане посериозна. Расистите од LN и конзервативците од партијата „Напред Италија“ на Берлускони заедно имаат поддршка од приближно 36 отсто, додека поаморфното и понекогаш лево ориентирано движење M5S има 31 отсто.

Социјалдемократите од Демократската партија имаат 19 отсто, огранокот „Слободни и еднакви“ нешто помалку од 3 отсто, а радикално левичарската „Моќ на народот“ уште помалку од тоа.

Единствена шанса на левицата е, прво ментално да ги раскине синџирите на фискалните правила на еврозоната и неолибералните стеги од Лисабонскиот договор. Таа треба да го прифати сознанието дека еврозоната стана средство за сузбивање на растот во јужна Европа во корист на Германија. Тоа треба и јавно да го каже зашто тоа е вистината. Одбивајќи да го објави тоа, тој моќен аргумент го препушти на толпата расисти и галамџии.

Второ, левичарите треба да настапат како популисти, поголеми од оние во M5S: во разговорите со италијанските левичари забележав одбивање да сфатат зошто нивните следбеници ја менуваат страната и се приклучуваат кон движењето M5S. Некои од барањата на ова движење се препишани од програмата на левицата: универзален основен доход, ограничување на два мандати во парламентот, антикорупциски иницијативи итн. Внатре во Демократската партија владее ставот што го наоѓаме кај лабуристичките функционери на северот на Англија – го подразбираме правото да се владее и блискоста со моќните институции. Затоа претставниците на M5S така лесно се отпишуваат како прикриени десничари и никој дури не се ни обидува да го подели популизмот долж класните линии на раздвојување.

Пресметката меѓу владата на LN/M5S и европската управувачка машинерија, на левицата ѝ дава прилика да излезе со предлог за коренити и итни реформи и на еврозоната и на италијанската држава.

Заговарањето излез на Италија од еврозоната, имајќи ја предвид структурата на италијанскиот долг е рамно на економско самоубиство. Наместо тоа, левицата во Италија треба да изложи план за реформа на управувањето во ЕУ и со промената на правилата да овозможи раст на периферијата на унијата. Францускиот претседател Макрон веќе изнесе поблага верзија на тој предлог, а во оптек се и бројни предлози на левицата за поделба на Европа на два колосеци, на што, вообичаено се спротивставуваат неизбраните членови на Комисијата и германската влада.

За ова, ако би сакала италијаската левица би можела да има моќни сојузници од редовите на загрозените социјалдемократски, зелени, радикално леви и леви националистички партии во Европа.

Не е тешко да се набројат елементите на една паневропска левичарска програма:

-Ревизија на правилата од Мастрихт, со која на државите ќе им се дозволи да го прекршат правилото за дефицит од 3 отсто за да инвестират во инфраструктура.

-Проширување на мерките на квантитативното попуштање кое го спроведува Европската централна банка за да се забраза растот на периферијата и да се поттикнат Германија и другите држави од северна Европа за позајмуваат и да трошат, наместо да ја одржуваат паневропската стагнација.

- Нов договор наместо Лисабонскиот, кој на позитивен начин ќе ги промовира државните интервенции, давањето помош и сопственоста врз клучните индустрии со цел достигнување на моделот кој дозволува високи плати и бенефиции ширум Европа.

-Силна иницијатива за сузбивање на офшор секторот во финансиите со што милијарди евра би се пренасочиле од даночните раеви во реалната економија на Европа.

-Паневропска политика на пазарот на трудот која ќе привлекува висококвалификувана работна сила, да се распоредат мигрантите и да се одбие нискоквалификуваната економска миграција. Да биде јасно, тоа подразбира контрола на влезот на европските граници и порамнување на минималните доходи и социјалните бенефиции ширум ЕУ 27.

Кој се противи на ова? Секако десниот центар, но и новата десница на источна Европа. За жал и социјалдемократите и некои зелени партии засега се препуштаат на задоволствата на економијата на слободен пазар.

Се разбира, нема сите држави да се согласат со Европа која се востановува со оваа програма од пет точки. Но нема да биде трагедија ако со новиот договор се воспостави Европа на два колосеци, во која полудемократиите и отворените ксенофоби од источна Европа ќе бидат потиснати во вториот колосек.

Сепак, верувам дека е можно да се придобијат австриските и француските социјалдемократи за таков план, па и лабуристите на Корбин и грчката Сириза, која досега се однесува повеќе како социјалдемократска отколку како радикално левичарска партија. Исто така, најголем дел на Европската обединета левица – нордиските зелени левици (GUE-NGL – радикалната левичарска група во европскиот парламент) би можела да ја прифати оваа програма, а зелените партии се подготвени да се разбудат на знаци на револт против затекнатата состојба.

И порано на овие страници предлагав Партијата на европските социјалисти, GUE-NGL и други заинтересирани страни да изберат свој заеднички кандидат за европските парламентарни избори во 2019 година. Но, ако италијанската криза почне наесен во 2018 година и порано ќе нè доведе до пресвртната точка.

Ако италијанските социјалдемократи а) не го искинат Лисабонскиот договор во своите глави и б) не се обидат да формираат паневропски фронт за ревизија на договорите од Лисабон и Мастрихт, ги чека политичко изумирање.

Што значи оваа криза за брегзит? Директно – многу малку, освен што ги зголемува изгледите на Борис Џонсон да ги скара членките на ЕУ27 пред март 2019. Но ако Котарели остане премиер, тоа е малку веројатно.
Сепак, индиректно кризата ќе им даде нова сила на аргументите кои ги застапувавме од позиција на левица.

Прво, менталната поврзаност на британскиот центризам со ЕУ проектот беше неоснована; барањето на нов однос со ЕУ и со еврозоната отсекогаш беше вистинската работа за британските социјадемократи. Таборот што бараше останување ќе мора да се позанимава со тоа прашање кога ќе прерасне во табор на оние што бараат враќање.

Второ, потребно ни е престројување на левицата во цела Европа со кое ќе се соедини енергијата и идеите на движењата како што се Подемос, португалскиот Лев блок и левите националисти како Шин Фејн, со енергијата и идеите на социјалдемократите кои сакаат да реформираат ЕУ и да воведат нов модел на вискок раст и висок стандард – на пример, Кристијан Керн во Австрија, Џереми Корбин во Британија и Беноа Амон во Франција.

Долго начелно се залагавме за таков проект, а сега е време нешто да преземеме. Пред есен, лидерите на сите леви социјалдемократски, зелени, социјалистички или леви националистички партии во Европа треба да организираат голем собир на кој ќе усвојат нова, лева алтернатива за нашиот континент. За инает на Салвини и неговите расисти, собирот треба да се организира во Милано. Ла Скала собира 2000 луѓе и има одлична акустика за заедничка песна, без разлика дали е „Интернационала“ или „Ода на радоста“.

Слики: Igor Smirnov

Извор: New Statesman

 

ОкоБоли главаВицФото