Во Скопје одржана конференцијата „Ментори во креативните индустрии: усогласување во европски контекст“

12.07.2018 00:08
Во Скопје одржана конференцијата „Ментори во креативните индустрии: усогласување во европски контекст“

Неодамна во Музејот на современа уметност, во организација на ЕАСП од Скопје, се одржа завршната конференција од тригодишниот меѓународен проект „Talent Matching Europe”, под наслов „Ментори во креативните индустрии: усогласување во европски контекст“. Проектот се одвиваше во пет европски држави: Велика Британија, Италија, Хрватска, Шпанија, Полска и во Македонија, како единствена земја која не е членка на ЕУ.

Во самиот вовед за конференцијата Данче Чаловска и Анeта Гулева, менаџери на проектот, најавија дека таа ќе биде посветена на „презентирање на постигнатите резултати во текот на двегодишното траење на проектот, презентација на работните текстови и методологии од истражувањето во контекст на имплементација на вокацијата ментор во креативните индустрии, и конечно, нејзино употребливо контекстуализирање во однос на развојните прилики во креативните индустрии кај нас.“

Од името на организаторите конференцијата и учесниците во проектот се обрати македонскиот ликовен уметник Јане Чаловски, оснoвач на Проектниот простор Прес ту Егзит, кој рече дека е од исклучително значење што завршната конференција на проектот за ментори во креативните индустрии се одржува во Скопје, со оглед на тоa, како што рече: „со години се обидуваме да ги отвориме прашањата од областа на креативните индустрии и нивното место во културните политики“. Во својот вовед тој истакна: „Низ моето школување во Македонија, САД, Јапонија, Холандија и Шведска, сфатив колку е важна улогата на менторот за стекнување на работни вештини, кои не се нужен дел од формалното образование, но кои допринесуваат во развојот на личноста на уметникот, неговата подготвеност за правилно донесување на вистинските одлуки во развојот на кариерата“.

Во своето обраќање како специјален гостин на конференцијата, Лидија Димова, директорка на Националната агенција за европско образовние, програми и мобилност, ја истакна исклучителната важност на проектот и рече дека во иднина агенцијата поинтензивно ќе се вкучува во овој вид проекти.

„Сакам да ви честитам за овој проект. Колку што можам да видам, станува збор за фантастична работа што досега сте ја завршиле. Пред вас стои уште многу работа, затоа што ќе мора да убедите навистина многу луѓе во земјата за тоа дека ова се занимањата, ова се професиите што се потребни, кои не само што можат да помогнат во развојот на економијата, туку и носат креативност. Веројатно знаете дека во ЕУ, професијата уметник е професија која е регулирана, но се појавуваат и нови, бидејќи има потреба од нив. Сепак, треба време за да се идентификуваат тие потреби“, рече Димова.

Таа ја сподели информацијата за која кажа дека е добра вест, а тоа е дека Европската комисија за периодот 2021 – 2027 година ќе го зголеми фондот за програмата „Еразмус“, бидејќи тоа ќе влијае врз зајакнувањето на културната кохезија и вредности.

„Уште една работа што е нова и исклучително важна за нас како земја што го чека влезот во ЕУ, е тоа што првпат Европската комисија зборува за флексибилост на инструментите за кофинасирање, што значи дека може да се употреби еден инструмент соодветен на некој друг, што е голема можност. Ве уверувам дека ќе работам на тоа Агенцијата во Македонија да стане многу транспарентна институција и дека сите ќе може да аплицирате и дека заеднички ќе ги градиме капацитетите не само во вашите организации, туку и во Македонија, бидејќи ги имаме сите инструменти да станеме поконкурентни и да ја европеизираме нашата држава“, додаде Димова.

За постигнатите резултати од овој проект и за потенцијалите за менторството во македонскиот контекст на конференцијата извести Анета Гулева, проектен директор на ЕАСП.

„Ја истражувавме ситуацијата во Македонија во оваа сфера. Фокус на нашиот проект беа менторите и нашето главно прашање беше дали е можно да има ментори за работењето во креативните индустрии во Македонија. Во текот на проектот се издвоија неколку прашања: кои знаења треба да ги поседува менторот во креативните индустрии, какви услуги можат да дадат менторите, какви вештини треба да поседуваат, како може да се вреднува тоа менторство. Анализата што ја направивме покажа дека во Македонија официјално не постои такво занимање, но е присутно на волонтерско ниво меѓу поискусните според знаење и образование. Она што го утврдивме е дека постои голем јаз помеѓу креативните индустрии и младите креативни луѓе и дека преку менторите може да се намали тој јаз. Мислам дека има потенцијали оваа сфера и менторството да се развива чекор по чекор со помош на европските партнери“, рече Гулева.

Проектот вклучуваше организации од шест држави, еве ги изјавите на неколку од присутните:

Тајана Јосимовиќ (Prostor Plus), Риека, Хрватска

„Во овој проект се работеше на тоа да се дефинира едно потполно ново занимање а тоа е вокациски ментор кој би требало да биде мост помеѓу деловниот сектор и младите луѓе кои се занимаваат со некоја креативна работа, тоа она што го нарекуваме креативни индустрии каде што треба многу вештини, знаење, вмреженост, што, се разбира, дека младите луѓе го немаат и едно такво работно место мислам дека е навистина потребно во денешно време кога сѐ повеќе се согледува важноста на креативните индустрии во спектарот на останатите индустрии. Мислам дека тоа сѐ уште не е направено, а дека многу луѓе се занимаваат, макар и волонтерски, со менторска работа, така што јас сум задоволна со тоа што се истражува моделот за такво занимање и тоа е она што го направивме во овој проект, и мислам дека треба да се надополни, и дека сериозно ќе се земе предвид од страна на луѓето што одлучуваат во која насока се развиваат креативните индустрии.“

Тревор Бургес, консултант за развој, (RINOVA), Лондон, Велика Британија

Завршната конференција за овој проект сакавме да ја одржиме токму во Македонија заради дебатата која се одвива околу Националната стратегија за култура и реформите во оваа област, исто така заради одличните можности на програмата „Еразмус“. Овој проект беше за препознавање и развој на улогата на менторите во креативните индустрии во европските земји, со оглед дека овие индустрии во Европа се еден од најбрзо растечките, динамични и најиновативни сектори. Овој проект е за обука на ментори во креативните индустрии во Европа, бидејќи овој нов сектор овозможува одлични можности за кариерата на младите луѓе. Низ овој проект се обучуваа менторите кои треба да ги водат и поддржуваат младите во креативните луѓе. Партнерите од шест држави имаат добри резултати, изработивме веб страница и сѐ што изработиме е достапно. Директорката Лидија Димова од Агенцијата во Скопје ни кажа дека ќе има одлични можности преку програмата „Еразмус“ и натаму да се развиваат овие капацитети.

Џиџи Гуизо (CEPS Projectes Socials), Барселона, Шпанија

Мислам дека проектите кои помагаат во размената на искуства имаат голема вредност за развој на нови идеи, но базирани на веќе постоечки искуства. Значи можете да учите од успесите и грешките на другите. Мислам дека европските проекти во кои луѓе од различни држави споредуваат различни реалности и истражуваат што функционира во различни средини, а што не, многу помага за идните истражувања, апликации, идеи. Би сакале да продолжи овој проект, гледаме дека младите луѓе со кои работевме веќе се вклучуваат да работат проекти кои започнаа со овој проект или низ него и како група организации се надеваме дека ќе продолжиме, но тоа зависи од фондовите.

Винченцо Пелагрини (MuLab), Рим, Италија

Од исклучителна вредност беше да се види како сите партнери ги применија знаењата од процесот на обука и учење за ова занимање на ментор во креативните индустрии и мислам дека тоа беше инспиративно и важно затоа што учевме едни од други, како да ги решаваме работите на различни начини и тоа е многу значајно. Мислам дека европските проекти од овој вид се многу вредни затоа што овозможуваат размена меѓу различните култури, различните начини на размислување и тоа помага да се подигне нивото на толеранција и свест за значењето на солидарноста и тоа од големата вредност. Од аспект на продолжување на проектот, ние мислиме да го продолжиме моделот на работа со талентираните млади луѓе како формат креиран од младите за младите и сакаме да продолжиме со тоа. Веќе имаме луѓе што по поминатата обука продолжуваат да работат преку програмата „Еразмус“. Оваа циркулација на луѓе и идеи помага да се создаде свесност за културните разлики, но и за единството на Европа

Џема Гели- Џонс (Collage Arts), Лондон, Велика Британија

„Collage Arts“ во Лондон, кој се наоѓа во познатиот компелкс на установи „Фабрика за чоколада“, е партнер во овој проект кој навистина им помогна на младите луѓе да тргнат по патот на промени, идентификување на сопствените таленти, и развој во насока на користење на нивните вештини за да изградат креативно портфолио во средина која им овозможи сигурност и со помош на ментори кои долго време се во таа област. Тие стекнуваа вештини и градеа мрежа за да можат да работат на вистински проекти и да се вклучат во бизнисот. Некои од нив иако имаа формално образование, немале прилика да направат контакти, но ова им даде шанси, благодарение на менторите кои им даваа поддршка со своето знаење. Таа поддршка беше во насока да развијат професионално однесување, креативен пристап, но и сто така како да опстанат во индустријата, без разлика дали ќе бидат фриленсери/хонорараци или самите ќе станат ментори за занимање. Мислам дека треба да се продолжи со овој проект, организациите што работеа создадоа одлична база на податоци и мрежа и следниот предизвик ќе биде да се направи баланс помеѓу јавното финансирање и бизнисот.

Освен триесетината гости од странство, на конференцијата во Скопје учествуваа и голем број млади луѓе, студенти и средношколци кои се заинтересирани за креативните индустрии како своја идна професија. За сите присутни на конференцијата беше прилагодена и програма во форма на работни дискусии од половина час, на кои се разработија неколку клучни прашања како: функцијата на вокацискиот ментор во контекст на креативниот пазар на трудот, прилагодување на културните политики и можности за акредитација на менторите во Македонија.

Конференцијата беше прследена и со публикација која служеше полесно да се следи агендата, да се добијат основни информации за сите партнери и гости, како и да се претстават селектираните работни текстови кои можат да послужат за понатамошно развивање на дискусијата за оваа тема.

Данче Чаловска, менаџер на проектот, додаде: „Се надеваме дека овој проeкт ќе значи поттик за понатамошно истражување кон оваа проблематика, етаблирање и класификација на вокацијата ментор во креативните индустрии, поголема поддршка за младите талентирани и способни автори, и надоврзување кон веќе постоечките легислативни иницијативи во однос на вокациското менторство во Македонија. Благодарност до Еразмус Плус програмата и нивната поддршка во реализацијата на овој проект, до македонските партнери во реализација на проектот, посебно Музејот на современа уметност, и секако посебна благодарност до сите наши проектни партнери кои веруваа дека оваа конференција може и треба да се случи во Македонија и за отварањето на нови развојни линии кои секако ќе водат до нови соработки на локален, регионален и меѓународен план”.