Кралската данска библиотека и методот на Марина Абрамовиќ

17.07.2018 02:20
 Кралската данска библиотека и методот на Марина Абрамовиќ

Меѓу разнобојните згради кои го опкружуваат пристаништето во центарот на градот, карактеристична слика од Копенхаген, преполна со туристи, блиску до водата се издига необична, висока, црна гранитна градба со неправилни агли што блеска на северното сонце, ја нарекуваат Црниот дијамант и тоа е Кралската библиотека на Данска.

Зградата Црн дијамант била изградена во 1999 година, во близина на старата библиотека, а била проектирана од едно од најпочитуваните дански архитектонски студија - „Шмит Хамер Ласен“ (Schmidt Hammer Lassen), како прва од неколкуте големи градби во кои се сместени данските културни институции. Библиотеката е незаобиколна точка кога го посетувате Копенхаген.

За разлика од темната надворешност, кога ќе влезете во атриумот сè е светло и органско, но сè уште футуристичко, а неправилноста на аглите не предизвикува вртоглавица, туку смиреност. Освен огромниот фонд книги, оваа година во библиотеката може да се погледне и изложбата на стари и скапоцени ракописи во избор на славната Марина Абрамовиќ. Прочуената данска прагматичност уште еднаш на дело покажува како може да се презентира богатото книжно наследство; да биде дел од сериозен уметнички проект и да е атрактивно за посетителите.

Проектот е насловен „Абрамовиќ метод за богатства“ и е специјално креиран за Кралската данска библиотека во Копенхаген. Појдовната точка била збирката на скапоцените ракописи на библиотеката, една од најбогатите во северна Европа, а Марина Абрамовиќ, пак била поканета да направи свој проект со збирката, односно своја поставка. Резултатот е инсталација, која, се разбира, ги вклучува и вредните артефакти што се чуваат во Кралската библиотека, а чијшто составен дел стануваат самите посетители. Делото директно ги ангажира гледачите и поттикнува нови начини на интеракција со културното наследство. Еден вид тотална инсталација за книги и луѓе.

„Кога ме поканија во Кралската библиотека и кога ми ги покажаа нејзините богатства, природно се наметна идејата тука да направам проект. Книгите што се овде презентирани се толку скапоцени, толку деликатни што всушност не може да ги допрете со рака, не може да ги вртите страниците, немате директен контакт со нив бидејќи тие се чуваат зад стакло. За мене главната поента беше на јавноста да ѝ овозможам контакт со ова богатство на еден поинаков начин, преку Абрамовиќ методот“, изјави Марина Абрамовиќ во интервју по повод соработката со библиотеката.

И покрај негативните критики, Абрамовиќ е една од
најголемите перформанс уметници на нашето време, која секогаш во своите дела директно се инволвира, уривајќи ја бариерата помеѓу уметникот и публиката и создавајќи интензивни перформанси кои се фокусирани на длабокото чувство на сега и овде. Во „Абрамовиќ метод за богатства“, таа успеала да создаде концепт кој на нов начин создава врска меѓу поединецот и културната историја. Со други зборови, Абрамовиќ ја поставува сцената, но другите мора да ja доживеат, учествувајќи во разните ритуали. И навистина, методот на Марина успева да ви го оттргне умот од секојдневието па макар тоа било туристичко и да ве подготви за приземјување и присутност во просторот и време од околу еден час со потполна концентрираност.

За да не мистифицираме, веднаш треба да се каже дека не се работи за некои посебно комплицирани вежби или нешто слично. Доаѓате да купите билети за изложбата, ви даваат слушалки и ви кажуваат дека изложбата можат да ја видат само 17 посетители во час и половина колку што трае целиот процес и дека ѕвоното ќе го означи крајот на вашата посета, во случај малку да сте задремале. Треба да сте подготвени доброволно да се откажете од својот мобилен телефон на толку време и да го предадете на чување заедно со другите лични предмети како капут, или чанта. Пред да влезете низ малку застрашувачката врата што личи како да е од некој банкарски трезор, дел од ритуалот е и што треба да ги оставите и чевлите и боси, значи помалку ранливи да се соочите со богатството на Кралската данска библиотека и пота да заборавите на надворешниот свет и да се фокусирате на книгите.

Непроценливо вредните ракописи и книги се поставени во големи витрини од стакло заради безбедносни и конзерваторски причини и додека очите ви се навикнуваат на светлината си мислите дека се работи за луксузна, но сепак обична изложба, додека во просторијата не ги забележите совршено дизајнираните минималистички кревети и столици од дрво, кои се изработени во познатиот скандинавски стил.

Доколку ги ставите слушалките ќе го слушнете гласот на Марина Абрамовиќ која ви го објаснува концептот и нејзиниот избор на книгите од богатата збирка на Кралската библиотека. Можете да седнете или да прилегнете и да слушате и по своја желба да избирате делови од 20-те книги што ги селектирала славната уметница. Патувањето почнува со писмата на Махатма Ганди (1869 – 1948) преку „Волуспа“, стара нордиска поема која датира од 1000 – та година и е клучна за проучување на нордиската митологија, потоа Историјата на Даните од 1200-тата година, Медицинската енциклопедија од 16-от век, древните еврејски и будистички записи, па сè до оригиналните писма на Карен Бликсен („Моја Африка“) или писмата на Серен Кјеркегор до неговата свршеница Регина Олсен од 1840 година. Изборот завршува со приказната „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен, чијшто оригинални ракописи, исто така се дел од збирката на библиотеката и за која, длабокиот глас со силен словенски акцент на Марина Абрамовиќ ќе ви каже дека таа чувствува посебна поврзаност и се идентификува со оваа бајка на Андерсен.

„Сакаме да ги раскажеме приказните за Кралската библиотека. Сакаме да ги покажеме неверојатните богатства и сакаме јавноста да се поврзе со нив. И знаеме дека Марина Абрамовиќ, во развојот на овој проект, ја имаше истата цел. Таа навистина сака младите луѓе да успорат и да се отворат за можноста за поврзување со прекрасна литература ", запишала кураторката на изложбата, Кристина Бек.

Кралската данска библиотека од 2012 година поканува уметници кои ја редизајнираат нивната поставка или прават уметнички проект. Пред Абрамовиќ, во библиотеката работеле Роберт Вилсон, „Hotel pro forma“ и рускиот уметник Андреј Бартенев. Така, библиотека постојано ја реобликува и преосмислува својата поставка, додавајќи ѝ современа уметност на својата вредна збирка стари книги, мапи и ракописи.