1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Поранешниот бразилски претседател Луиз Инасио Лула да Силва е жртва на монтиран процес чија цел е најпопуларниот политичар во современата историја на Бразил да го отстрани од трката за претседателските избори кои ќе се случат во октомври – барем така тврдат сè повеќе правни експерти од сите делови од светот. Меѓу нив е и групата угледни британски правници кои неодамна во весникот Гардијан апелираа Лула да биде пуштен од затвор и да му се дозволи учество во предизборната кампања.
Последното во низата наводни кршења на уставните права на Лула се случи кон средината на јули, кога претседателот на федералниот суд издаде налог за Лула – кој без правосилна пресуда отслужува 12 годишна затворска казна заради корупција – да биде пуштен од затвор, налог кој во истиот момент го поништи најголемиот прогонувач, судија и херој на бразилската политичка десница Серхио Моро. Имено, од 2016 година дотогаш нискорангираниот локален судија ја предводи големата корупциска истрага со име Lava Jato (Автопералница), во која 200 полицајци и обвинители ги истражуваат сомненијата дека низа компании, меѓу кои и индустрискиот картел Одербехт подмитувал државни службеници за тие, за возврат да му обезбедат зделки со државната нафтена компанија Петробрас. Во рамки на истрагата уапсени се осудмесетина политичари и бизнисмени, вклучувајќи го и поранешниот претседател Лула.
Тоа беше еден во низата спорни процеси на контроверзниот судија кој од неодамна пак, го испитува Советот за човекови права на Обединетите нации (УНХРЦ), тело кое го прифати барањето на познатиот британски адвокат за човекови права Џефри Робертсон да се испитаат сомнежите дали на Лула му е одземено правото на чесно судење со непристрасен судија, но и правото на учество во предизборната кампања за претседател на Бразил.
Лула да Силва беше уапсен во април годинава, откако Врховниот суд негативно одговори на жалбата на неговите адвокати кои тврдеа дека Лула не би требало да почне да служи затворска казна пред да се исцрпат жалбените механизми. Поранешниот претседател беше однесен в затвор истиот ден, заради неправосилната пресуда дека учествувал во аферата Петробрас зашто како мито, му бил „ветен“ стан на крајбрежјето во замена за местење зделки со Петробрас, инженерско-градежна компанија на ОАС конгломератот Одербехт, најголемото такво бизнис царство во Латинска Америка.
Лула, кој денес има 72 години, оттогаш се наоѓа во самица и забрането му е комуницирање со јавноста, но неговата Работничка партија (ПТ) и покрај тоа го номинираше за свој кандидат на претседателските избори. И покрај тоа, истражувањата на јавното мислење во последниве месеци покажуваат дека Лула е изборен фаворит со двојно поголема поддршка од следниот кандидат, поранешниот воен генерал и историски ревизионист Жаир Болсонару. Затоа е извесно дека еден од основачите на ПТ и претседател на Бразил во два мандати и денес е исклучително популарен заради своите социјални програми против сиромаштијата, и тој повторно би можел да стане претседател на државата доколку му се дозволи тоа.
Адвокатите на Лула се убедени дека токму тоа е причината за правосудната хајка, па на 3 јули во Женева, Робертсон и бразилската адвокатка Валеска Мартинс одржаа конференција за медиумите на која објаснија зошто УНХРЦ се согласи да го истражи случајот на Лула. Робертсон се обиде да објасни зошто апсењето на Лула го смета за кршење на човековите права, како и да го демистифицира случајот околу кој, како што смета, намерно се создава магла за со него да се манипулира во јавноста. Рече дека наводното поседување стан на Лула на брегот на морето – „со поглед на мошне второкласната плажа“ – впрочем е дел кој во склоп на една работничка кооператива го купила неговата покојна сопруга, по што сопственикот набрзо банкротирал.
Потоа целиот комплекс ѝ припаднал на компанијата ОАС, која е вмешана во корупцискиот скандал со Петробрас, која на Лула, откако му завршил мандатот му понудила друг, подобар стан. Меѓутоа, Лула ја одбил понудата а ОАС и ден денес е регистриран сопственик на станот, што според Робертсон докажува дека не се случил никаков чин на подмитување. И покрај тоа, судијата Моро ја искористил таа ситуација како основа за осудувачка пресуда.
Освен тоа, тврди Робертсон, во текот на истрагата не е пронајден „ниеден цент“ кој го заработил Лула а тоа да не било уредно пријавено и за тоа да е платен данок, но и покрај тоа целиот негов имот и банкарските сметки и натаму се блокирани, заради што тој сега нема пари ни за адвокатите ни за предизборната кампања.
Британскиот адвокат исто така се осврна на бразилскиот правосуден систем, инаку наследен од Португалија кој одамна е напуштен и кој го нарекува „инквизициски“ бидејќи еден судија ги контролира сите фази и аспекти на процесот, односно управува со истрагата и претседава со судењето. Во еден претходен текст објавен во списанието Foreign Affairs, Робертсон напиша дека Моро во текот на истрагата давал изјави во јавност во кои преудицирал вина на Лула, па дури и учествувал и потпишувал книга на друг автор во која Лула се опишува како криминалец. Робертсон тврди дека такво нешто во Америка е невозможно и со самото тоа што истражниот судија не може истовремено да биде судија во судската постапка, не може и во Европа, каде е можно двете функции да ги извршува истата личност но не е дозволиво таква личност да учествува во јавна демонизација на сопствениот обвинет.
Во интервју кое го даде за независниот американски портал Truthdig, адвокатката Мартинс специфизираше бројни ситуации во кои се одземани или уништувани докази во корист на Лула и наведе дека судот издал 227 налози исто толку луѓе присилно да се приведат на информативен разговор, што таа исто така го смета за кршење на нивните уставни права. И самиот Лула минатата година на сличен начин рано наутро бил одведен од еден од аеродромите на испитување, каде биле повикани новинари, иако претходно уредно соработувал со инспекторите па немало потреба од приведување.
Освен тоа, Мартинс дополнително ја допре правосудната соработка на бразилските инспектори и американското министерство за правосудство, соработка која заменикот главен американски државен адвокат минатата година го нарече „најдобар пример во неодамнешната историја“ за заедничка работа за сузбивање прекуграничен криминал.
Бидејќи Одербехт е една од најголемите градежни компании во светот, американскиот правосуден претставник во таа прилика истакна дека такви резултати не би биле можни без „неформална“ соработка на правосудните тела на двете држави. Токму таквата неформална соработка, која се реализира во вид на директна комуникација на инспекторите наместо преку официјалните канали, адвокатката на Лула ја смета за „прашање кое во Бразил во иднина ќе мора подетално да се анализира“.
Дека во Бразил во моментов се одвива пресудна битка помеѓу левицата и десницата, битка во која Лула е клучен протагонист, се покажа кога неодамна дваесетина пензионирани воени лица објавија дека на изборите ќе се борат за низа функции, вклучувајќи ја и претседателската за која се кандидира споменатиот Жаир Болсонару, човек чиј прекар е „бразилскиот Трамп“.
Како што неодамна пишуваше Њујорк Тајмс, со истакнување на „воените доблести“ како што се дисциплината и патриотизмот, кои во моментов наводно можат да ја спасат земјата од бездната во која ја турнаа корумпираните елити, некои генерали а денес политички кандидати ја споменуваат дури и можноста за „привремена воена интервенција“ против „авторитарните социјалисти“.
На пример, командантот на воените сили, генералот Едуардо Вилас Боас минатата година во април, додека Врховниот суд одлучуваше дали Лула мора да почне да ја остлужува затворската казна, на Твитер напиша дека „војската се противи на неказнетоста“, што во јавноста беше протолкувано како закана за судиите.
Враќањето на војската во политичкиот живот е мошне злобно кога ќе се земе предвид фактот дека две децении, до 1985 година, во Бразил на власт беше воената хунта која спроведуваше тортура над политичките противници. За разлика од некои други латиноамерикански земји, во Бразил не беше спроведен ниеден процес кој би можел да се именува според егидата „соочување со минатото“, а после укинувањето на диктатурата спроведена е општа амнестија, па сторителите не се казнети.
Сето тоа, тврдат аналитичарите, резултираше со своевидна романтизација на периодот на воениот режим, особено раширена меѓу младата популација која не живеела во тој период. И покрај тоа, истражувањето на агенцијата Latinobarometro покажа дека само 13 проценти од бразилците се задоволни од состојбата на демократијата во нивната земја, најмалку меѓу 18 држави, но затоа 8 од 10 испитаници имаат доверба во војската, најмногу од сите бразилски институции.
Извор: https://www.portalnovosti.com