Да се сузбие криминалот на моќните

15.06.2020 00:19
Да се сузбие криминалот на моќните

Повеќе од дваесет години во јавните дискусии се наметнува став дека нашата безбедност - најтесно сфатена како спречување напад на физичкиот интегритет - ќе биде загарантирана по цена на сѐ посилниот стисок на репресивната власт над нашите животи. Со други зборови, борбата против криминалот би подразбирала понатамошно унапредување на правната рамка и правниот надзор над органите на принудата, особено над полицијата. Во момент кога сеприсутноста на темата тероризам оневозможува секаков смирен дијалог, тешко е да се преиспитува она што се наметнува како неспорен здрав разум.

Меѓутоа, се покажува една сосема поинаква реалност. Од една страна, безбедноста која ја ветуваат творците на оваа репресивна тенденција останува обична илузија. За да се увериме во тоа, доволно е да се сетиме дека страшниот масакар во Ница, на 14 јули 2016 година, беше извршен и покрај осуммесечната вонредна состојба, како краен облик на потполна полициска моќ која требаше да ги заштити граѓаните. Од друга страна, ова „безбедништво“ има мошне реални ефекти кај населението кое е најмногу изложено на него - работничката класа. И покрај тоа што припадниците на работничката класа се првенствени жртви на криминалот - на пример, тие се под двојно поголем ризик за кражба на автомобили и се трипати повеќе изложени на сексуално насилство (надвор од семејството) во однос на побогатите класи1 - истовремено се доведени во ситуација сѐ повеќе да се плашат од полицијата и правосудството. Тие значително повеќе се изложени на злоставување и дискриминација при полициски проверки. Шансите дека младите луѓе чиј изглед се смета како типичен за работничките населби, ќе бидат подложени на контрола на идентитетот се шеснаесет пати поголеми во однос на младите кои се облечени поинаку2.

Згора на сѐ, припадниците на работничката класа се осудувани во поголема мера. Тие се значаен дел од затворската популација: 48,5 проценти од затворениците немаат никаква диплома, а 50 проценти не извршувале никаква професионална дејност во моментот кога стигнале во затвор3. Истовремено, со исклучок на неколку медиумски проследени афери, правосудните органи се повлекуваат од борбата против тешкиот економски и финансиски криминал. Нивен приоритет останува брзото процесирање на најочигледните престапи - оние на јавните патишта. Вкупниот број полициски инспектори специјализирани за економски и финансиски прашања, кој во минатото беше незначителен, опадна од 529 кон крајот на 2013 година на 514 четири години подоцна4.

Разорните последици на полициското насилство

Според моделот на неолибералните економисти, би можело да се тврди дека ако безбедносниот „здрав разум“ неславно потфрли во остварувањето на целите кои ги поставил, тоа ќе биде резултат на тоа што сѐ уште не сме заглавиле длабоко во репресија. Но, исто така причината може да се пронајде во сосема извртената поставка на проблемот во рамки на тој модел. Чувството на сигурност не се стекнува со препуштање на самоволието на власта во замена за илузорна гаранција дека таа ќе нѐ заштити од секаков ризик од агресија. Напротив, безбедноста на граѓаните произлегува од заштитата на законите од секаков вид злоупотреба на моќта, без разлика дали доаѓа од приватни лица или од јавни актери. Императивот на безбедноста, на кој се темели правниот поредок воспоставен во текот на револуцијата, претпоставува строга правна еднаквост на поединците, без оглед на нивната положба во општеството. Далеку од тоа дека ја оправдува семоќта на власта, тој подразбира нејзино потчинување на законот и, во склад со тоа, ефикасна правна заштита на најзагрозените луѓе. Законот „мора да биде за сите, без разлика дали штити или казнува“, прецизирано е во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година.

Барањето за егземпларност првенствено се поставува пред претставниците на јавната власт. Раскинувајќи со правото од стариот поредок, кривичниот закон од 1791 година воведе бројни кривични дела и прекршоци за да ги сузбие малверзациите на јавните службеници (како проневерата или тргувањето со влијание). Со тоа се изразува идејата на уставотворецот според која нападот на слободата на другите е дотолку посериозна доколку потекнува од личност задолжена да го претставува јавниот интерес. Во тоа се согледуваат не само радикалните демократски тенденции на творците на Првата француска република туку и нивниот длабок прагматизам. Еден од пронаоѓачите на револуционерното кривично законодавство, Луј Мишел Лепелетие де Сен-Фаржо, во 1971 година тврдеше: „Добра полиција со добри манири - ете што, наместо казнување, е потребно за еден народ да биде слободен. Онаму каде што владее деспотизам, забележано е дека се множат злосторствата. Мора да е така зашто човекот е деградиран. Би можело да се каже дека слободата, како силните растенија, брзо ќе се прочисти од сите штетни изданоци од среќното тло од кое израснале5“.

Ова согледување не е застарено ни денес. Впрочем, во земјите кои спроведуваат несразмерна репресија преку многу милитаризирана полиција, како што се Бразил, Мексико или Колумбија, се случуваат најголем број намерни убиства по глава на жител. Далеку од намалувањето на насилството, оваа политика, напротив, придонесува за негово влошување со борбено натпреваруање, што доведува актерите на организираниот криминал за возврат и самите да се милитаризираат6. Репресивниот систем на САД спаѓа во понемилосрдните - со речиси една петина од светската затворска популација7 - и, истовремено, има висока стапка намерни убиства, која, иако е во опаѓање, не може да се мери со стапките во европските земји: 5,35 на 100 000 жители во 2016 година, во однос на 1,35 во Франција и 1,18 во Германија, според податоците на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.

Затоа начинот на кој се спречува, открива и санкционира насилството на полициските служби е пресудно за здравјето на една демократија. Неуспесите во оваа област нѐ изложуваат не само на самоволието на власта туку и на пораст на насилството. Впрочем, тоа води кон радикализација на криминалното однесување, против кое наводно се бори власта, што подлабоко ја поткопува довербата помеѓу силите на редот и населението. Во таков случај населението нерадо ги пријавува претрпените повреди, или, што е уште полошо, посегнува кон приватно насилство во решавање на конфликтите.

На ист начин, мора да се нагласи потребата да се казнат прекршоците на останатите чинители на владејачката класа, особено економските елити, сразмерно на штетата што ѝ ја нанесуваат на општествената кохезија. Општественото влијание на дејствувањето поттикнато од економската грабливост е дотолку поважно што неговите сторители се на повисоки позиции на моќта. Секако, најпрвин заради неговиот потенцијален обем: затајувањето данок создава буџетски дефицит кој се проценува на неколку десетици милијарди евра8. Сепак, во 2016 година имало само 524 осудувачки пресуди за затајување данок, а даночните власти кај судовите упатуваат помалку од 1 000 од околу 15 000 утврдени случаи секоја година9. Пошироко гледано, стопанските и финансиските прекршоци биле само 3 проценти од кривичните постапки во 2016 и 2017 година10.

Покрај тоа, постои голем ризик дека криминалните практики на владејачките класи ќе станат главна димензија на економските и општествените односи, по цена на општо нарушување на правната заштита која би требало да ја уживаат граѓаните. Граѓаните можеби ќе бидат доведени во ситуација да плаќаат скриени даноци за да обезбедат остварување на своите економски и социјални права, додека корупцијата и приватизацијата на апаратот за принуда од страна на најбогатите ги изложува на полициско насилство или неказнување на насилството на привилегираните индивидуи ако имаат несреќа да влезат во конфликт со нив11.

Земјите со висока стапка на корупција на елитите трпат генерално намалување на почитувањето на законот од страна на целокупното население: таму каде што надвладеале големите сили, затајувањето се банализира и дури се нормализира, во извештаите на државните институции, особено за даночните прашања. На пример, во Италија продорот на мафијата го направи населението толерантно на затајувањето и, пошироко, на таканареченото „комбинационе“ (шеми и ситни спогодби со законот)12. Повторно се покажува дека примената на владеењето на законот кај повисоките слоеви од општеството директно ја условува безбедноста на сите.

Наспроти тоа, не можеме да претераме во будноста кога станува збор за условите во кои најранливите личности можат да ги остварат своите права, особено кога тоа им го оспоруваат властите или приватните моќници. Со други зборови, демократската сила на правниот систем се мери и со неговата способност да функционира без интерес, односно да гарантира заштита на законот за оние кои, во поединечни случаи или системски, не поседуваат никакви други ресурси (економски, културни, општествени...) за заштита на своите интереси. Во таа смисла, одлучувачки показател е судбината наменета особено за ранливите личности, без разлика дали станува збор за деца, затвореници, странски државјани или, генерално, сите кои ќе се најдат во ситуација на економска и општествена ранливост.

Денес децата секако уживаат релативно широка заштита од самоволието на возрасните личности, како во рамки, така и надвор од семејната сфера. Меѓутоа, тоа не е случај со затворениците. Законски осудените од страна на националните и европските судови, кои ги почитуваат основните слободи, се сместени во затворски услови кои го намалуваат нивното основно достоинство. Заштитата им е ускратена и на странските државјани, дури и на малолетниците, чија ситуација упорно се влошува во последниве дваесетина години, во поглед на нивното право за престој или постапката за спроведување до граница. Најпосле, лицата соочени со егзистенцијална неизвесност исто така често наидуваат на значајни потешкотии во остварувањето на своите социјални права. На пример, спорот кој неодамна се разви по повод незаконскиот прекин на исплатите од француската служба за вработување, откри дека некои корисници на надомест се наоѓаат во ситуација на тотална „несигурност“, заради привремено ускратување на правото на социјална заштита.

Токму како што санкционирањето на незаконските постапки на владејачката класа позитивно влијае на општиот степен на спроведување на законот во целото општество, нивото на правна заштита на загрозените лица може да ја зајакне или ослабне сигурноста на секој поединец. Колку што е поголем поттикот власта да ги почитува правата на сиромашните, толку таа ќе биде понаклонета кон почитување на правата на оние граѓани кои се доволно способни сами да ги бараат. Истото важи и во обратен случај - слабата заштита на едните лесно се проширува и на другите. Тоа можевме да го видиме преку примерот на мерките за ограничуивање на слободата, за што како лабораторија послужи законот за странски државјани. Налозите за куќен притвор за лицата обврзани да ја напуштат француската територија, изречени без никаква судска контрола, наводно се проширени на насилните граѓани кои им изразувале поддршка. Само ветото на Уставниот совет спречи на тоа да се подложат и демонстрантите13.

Значи, наметнувањето исто ниво за спроведување на законите од врвот до дното на општествената скала претставува демократско прашање од примарна важност. Ако правната држава стане опиплива реалност за повеќето граѓани, тие дефинитивно ќе престанат да ѝ признаваат толкави заслуги на безбедносната реторика.

Венсан Сизер е предавач на универзитетот Париз-Нантер. Автор е на делото Sortir de l'imposture securitaire, La Dispute, Париз, 2016.

(1) Извештај од истражувањето „Cadre de vie et securite“, Министерство за внатрешни работи, Париз, декември 2018.
(2) Рене Леви и Фабиен Жобар, „Les controles d'identite a Paris“, Questions penales, No. 23.1, Центар за социолошки истражувања за законски и казнени и институции, Гијанкур, јануари, 2010.
(3) „Qui sont les personnes Incarcerees?“, Меѓународна опсерваторија за затвори, www.oip.org/en-bref.
(4) „Les moyens consacres a la lutte contre la delinquance economique et financiere", Финансиски суд, Париз, 12 декември 2018.
(5) Наведено според: Феликс Лепелетие де Сен-Фаржо, OEuvres de Michel Lepeletier de Saint-Fargeau, Lacrosse, Брисел, 1826.
(6) „How's life?“, сектор „Безбедност“, ОЕЦД, Париз, www.oecdbetterlifeindex.org.
(7) Рој Волмсли, „World prison population list“, 12 издание, Институт за истражувања во кривичната политика, Лондон, 2018.
(8) „Commission d'enquete sur l'evasion des capitaux et des actifs hors de France et ses incidences fiscales", Сенат, Париз, 17 јули 2012.
(9) „Rapport d'information sur les procedures de poursuite des infractions fiscales", бр. 982, Народно собрание, Париз, 23 мај 2018.
(10) Infostat justicem, бр. 169, Министерство за правда, Париз, мај 2019.
(11) Пјер Ласкум, Une democratie corruptible, Arrangements, favoritisme et conflicts d'interets, Сеи, колекција „La Republique des idees“, Париз, 2011.
(12) Роберто Скарпинато и Саверио Лодато, Le Retour du prince, La Contre Allee, Лил, 2015.
(13) Да се прочита: „Des sans-culottes aux 'gilets jaunes", histoire d'une surenchere repressive", Le Monde diplomatique, април 2019.

Слики: Kathleen M.G. Howlett

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото