Што ако (четири песни)

07.09.2018 00:45
Што ако (четири песни)

За луѓето и другите крилати суштества

Имам другарка која едно лето
на никој не се јавуваше две недели
зашто пред влезна врата
затекла срушено гнездо и повредени птици
две недели на никој не се јавуваше
додека не ги излечи
кога некој ќе ме праша
што е за тебе добар, возвишен човек
јас молчам, помислувам на Маја
и се присетувам на своите стихови
дека не е толку лошо
кога, ете, некому ќе му дадеш крилја
а тој одлетува од тебе

 

Таму ништо нема

Долго ме посматраше со тие џамлиесто-зелени очи
Како да сака да ми проникне во глава
Да види што тоа коските на мојот череп кријат
И каков е тој сутлијаш во кој мојот мозок прета
Таму ништо нема, реков
Таа не ме слушна
Продолжи да ме посматра
Додека цупкаше по малку нервозно
Како дете кое се спрема по прв пат да прескокне ограда
Зад која мисли дека се крие којзнае каква детска лудост
Таму ништо нема, повторив
Таму накај што сме наумиле ништо нема
Како не сфаќаш
Само илузија
Како не сфаќаш ти
Јас не сакам да ти проникнам во глава
Сакам да ти протрчам низ срцето со галоп
Наслушнав, ти работиш на батерии
Кога ќе ти ја извадат душата – застануваш
Всушност, јас не сакам да ти протрчам низ срце
Сакам полека да чекорам, нога пред нога
Како во голема, голема поворка
Кога на починка заминува една прекрасна илузија
Илузијата дека ние можеме
Можеме, само отвори очи
Гледаш дека пред тебе не сум јас
Стоиш пред огледало, Алтере,
Будало.

 

Мојот Алтер легна

И ми вели: не смеам да проникнам во тебе,
отаде допира мракот од детството
од кој некогаш се плашевме.
Сега кога во него внесе бои, бисери, огномети
Четки, насмевки и вештачки снег од стиропор
Што ќе сум ти јас?
Алтере, ќути и спиј.
Не, не, кажи ми
Видлив е напредокот во цивилизацијата
Некогаш постоеја црно-бели телевизори
А луѓето донекаде беа шаренолики, а денес?
Ма што знаеш ти за луѓето?
Знам дека сега луѓето се црно-бели
Сè се преврти.
И што ќе правиш така кловнест и човеколик
Меѓу животни
Ти немаш топлина која би го загреала цел свет
Ти само ги топиш човечките срца
И тогаш пушташ вештачки снег да паѓа
И се лизгаш со лизгалки остри како сечила
Спиј Алтере!
Не можам,
Одамна престанав да ти верувам
Дека органите во твоето тело не се распоредени по фенг-шуи
Срцето ти е во петици
Среќата зад петиците
Кога ќе рашириш раце личиш на полско страшило
Кое птиците просто го обожаваат дека е смешно
Наместо очи ги имаш тие џамлии
Ги фрлавме во детството, се сеќаваш
Погаѓавме дупки...
Спиј, Алтере.
Не можам,
Морам да бидам буден
Зашто кога ти пушташ некого во својот живот
Го правиш тоа така свечено,
Тоа е церемонија:
Замотувам црвена лента околу тебе
И на тој некој му давам ножици
Едни за срце, едни за грб
Тоа е права, правилна церемонија на Довербата.
Спиј, Алтере,
спиј, јас одамна не знам каде патувам
Дали идам кон себе или заминувам од себе
Одамна веќе не знам каде патувам
Кому му се враќам а кој ми се враќа
Коските ми чкрипат како зарѓана капија
И кожата ми се првути како мувлосани мрсни бои
Јас сум таков што ретко се завршувам, Алтере
Мојот крај се твоите претстави за мене
Кога бев мал не можев да заспијам
Од мракот под креветот

....

Сега тој мрак се пресели во мене
Во него си ти.
Верувај ми.
Не ти верувам.
Спиј Алтере.
Спиј.



Што ако

што ако сум читал погрешни книги, нуркал во погрешни луѓе, што ако во ушите ми влегувала само матна вода, што ако мојата симпатичност е само лепак за отуѓеност, што ако всушност не се допираме ние туку нашите неврози, што ако до сега сум љубел само икебани, вештачки створови од месо и коски со разбокорена коса разлеана врз креветот, што ако ми здодеале малите вонтелесни задоволства, што ако боговите одозгора се кикотат и пијат вино и ни планираат нешто неочекувано, кој да ги знае, да се знае, животот би бил обичен ручек во менза – точно знаеш дека денес е ручек – шницла и пире со по некој површен разговор како прилог, што ако моите коски калемеле погрешни тупаници па сум изникнал како градинар кој повторно и повторно расте надеж за подобро одвнатре а завршува со сурова стварност во очите, што ако ти кажам дека постои назив за просторот меѓу забите, за шуплината, за воздух, се вика дијастема, што мислиш како се вика овој воздух, понор и шуплина помеѓу нас? што мислиш како се викаат забите меѓу два воздуха? е, тоа сме ние. што мислиш зошто луѓето не водат дневник, туку само го гледаат. што би запишале воопшто? што ако сум успеал да го донесам морето во спалната соба така што со брадата сум поминал преку нејзината кошула и тоа го давало оној звук на бранови шшшшшш па пак шшшшшш, глупост, што ако еднаш сум распослал црвен тепих од Лесковац до Париз, а таа во темноцрвен фустан дотрчала боса свечено да ме бакне сред главната автобуска како да сум принц а не отпушок, што ако веќе не го сакам тоа? зашто да се вложи енергија во шиење на црвен тепих е сразмерно на самоубиство, а љубов е кога си рашиен, до кожа, што ако сум нацртал празен тањир и сум јадел сирење и спржа над него, сликата сум ја нарекол Да се згасне гладот, подоцна цртежот сум го ставил во машина за садови, тоа биле моменти кога уметноста заминува во одвод за канализација, а ти тивко посматраш, тивко посматраш... што ако на хартија сум запишал ВРЕМЕ и потоа сум земал ножици и сум почнал да ја кратам хартијата, сум го крател времето, што ако сите овие небулози – Јас? Тоа нема врска со Елоквентноста која ја спомнуваш, ене ја во соседната соба црвена и скубе коса, тоа нема врска со интелигенција има врска со букет на мечтата, жими сè, што ако тоа твое Зошто се претвори во Зошто никогаш, што мислиш дека после за тебе ќе пишувам песни, господе, баш ме заболе, ако од такви работи ми зависела инспирацијата, до сега во животот би имал само пар песни и едно самоубиство, би знаеле, една улица во градот преполна со диви ружи и костени би го носела моето име и на мојот гроб некој папрат би пуштил корење да ме надополни, би бил само зелено, запиши некаде, нулта позитивна сум, ете да знаеш ако треба да се пролие крв, ја собираат во винска чаша,
на здравје, на здравје,
кљоц, кљоц,
а потоа шкљоц, шкљоц
за инстаграм.

Цртежи: Hiller Goodspeed

Превод: Борислав Јарчевски

Повеќе за Стефан Тиќми

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото