Нова интернационала

20.09.2018 01:16
Нова интернационала

Нашата епоха ќе биде запаметена по триумфалниот поход на глобално обединетата десница – националистичката интернационала, која ја произведе финансилизираниот капитализам. Дали ќе се памети по успешното хуманистичко спротивставување на таа опасност, зависи од подготвеноста на прогресивните сили во Соединетите држави, Европската унија и Британија, како и во земјите како Мексико, Индија и Јужана Африка, да изградат единствена прогресивна интернационала.

За задачата пред нас постојат историски преседани. Во меѓувоениот период, фашистите не дошле на власт ветувајќи насилство, војна и концентрациони логори. Власта ја освоиле обраќајќи им се на пристојни луѓе, кои по длабоката криза на капитализмот предолго биле третирани како стока на која ѝ паднала вредноста. Наместо да ги третираат како „луѓе достојни за презир“, фашистите „ги погленаа во очи и им ветиле враќање на достоинството , им понудија пријателство, идеали и им овозможиле да се гледаат како нешто повеќе од обични потрошувачи. Кратко потоа, кога под тежината на економската криза попуштила контролата на естабилишментот врз политиката, припадниците на прогресивните сили завршиле на маргините или во затвор.

Со доза на ново самопочитување им биле сервирани и предупредувања за „странци“ што притаено демнат и ја загрозуваат обновената надеж. Политиката „тие против нас“ доспеала во прв план, лишена од сите класни обележја и дефинирана исклучиво преку идентитети. Стравот од загубата на статусот, наскоро прераснал во толерирањето на кршењето на човековите права, на почетокот само на правата на сомнителните „други“, а потоа и правата на сите што мислат поинаку. 

Зарем не е тоа истиот метод со кој Доналд Трамп прво ја зазема Белата куќа, а сега победува во војната со зборови со естабилишментот на Демократската партија? Зарем тоа не потсетува на конзервативните гласачи за брегзит кои одеднаш се сетија на заслугите на Националната здравствена служба (NHS) на која со децении ѝ го намалуваа буџетот или на нивното жестоко залагање за демократија што тачеризмот одамна ја потчини на силите на пазарот? Зарем тоа не е начин на работа на десничарските влади во Австрија, Унгарија и Полска, на нацистите од грчката Златна зора и, што е најжалосно, на Матео Салвини, моќникот кој управува со новата италијанска влада? Каде и да погледнеме, препознаваме знаци на подем на амбициозната националистичка интернационала, каков што не сме виделе од триесеттите години на 20-от век. Што се однесува до естабилишментот, изгледа дека тој цврсто решил да ги повтори сите грешки на Вајмарската република.

Но доста за дијагнозата. Вистинското прашање е: што да се прави? Тактичкиот сојуз со глобалистичкиот естабилишмент не доаѓа предвид. Тони Блер, Хилари Клинтон и социјалдемократскиот естабилишмент во континентална Европа премногу се корумпирани со врските и парите на погубниот финансијализиран капитализам и со неговата идеологија. Со децении се потпираа на популизмот на слободниот пазар: на лажното ветување дека на сите ќе им биде подобро ако се согласиме на комодификација на сè. Тие сакаат да веруваме во бескраен лифт кој не дига до врвот на потрошувачкото задоволство. Но тоа се глупости.

За нашата генерација, 1929 година се случи во 2008-та година кога се урнаа сите наши илузии. Естабилишментот си продолжи по старо, како да е возможно работите да се поправат со комбинација на штедење за многумина, социјализам за одбрани и авторитаризам за сите. Во последните 10 години, националистичката интернационала напредува кон победата благодарение на растечкото незадоволство на граѓаните. За да се спротивстват на таа сила, претставниците на прогресивните сили треба многу прецизно да ги опишат причините и природата на немирот и незадоволството во општеството: интензивната класна војна на глобалната олигархија против растечкиот прекаријат, остатоците на западниот пролетријат и сите останати немоќни и понижени граѓани.

Потоа треба да се покаже дека тоа е единствениот начин да ја вратиме контролата врз нашите животи, заедници, градови и држави е со координација на заедничаката борба по должина на оската на меѓународниот њу дил. Не смееме да му дозволиме на глобализираниот финансиски капитал да го разединува нашето општество. Затоа треба да се објасни дека ниедна држава не е остров.

Како климатските промени и борбата против сиромаштијата, приватниот долг и разбојничките банки, потребно е дејствување на локално и на меѓународно ниво. За да покажеме дека воведувањето на тарифи од кои најмногу се богатат локалните олигарси не се најдобриот начин да се заштитат работниците, треба да се бориме за трговски договори со кои владите на сиромашните држави гарантираат пропишани минимални плати за своите работници и работни места на локално ниво. Тоа би водело во заздравување на заедниците и во сиромашните и во богатите држави.

Уште поамбициозно, нашата прогресивна интернационала треба да предложи основање на меѓународна монетарна клириншка унија каква што предложи John Maynard Keynes на конференцијата во Бретон Вудс во 1944 година, вклучувајќи ги тука и добро осмислените прописи за ограничување на движењето на капиталот. Со изедначување на платите, трговијата и финансиите на глобално ниво би се намалиле несаканите миграции и несаканата невработеност и така би се завршила моралната паника за нашето право слободно да се движиме низ светот.

Но кој ќе ја изгради толку потребната прогресивна интернационала? За среќа, имаме неколку потенцијални иницијатори: „политичката револуција“ на Берни Сандерс во САД, Лабуристичката партија на Џереми Корбин, нашето движење Демократија во Европа (DiEM25), избраниот претседател во Мексико, прогресивните елементи во Африканскиот национален конгрес, различните движења кои се борат против биготеријата и мерките на штедење во Индија.

Да почене уште денеска. Кога наместо омраза и бес ќе понудиме рационална надеж, многумина ќе ни се придружат.

Го замоливме Берни Сандерс да го коментира овој текст:

Јанис Варуфакис е сосема во право. Во време на огромно глобално богатство и растечка нееднаквост, владеењето на олигархиите, растот на авторитаризмот и милитаризмот, потребно ни е прогресивно меѓународно движење кое ќе се спротивстави на овие закани. Неприфатливо е 1 отсто од светскта популација да поседува повеќебогатство ос останатите 99 отсто. Мултинационалните корпорации и богаташите префрлија повеќе од 21 билион долари во офшор банкарски сметки за да го одбеганат плаќањето на данокот, а нафтената индустрија ја уништува нашата планета затоа што некои земји се неспособни за организираат ефикасна борба против климатските промени.

Додека богатите се уште побогати, луѓето ширум светот работат подолго за исти плати и стравуваат за иднината на своите деца. Авторитарните власти ја злоупотребуваат економската несигурност на луѓето, произведуваат жртвени јарци и различните општествени групи ги хушкаат едни против други.

Решението, како што истаканал Варуфакис, е меѓународна прогресивна агенда која ги обединува работните луѓе со помош на визијата за заеднички просперитет, сигурност и достоинство за сите луѓе. Нашиот свет е во опасност. Да се бориме за него заедно!

Слики:Joan Wong

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото