Достоинство во политиката

05.10.2018 00:17
Достоинство во политиката

Тема на сослушувањето на професорката Форд и судијата Кавано беше човечкото достоинство. Кристин Блејзи Форд зборуваше за нападот на нејзиниот дигнитет, за настанот кој ја прогонува целиот живот („Тоа смеење се врежа во мојот хипокампус и не може да се избирише“, рече професорката по психологија, „смеењето со грохот на тие двајца...Лежев под едниот од нив, а тие се смееја како двајца другари на кои им е многу забавно“). Од друга страна Брет Кавано и неговите заштитници, особено сенаторот Линдзи Греам ги отфрлија нејзините обвинувања и целото сослушување како напад на достоинството на овој судија: целото нивно викање, делење лекции и плачење и одлучното одбивање на Греам макар да го земе предвид поводот за сослушувањето, значеше дека секое спротивставување тие го сфаќаат како навреда. За нас останатите, спектаклот на сослушувањето и потоа гласањето се претворија во опело за достоинството во политиката.

Идејата на достоинството на два начини е пресудна за нашето разбирање на политиката. Учеството во политичкиот процес ги издигнува сите граѓани на достоинствен статус. Да се има глас, да се биде сослушан и да се врши политичко влијание се клучните состојки на достоинството. Пишував за концептот на „феминизација на политиката“, како предуслов за враќање на достоинството на оние кои ретко се слушаат: жените, сиромашните, малцинствата, хендикепираните и другите. Неколку нови демократски движења, како што е муниципализмот во Шпанија и во други држави, или појавата на политичките движења во Скандинавија кои во центарот на својот политички ангажман ги ставаат јавните слушања на човечките приказни и мислења. Кога луѓето се исклучени од политичката заедница – кога ќе останат без држава или гласачко право, или кога едноставно се маргинализирани – тогаш се лишени од човечко достоинство.

Од друга страна, постои и дигнитет на политичкиот перформанс кои потекнува од титулите, процедурите, начините на облекување и посебните жаргони. Некогаш луѓето знаеја дека тој перформанс сигнализира, па дури и претходи на содржината на политиката. Во 1990-тите години, во Русија често известував од уставниот суд и тоа беше посебно и возвишено искуство. Одеднаш започнуваше перформанс на почитување на законот, интелектуална строгост во толкувањето на законите и процедурите. Во држава во која политиката долго време се засноваше на лаги, а законот беше во служба на теророт, мала група луѓе одлучила да се однесува како законот да е важен и како човечките постапки да се значајни. Некое време се чинеше дека се успешни. Но како што пропаѓаше Русија, замираше и перформансот на политика во јавноста, вклучувајќи ги и судниците.

Во рускиот филм „Левијатан“ од 2014 година постои сцена во која судиите изгледаат застрашувачки – не затоа што се импресивни, туку затоа што се неартикулирани, рамнодушни, неуредни. Останале само тогите.

Се разбира, јавниот спектакл на политиката може да биде употребен и за прогон на оние кои не изгледаат или не зборуваат како што треба. Затоа двата облици на политичкото достоинство се нераздвојни: достоинството на учеството и достоинството на перформансот. Предизвикот на демократијата е да се изградат процедури кои постојано го шират ова поле.

Наместо тоа, во САД имаме забрзано пропаѓање на политичкиот перформанс. Симболичниот почеток на новата ера веројатно беше инаугураициониот говор на Доналд Трамп полн со упростувања и изливи на омраза, но и грдо однесување кон англискиот јазик: тоа беше оддалечување од убавината која можеби би ја очекувале во таква пригода. Се продолжи со лагите, навредите и скаредностите. За само неколку месеци, секој гест во јавноста кој би се повикувал на наекои подостоинсвени времиња стануваше невообичаен настан. Мислам дека затоа и сведочењето на поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, минатата година во Конгресот делуваше како здив на свеж воздух.

Сега сведочевме на пресметано одбивање на достоинството во перформансот. Својот настап Кавано го започна со поза на индигнација и навреденост заради обвинувањата од некој којшто тој очигледно смета дека е на пониско ниво од него. Дури и неговата десетгодишна ќерка, рече тој, сакала да се помоли за „таа жена“. Ги напаѓаше луѓето кои му поставуваа прашања, се караше со своите замислени непријатели. Пресметаноста на таквото однесување се виде и кога Трамп го пофали овој агресивен настап („Судијата Кавано штотуку ѝ покажа на Америка зошто го номинирав“, напиша претседателот на Твитер). Упати порака на презир кон процедурата, настапот и очекуваниот стил на говор. Кавано и Трамп ни праќаат порака за сировоста на моќта која не се дели со никого. А тоа е токму она што професорката Форд и сите нас нè лишува од достоинството кое потекнува од учеството во политиката.

Навидум, на професорката Форд ѝ беше дозволено достоинството на перформансот: сведочеше пред Сенатот, а тоа го направи во согласност со обичаите на тој дом. Но потоа беше изложена на потсмев. Републиканските сенатори одбија директно да ѝ се обратат; наместо нив тоа го правеше обвинителката од Аризона, Рејчел Мичел, која сенаторот Мич Меконел ја нарекуваше „женски асистент“. Одбија да издадат налог за сослушување на Марк Џаџ, кој според наводите бил сведок на обид за силување. Секој од сенаторите со своите сочувствителни прашања за Кавано покажаа дека веродостојното и трогателно сведочење на професорката Форд, ниту најмалку не ги поколеба (Кавано под заклетва рече дека не го следел нејзиното сведочење, иако „Wall Street Journal“ ја пренесе изјавата на на помошникот во Комитетот кој тврди дека сепак го следел).

Тие го одбиваа и секој повик за истрага што би ја спровел ФБИ, сè додека сенаторот Џеф Флејк не потклекна откако две жртви на сексуално насилство не го пресретнале во службениот лифт, а снимката на таа средба го обиколи светот. Предложената еднонеделна пауза за истрага „ограничена со време и обем“ би можела да овозможи приказната на професорката Форд да стигне до пошироката јавност. Да беше по волја на останатите републиканци во Комитетот за правосудство на Сенатот, таа приказна ќе беше раскажана, но не и сослушана, барем не во Сенатот.

Со тоа и таа и милиони жени и мажи беа лишени од достоинството на учество во политичкиот живот на заедицата.

Извор: The New Yorker