Новите социјалисти

06.09.2018 00:27
Новите социјалисти

Во поголемиот дел на американската историја идејата на социјализмот изгледала како недостижен и често недоволно дефиниран сон. На средината на минатиот век, шансите за победа на социјализмот во Америка биле толку мали што најдобра дефиниција на овој поим дале двајцата уредници на социјалистичкото списание, „Дисент“, Ирвинг Хау и Луис Козер, кои во 1954 година кажале: „Социјализмот е името на нашата желба“.

Денес, тоа како да се менува. Социјалистичките идеи добиваат сè повеќе јавна поддршка. Самопрокламираните социјалисти како Берни Сандерс, Александрија Оказио-Кортез и Рашида Тлаиб, успееја да се изборат за свое место во Демократската партија, која, политичкиот аналитичар Кевин Филипс еднаш ја нарече „втората најкапиталистичка партија во светот“. Забрзано расте бројот на членови на Демократските социјалисти на Америка, најголемата социјалистичка организација во земјата, особено на млади.

Како да се објасни овој пресврт? И на што мислиме кога во 2018 година зборуваме за социјализам?

Еден дел од приказната е чиста случајност. Во 2016 година, Сандерс беше сериозен кандидат за претседателска номинација. Етикетата „социјалист“ не му наштети, туку му помогна. Сандерс не беше либерал, прогресивец, па дури ниту член на Демократската партија. Беше неизвалкан со зборови и методи на вообичаената политика. Иронично, фактот што социјализмот толку долго беше во прогонство го заштити од токсичните општи места на американската политика.

Вториот дел од приказната е помалку случаен. Од 70-тите години на минатиот век, американските либерали во однос на економските прашања свртеа надесно. Некогаш се застапувале за работниците и синдикатите, високи даноци, редистрибуција, регулација и јавни служби. Денес им се восхитуваат на милијардерите како Бил Гејтс и Марк Закерберг, дерегулираат сè што ќе им падне под рака, се држат подалеку од синдикатите (освен во предизборната кампања) и расправаат само за тоа колку треба да се намалат даноците.

Се разбира, либералите тврдат дека ги користат про- пазарните механизми, како намалувањето на даноците и дерегулацијата, само за постигнување на рамномерен развој, проширување на здравствената заштита и социјалната правда, значи истите цели кои отсекогаш ги имале. Со децении левичарски настроените гласачи го прифаќаа овој одговор, наспроти тоа што резултатите воопшто не им се допаѓаа, но едноставно немаа друга алтернатива.

Благодарение на Сандерс, овие гласачи сфаќаат дека ако пазарните решенија е најдоброто што либералите можат да им го понудат на луѓето соочени со приходите што стагнираат, сè поголеми сметки и натрупани долгови, тогаш можеби има смисла да му се даде шанса на социјализмот.

Луѓето имаат различни сфаќања што се подразбира под социјализам. На некои прва асоцијација им е Советскиот сојуз и гулазите; на други скандинавските држави и гарантираната плата. Но ниедно од овие две не е вистинската визија на социјализмот. Она кон кое тежнее социјализмот е слободата.

Во капитализмот бевме принудени да излеземе на пазарот за да преживееме. Либертаријанецот го гледа пазарот како синоним за слобода. Но кога социјалистот ќе го слушне зборот „пазар“, тој помислува на препрлашена мајка која очајнички се обидува да не го навреди службеникот на осигурителната компанија, за да тој не одлучи осигурувањето да не ги покрие трошоците за операцијата на нејзиното дете. Во капитализмот сме принудени да му се потчиниме на газдата. Во постојан страв да не го налутиме, ние му се додоворуваме, му ласкаме, флертуваме со него – само за да добиеме покачување на платата или да не бидеме отпуштени.

Социјалистичката критика на капитализмот не се состои од тоа дека тој нè прави сиромашни, туку дека нè прави неслободни. Ако мојата благососотојба зависи од вашиот каприц, ако основните животни потреби нè принудуваат на послушност и поттчинување, тогаш не живееме во слобода, туку во систем на доминација. Социјалистите сакаат да стават крај на оваа доминација: да воспостават слобода од моќта на газдата, од потребата да се смешкаме заради подобра продажба, од обврската да се продаваме за да преживееме.

Слушнете ги денешните социјалисти и ќе сфатите дека тие не говорат толку за сиромаштијата колку за моќта. Сандерс зборува за еден процент на најбогати. Окасио-Кортез зборува за „работничка класа“ – не ги употребува вообичаените утешни фрази како „работен народ“ или „работничко семејство“. Еден процент и работничка класа не се термини што служат за економска дескрипција. Тоа се политички обвинувања. Тие го делат општеството на два дела, прогласувајќи ја едната страна за нелигитимен владетел на онаа втората, грабнувач на туѓата слобода, моќ и иднина.

Прошетајте по улиците на Бушвик со луѓето што ја работат теренската кампања за Џулија Салазар, социјалистичката кандидадтка за Сенатот на државата Њујорк. Ќе слушнете дека за разлика од нејзините противници, Салазар не зема парични донации од градежните претприемачи. Работата не е само во тоа да се покаже нејзината независност од богатите донатори, туку во нејзиниот округ полн со сиромашни луѓе што едвај ја плаќаат киријата, на сопствениците на зградите се гледа како на непријатели.

Споредете го овој став со ставот на Шомик Дута, кој беше задолжен за собирање средства за кампањата на Обама во 2008 година: „Благодарение на нејзините врски, Хилари Клинтон ќе ги „придобие сите големи донатори“. Според него, решението на овој проблем се состоел во тоа кампањата на Обама да се сврти „кон помалите донатори, кон луѓето како градежните претприемачи“. Ако е тоа вистинското значење на слоганот „Ние можеме!“, социјалистичкиот одговор би гласел: „Не сакаме.“

Една од причините заради која кандидатите како Александрија Окасио-Кортез и Џулија Салазар толку добро владеат со јазикот на класниот судир е што овој јазик е суштински поврзан со нивните идентитети. Ал Гор, Џон Кери и Хилари Клинтон се трудеа да скрпат уверливост од мноштвото идентитети кои, во текот на годините, ги претставуваа пред јавноста, обидувајќи се да најдат лична приказна што би одговарала на дадениот политички момент.

Денешните млади кандидатки од левицата раскажуваат приказна за сопствените неволји, која без проблем се вклопува во политичката визија што ја застапуваат. Слично правеше и Обама – само што неговата приказна го зајакна митот за националниот идентитет и вклучувањето, додека приказната на младите социјалистки е приказна за капитализмот и исклученоста; за тоа како милениумците се соочени со ниски приходи, високи кирии и растење на долгот на генерацијата на која ѝ е ускратено ветувањето за слобода.

Личните приказни на овие кандидатки уште повеќе се социјалистички бидејќи не се вклопуваат во приказната за националната држава. Географските референци на Александрија Окасио-Кортез и Рашида Тлаиб повеќе се локални отколку национални и повеќе ги привикуваат сеќавањата на американскиот и европскиот колонијализам, отколку на ветувањето за американски сон.

Тлаиб зборува за своето палестинско наследство, поврзувајќи го со искуството на афроамериканската борба за граѓански права во Детроит, додека Окасио-Кортез го поврзува еконмскиот долг на Порторико кадешто е родена нејзината мајка и Бронкс, кадешто живее. И приказната на Обама имаше свои хавајски (како и индонезиски и кенијски) поглавја. Но, додека неговата приказна се завршуваше со вклучување – космополитскиот номад се враќа дома во Америка, Тлаиб и Окасио-Кортез не се заинтересирани за таква разрешница. Ова одбивање, исто така, е дел од социјалистичкото наследство.

Двопартискиот систем е веројатно најзначна граница која денешните социјалисти се подготвени да ја преминат. Пораката на нивните кампањи е јасна: не е доволно да се критикува Доналд Трамп и републиканците – и демократите имаат одговорност за пропаста во која живееме. И токму тука сегашниот момент се среќава со најдлабоките струи на американското минато.

Исто како претседателите од минатото, заслужни за големите политички трансформации, денешните социјалисти одат наспроти партиската политика за да укажат на лошите општевени форми кои ги надминуваат партиските поделби: за Линколн тоа беше робовладетелството; за Френклин Рузвелт економските ројалисти. Овие големи трансформатори разбрале дека за општествена трансформација не е доволно само соочувањето со опозицијата, туку и со политичката економија која е во основа на двете партии. Затоа големите трансформатори често посегаат по јазик кој не го користи ниедна од двете водечки партии. За Линколн, кој во 1850-тите години се соочувал со виговците и демократите тоа беше јазикот на слободните работници. За левицата која денес се соочува со републиканците и со демократите, тој јазик е социјализмот.

На критичарите од мејнстримот и од радикалната левица, тој јазик може да им изгледа премногу неодредено. Кога зборуваат за универзална здравствена заштита или подигање на минималната плата, овие социјалистички кандидати звучат како либералите од времето на „Њу дил“. Сè уште не се расправа за класичните социјалистички начела како работничко управување или колективна сопственост над средствата за производство.

И навистина, помеѓу либералите и социјалистите има многу поклопувања. Но дури и ако либералите ја поддржат универзалната здравствена заштита, бесплатен колеџ, зајакнување на синдикатите и зголемување на минималните плати, поделбата и натаму ќе постои. За либералите тоа се мерки на еманципација кои ги ослободуваат мажите и жените од тиранијата на пазарот и автократијата на работното место. Во триесеттите години на минатиот век се зборуваше дека либерализам=слобода+храна. Наспроти тоа, социјалистите сметаат дека бесплатните работи го ослободуват човекот.

Не треба да се заборави дека отсекогаш постоела плодна размена на идеи меѓу социјализмот и либерализмот. Меѓу 10-те програмски точки кои Маркс и Енгелс ги наведуваат во „Комунистичкиот манифест“ се наоѓаат работи кои денес се вообичаени: универзално државно образование, укинување на детскиот труд и прогресивно оданочување. Понекогаш се потребни многу социјалисти за да се оствари некоја скромна победа на либерализмот: во Европа токму социјалистите се изборија за универзалното право на глас, слобода на говор и парламентарна демократија.

Сепак, денешнииот социјализам е на самиот почеток. На Линколн му требаше една деценија и граѓанска војна и одлуката на црните робови да се спротивстават на своите господари и да ѝ придружат на армијата на Унијата - за да дојде во позиција во која слободни работници подразбирало моменатално ослободување на робовите.

Во списанијата и порталите, во читателските клубови и партиски одбори, социјалистите расправаат за своите следни чекори: државна сопственост во некои стопански гранки, работнички совети и економски задруги, јавни инвестициски фондови. Некогаш ваквите разговори беа предмет на академска сатира или научна фантастика. Денес, тие ги мобилизираат гласачите и ја поттикнуваат кампањата. Премнигу е рано да се каже дали тие ќе се прелеат во Конгресот, но не би било првпат разговорите од кафеана да прераснат во законодавна дебата.

Она што пресудно ја обликува социјалистичката желба не се идеите во главите на политичарите, туку мажите и жените подготвени да учествуваат на протести. Затоа две најзначајни изјави на денешните социјалисти се барањето на Џулија Салазар Њујорк да го укине законот со кој се забрануваат штрајковите и повикот на Александрија Окасио-Кортез да „окупираме сè“. Овие изјави го откриваат она што социјалистите отсекогаш го разбираа. Она што ќе го ореди конечниот облик на социјализмот е масовната акција – понекогаш и незаконита, но секогаш конфронтирачка.

Социјализмот не се новинарите, интелектуалците или политичарите вооружени со програми и јавни политики. Она што Маркс и Енгелс го разбираа и што ги издвојувало од другите социјалистички мислители кои биле премногу подготвени да понудат сопствени нацрти и планови е дека работниците се тие што нè доведат до социјализам и кои ќе одлучуваат што точно е социјализмот.

И тоа е облик на слобода. Социјалистичка слобода.

Извор: The New York Times