Приказни од смртта што не умира

15.10.2018 02:01
Приказни од смртта што не умира

Ако еден ден решам да ги објавам собраните дела на заканите кон мене и кон моето семејство, сите тие агресии, имбецилни досетки, епиграми и други форми со кои ме частеше простачкиот дух на чипираните идиоти на вмро-дпмне, ако, значи, решам да ја ставам на хартија сета крв што таму беше најавувана и сите отсечени глави и сите силувања, ќе морам да обезбедам пари за една книжурина дебела колку „Војна и мир”, „Тивкиот Дон” и Телефонскиот именик на Њујорк, заедно.

„Приказни од смртта што не умира”- така би можела да се вика оваа енциклопедија на злото и мирновременскиот терор.
Сага чие финале деновиве го доживуваме во Собранието на Република Македонија.

Еднаш веќе напишав: престојот на Панко Брашнаров на Голи оток ќе ви се доближи до ол инклузив престој во најскапиот рисорт на Маурициус во однос на моите страдња, а заканите што деновиве ги добиваат пратениците, ќе ви се видат како парада пијанства, кича и квазиполитичког блефа.
Тоа е само дел од приказната што ви ја ветив. Во оваа прилика донесувам и некои други детали кои ќе ги поткрепат тврдењата од почетокот на оваа исповест:

Во 2003 година ме сменија од позицијата главен и одговорен уредник на „Утрински”, весник што се неколкумина колеги го формиравме четири години пред тоа. Тоа беше резултат на еден срамотен внатрешен заговор, но и потег што ќе се покаже како дел од програмата за комплетно преземање на контролата врз медиумскиот простор во рамките на проектот за инсталација на злосторничкиот режим на вмро-дпмне. Не, не се преценувам, ниту себе ниту својата позиција, јас бев само една црвена точка на картата на освојувањето, пљачкосувањето, акултурирањето и растурањето на Македонија, капка во морето такви точки на која и беше дошол редот да се тргне. Се што се случуваше потоа беше потврда на овие оценки.

До 2007 година моите акции во „Утрински” беа смачкани од околу 250.000 евра, на минус што требаше да го покријам (докапитализација) за да останам со некаков удел во сопствената компанија. Професионалниот убиец на туѓи акции, смисли, логики и нормалности, парадниот капетан прва класа од втор ред, по име Срѓан Керим, ја заврши таа работа, морам да признаам, многу успешно. Јас верувам дека во фамозното шише што беше откриено во неговиот автомобил на унгарската граница, беа моите пари.

Во 2007 година во рамките на МПМ го покренав неделникот “Глобус”. Самата идеја беше убава, но истовремено беше и дел од сценариото за моето бркање од „Утрински” и од МПМ, како елемент на подготовките за диктатурата на вмро-дпмне во областа на медиумите. Многу бргу дојде понудата што не можев да ја одбијам без повреда на сопственото достоинство-да излезам од системот.

Малку по осамостојувањето, „Глобус” се соочи со комплетна блокада, непазарна, наметната блокада, така што му беа откажани сите рекламни и други спонзорски договори.
Во 2011 година магазинот го умреа здружените сили на лудата власт и на колаборативни елементи од тогашната опозиција.

Пет години останав без работа и без какви било приходи. Во првите две години ја потрошив малата заштеда и останав да живеам од пензијата на сопругата и од помошта на пријателите.

Девет месеци земав социјална помош од Бирото за вработување.

Потоа дојде појавата на „Слободен печат” и скромните хонорари за колумните, па првите пензии и нормализирање на работите на ниско ниво.

Но, тоа не е сè!

Оној манијак Ставревски ја избрка ќерка ми од работа. Жена ми не ја избркаа од работа во МНР, ама ја бутнаа на триесет и шестиот деградирачки колосек.
Адвокатурата на брат ми страдаше како куќите во Флорида по ураганот Мајкл.

Во 2015 ми го запалија џипот, „Ренџ ровер спорт” од 70.000 евра, откако претходно неколку пати беше оштетуван. Од аутсорсинг екипи на МВР. Во истата тура на закани и притисоци било планирано да ме претепаат, арно ама било оценето дека сум престар за здрав ќотек односно дека можам да умрам. Така, наместо јас, наеба мојот џип.
По последните закани на еден актер следуваше кривична пријава од страна на Здружението на новинарите. Следуваше мојата изјава во Основното јавно обвинителство. Пред пет месеци поднесов молба до обвинителството да ме известат до каде е случајот со џипот. Тоа се сите мои комуникации со државата. Плус односот кон кривичната пријава што против мене ја беше поднел Никола Груевски во нагорната патека на својата кариера и моќ, па пред првото рочиште ја повлече.

Вкупната финансиска и материјална штета предизикана од идејните претходници на тие што денеска се жалат или се закануваат со притисоци, е малку помала од милион евра, а душевните страдања како резултат на организираната специјална војна против мене, немаат цена.

Треба ли да ви кажувам за изолацијата. На која бев изложен не само во новинарскиот и издавачки бизнис, туку и во секојдневната комуникација во маалото и во градот. Знаат ли овие што се жалат како е да се живее во средина хистеризирана околу ставови и ориентации кои се тотално спротивни на вашите. Особено во примитивна, провинциска, инцестуозна, фамијализирана средина каква што е Македонија. А ти си потпишал меница со здравиот разум, со моралот, со одговорноста за општото добро и со професионалната чесност.

Сакам да кажам, пред утрешната седница за уставните промени, дека цената на одбраната на интегритетот не е мала, но цената на проституираниот интегритет е неспоредливо поголема. И за тој што го продава и за заедницата во која такви луѓе живеат.

 Слики: Свирачиња