„Духовите на Африка“ - изложба во Музеј на Македонија

17.10.2018 01:48
„Духовите на Африка“ - изложба во Музеј на Македонија

Во Музејот на Македонија вечерва (17 октомври) ќе биде отворена изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ која ја организира во соработка со Музејот на африканската уметност од Белград и Скопскиот џез фестивал. 

Оваа изложба првпат во Македонија ќе претстави африкански експонати, што претходно можеа да се видат само во светските музеи или во документарните филмови. Музејот од Белград во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка.

За оваа изложба тие селектираа повеќе од 70 скулптури, маски и ткаенини што се поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувањата. Предметите потекнуваат од Мали, Буркина Фасо, Гана, Гвинеја, Брегот на слонова коска.

„Ова е прва можност македонските граѓани да се запознаат со африканските култури и да ги видат мноштвото скулптури и маски што ќе бидат изложени како светско културно наследство“, велат од Музеј на Македонија. 

За време на траењето на изложбата ќе има пет предавања, од кое првото ќе се одржи на 18 октомври со кустосот од Белград, Александра Продановиќ Бојовиќ, која ќе зборува за збирката на Музејот во Белград и настанувањето на колекцијата, а предавања ќе одржат и Гоце Наумов, Илина Јакимовска Тони Китановски и Никос Чаусидис. Како дел од придружната програма на оваа изложба ќе бидат прикажани четири играни и три документарни филмови, а ќе се одржат и неколку работилници со студенти по ликовна уметност.

ОкоБоли главаВицФото