Признание „Европско културно наследство“ за Лидија Димковска

08.11.2018 03:26
Признание „Европско културно наследство“ за Лидија Димковска

Писателката Лидија Димковска за расказот „Кога заминав од Карл Либкнехт“ доби специјално признание „Европско културно наследство“, на кое ЕУ му ја посвети 2018 година.

Наградата ѝ беше врачена во Виена на 6 ноември, на свеченоста по повод 10 години од востанувањето на „Европската награда за литература“, на која беа доделени наградите за најдобар расказ напишан од досегашните добитници на Наградата за литература на ЕУ.

Димковска ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2013 година за романот „Резервен живот“ објавен претходната година од „Или-Или“. Како што соопшти издавачката куќа „Или-Или“, од 106 добитници на оваа награда, на конкурсот за расказ „Европски приказни“ учествувале 36 автори.

Доделените награди се во четири категории: наградата од гласачката публика на Интернет ја доби Јелена Ленголд од Србија, наградата од пратениците во Европскиот парламент ја поделија Жан Бак и Гаст Гробер, двајцата од Луксембург, наградата на професионалното жири ја доби Јоана Парвулеску од Романија, а Димковска го доби специјалното признание „Европско културно наследство“.

За четирите награди одлучуваше жири составено од автори, издавачи и критичари од Португалија, Шпанија, Велика Британија, Белгија, Германија и од Грција. Воведен збор на свеченоста имаше германскиот писател Даниел Келман, а наградите им ги додели министерот и комесарот за култура на ЕУ.

 

ОкоБоли главаВицФото