Поуките на Велигденскиот остров

28.09.2010 13:50
Поуките на Велигденскиот остров

Овој текст на Клајв Понтинг го следи односот на човекот кон природните ресурси и преку конкретниот пример со Велигденскиот остров покажува како со немарниот однос кон природата одредени човечки заедници ја предизвикале сопствената пропаст. Во текстов може да се најде одредена аналогија со сегашната состојба во Македонија.

***

Холандскиот адмирал Рогевен бил првиот Европеец која на Велигден 1722 г. од палубата на бродот „Арена“ го здогледал островот. Таму затекнал примитивна заедница со околу три илјади житеи кои живееле во валкани колиби од трски и пештери, речиси постојано војувајќи и подложни на човекојадство во очајниот обид да ги дополнат оскудните извори на храна. За време на следната европска посета во 1770 г. Шпанија го анектирала островот, но тој бил толку оддалечен, слабо населен и сиромашен со суровини, што никогаш формално и не бил окупиран и претворен во колонија.

Она што среде сета таа валканост и варварство ги зачудило и заинтригирало првите европски посетители биле доказите за постоењето на рана развиена култура. На островот се наоѓаат над шестотини масовни камени скулптури, во просек високи над шест метри. Кога на почетокот на 20-от век антрополозите почнале да ја проучуваат историјата и културата на Велигденскиот остров, тие се сложиле во едно: на назадното општество кое Европејците го затекнале кога дошле за првпат не може да му се припише општествено напредниот и технолошки сложениот потфат на делкање, пренос и исправување на скулптурите. Затоа Велигденскиот остров станал „загадочен“ и се развија многубројни теории за објаснување на неговата историја.

Историјата на Велигденскиот остров не е поврзана со изгубените цивилизации и езотеричните знаења. Таа претставува впечатлив пример за зависноста на човечкото општество од животната средина и последица на непоправливата штета која и’ е нанесена. Тоа е приказна за луѓе кои на многу ограничена суровинска база создале едно од најнапредните општества во светот, се разбира, имајќи ја предвид технологијата која им била на располагање. Сепак, барањата кои ги поставиле пред животната средина биле огромни и кога таа повеќе не можела да го поднесе тој притисок, заедницата, која чекор по чекор била создавана за време од илјада години, се урнала заедно со неа.

Колонизацијата на Велигденскиот остров и’ припаѓа на последната фаза на човечките преселби за време на населувањето на планетата. Првите доселеници (Полинежаните) стигнале на островот во 5-от век, во време кога во Европа се уривало Римското царство. Кога тие првпат стигнале на овој остров, откриле свет чии природни богатства биле ограничени. Островот е од вулканско потекло, но неговите три вулкани биле изгаснати најмалку четири века пред доселувањето на Полинежаните. Температурата и влажноста на воздухот се високи, земјиштето е плодно, но островот нема постојани реки. Единствената слатка вода се наоѓа во езерата, во купите на изгаснатите вулкани. Поради оддалеченоста од најблиското копно, островот бил населен со мал број растителни видови, неколку вида инсекти и два вида мали гуштери, а цицачи воопшто немало. Околното море е сиромашно со риба.

Не е познато колку доселеници дошле во 5-от век, но веројатно се работело најмногу за 20-30 луѓе. Основната општествена група било проширеното семејство кое ја обработувало земјата. Домаќинствата поврзани преку роднинските врски создавале семејни стебла од кои настанале кланови. Клановите ги предводувале поглавари кои ја организирале работата и ја дистрибуирале храната и другите потрепштини во рамки на кланот. Токму ваквата општествена структура довела до соперништво (веројатно и до судири) меѓу клановите кое ги произвело најголемите достигнувања, а потоа и конечната пропаст на островот.

Животот на Велигденскиот остров барал помалку работа во полињата, па населението имало повеќе слободно време кое поглаварите можеле да го насочуваат на церемонијалните активности. Како резултат на тоа, настанала најнапредната полинезиска заедница и, со оглед на многу ограничената суровинска база, една од најсложените во светот. Населението на Велигденскиот остров создало високо развиени ритуали и кревале споменици. На островот се изградени над тристотини церемонијални платформи, претежно близу брегот. На секоја од нив се кренати од една до петнаесет огромни статуи кои и денес претставуваат единствен споменик за исчезната заедница од Велигденскиот остров. Токму овие статуи барале огромна количина работа од островјаните. Биле делкани од камени длета од опсидијан во каменоломот на вулканот Рано Рараку и стилизирани во облик на машка глава и торзо. На главата е поставена „пунџа“ од црвен камен од друг каменолом, тешка десетина тони. Делкањето не било толку сложена работа колку што барало време. Најголем проблем претставувал преносот преку островот и поставувањето на статуите на платформата наречена „аху“.

Решението на овој проблем ја одредило судбината на целото општество. Бидејќи немале животни за влеча, работата ја вршеле луѓето. Бројот на жителите постојано растел, од малата група во 5-от век до околу седум илјади околу 1550 г. На тој начин растел и бројот на клановите и соперништвото меѓу нив. До 16-от век биле изградени стотина ахуа и на нив биле поставени повеќе од шестотини статуи.

И тогаш, кога островското општество се наоѓало на својот врв, наеднаш доживеало крах и оставило недовршени над половина од статуите околу каменоломот во Рано Рараку. Причината за овој колапс и клучот за разбирање на тајната на Велигденскиот остров претставува деградацијата на животната средина предизвикана со сечата на шумите на островот.

Имено, кога Европејците за првпат го посетиле островот, на него немало дрвја, освен неколку изолирани примероци на дното на најдлабокиот кратер на изгаснатиот вулкан Рано Као. Сепак, неодамнешнте научни истражувања покажуваат дека за време на населувањето Велигденскиот остров бил прекриен со пространи шуми. Како што се зголемувало населението, дрвјата биле сечени за да се создаде обработливо земјиште, а се користело и за огрев, за озградба на куќи, кануа за риболов и предмети за секојдневна употреба.

Сепак, најмногу дрвја биле потребни за пренос на сè поголемиот број многу тешки статуи до церемонијалните центри низ остворот. Единствен начин да се изведе тоа било статуите да се туркаат преку попречно поставените стебла како на лента, од каменоломот до ахуто. За такво нешто биле потребни огроммен број стебла, а бидејќи соперништвото меѓу клановите растело, тој број се зголемувал. Околу 1600 г. островот бил целосно оголен, што спречило понатамошно кревање статуи, оставајќи многу од нив засекогаш во каменоломот.

Исчезнувањето на дрвјата неповолно се одразило и на земјиштето, кое веќе страдало од недостаток на животинско ѓубриво кое би ги заменило хранливите состојки исцрпени со жетвите. Ерозијата која настанала дополнително ја намалила плодноста на земјата поради што приносите значително се намалиле. Со сè поскромната суровинска база, било невозможно да се прехранат седумте илјади жители, па и нивниот број забрзано се намалувал.

По 1600-та година, општеството на Велигденскиот остров назадувало во сè попримитивни облици. Без дрвја и, оттаму, без кануа, биле заробеници на својот изолиран дом, без можности да побегнат од колапсот на животната средина кои сами го предизвикале. Сè почестите судири околу недоволните ресурси прераснале речиси во непрестајно војување. Ропството станало вообичаено, а бидејќи во исхраната имало сè помалку протеини, населението се свртело кон канибализмот.

Поука

Наспроти сите ограничувања на средината, островјаните со голем труд, за време на повеќе векови, создале едно од најнапредните општества од таков тип во светот. Илјадници години го одржувале начинот на живот во склад со развиените општествени и верски обичаи, кои им овозможиле не само опстанок туку и процут. Во многу нешта тоа бил триумф на човечката досетливост и, навидум, победата над негостољубивата средина. На крајот, зголеменото население и ритуалните стремежи на островјаните станале преголеми во однос на ограничените природни богатства. Кога ја уништиле природната средина, општеството набрзо се стрмоглавило во варварство.

 

  1.  

Е како да

Е како да не...кланови...Ванземаљци се посриједи!

Слични содржини

Психологија / Живот
Општество / Квир / Живот
Општество / Живот
Општество / Живот / Историја
Книжевност
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото