Почина Горан Стефановски

28.11.2018 04:33
Почина Горан Стефановски

Горан Стефановски, еден од најреномираните македонски драмски писатели, почина по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше изминативе децении. Имаше 66 години.

Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

Горан Стефановски (роден во Битола, 27 април 1952) е македонски драмски писател. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.

Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година е и член на Македонската академија на науките и уметностите.

Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ја предава историјата на македонскиот народ, преку сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“. Горан е брат на гитаристот Влатко Стефановски.

Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му, гитаристот Влатко Стефановски.

Пренесуваме неколку од стотиците реакции на трагичната вест.

Кица Колбе

Лани, во зимата, во тој долг разговор меѓу Келн и Кентербери, зборувавме за нашиот заеднички младешки копнеж по Европа. За нашата заедничка жед по големата литература. Таа не беше само западната. Горан извонредно ја познаваше и руската и литературите на сите други словенски и балкански народи. Времето го мереше со прочитани книги. Нам ни беше сроден и копнежот по непознатото. Јас му кажував дека тој кај мене се разбудуваше уште кога како дете, длабоко во ноќта, ќе го чуев писокот на возот. А Горан ми откри дека копнежот да замине во непознатото за него бил звукот што се создава кога железничарите, стоејќи на перонот, со голем железен чекан ги удираат тркалата на вечерниот воз. А патниците спијат во своите вагони со кревети. Тогаш посакувал да е со тие во возот. Тие што патуваат кон Париз, кон Лондон, кон Прага, кон Хајделберг... Тој копнеж добро го познавале поетите на германскиот романтизам. Горан беше македонскиот Хелдерлин.

„Ти си поголем Англичанец од Англичаните", му реков еднаш. "Како што и ти си поголема Германка од Германците", ми возврати. Горан навистина ја имаше благородноста на некој англиски лорд. Можев лесно да си го замислам во некој замок во Корнвол.

 

Драган Алцинов

Почина уште еден великан и некако сè поочигледно станува дека на оваа земја на ситни души, големи усти и никогаш незаситени мевови ѝ недостигаат луѓе, ѝ недостигаат души зашто овде ,,има повеќе тела одошто души''.

Вечна слава.

 

Самоил Стојановски

Просто невозможно е, секој актер од Македонија да не се пронајде во било кој лик од Горан Стефановски. Секој еден лик од неговите дела носеше парче душа, наследство, проклетство, доблест, порок... во кое секој можеше да се идентификува. Актерот, гледачот, критичарот, случајниот кој начул фраза.
Нашата колективна идентификација е отсликана во тие ликови. Нашето постоење. Нашето „бидуење ние“. Нашето „вјерују“.
И не, не е утеха дека делата зад него остануваат. Делата се веќе длабоко зарежани, ќе недостигаат идните дела и неформалните разговори.

 

Бранко Тричковски

Ѕвездата на нашата небеска кола

Во спомен на Горан Стефановски

Никогаш не сум го сакал драмското творештво на Стефановски. Филозофијата и идејната основа, не играта и драмата како таква. Тоа беше толку различно од моето видување на минатото, дури не се усудувам да речам на македонскиот народ. За мене тоа беше препатетично, преплачливо, преумирачко, пребезнадежно. Дури мислам дека е нешто што има приклучница со катастрофата што ќе ни се случи со глупавата идеја за националното страдање и преродба.
Но, со тоа и такво творештво тој ја изнесе Македонија на југословенската сцена и пошироко во Европа како ретко кој, се разбира на носачите на звукот на велемајсторот Унковски и во реализација на една ретко добра актерска екипа, историска коинциденција каква што не верувам дека може да се повтори.
Јас бев млад и за мене тие претстави и успесите што ги остваруваа беа како нов идентитетски пасош, голема работа во самопочитта на луѓето од Македонија, што младите генерации денеска не можат да ја разберат.
Независно од овие критички осврти, на кои мислам дека не би ми замерил, сакам да кажам дека Горан беше и е една од ѕвездите на кои можеме да ја врземе нашата голема небеска кола.
И таму ќе му биде фино.
Тој е дел од мојот идентитет.
Не името.
Горан.
Јас му се поклонувам и ја изразувам својата восхит.


Илир Ајдини

Еве кој беше, меѓу другото, Горан Стефановски.
Пред 30 и една или две години, на почетокот на студиите по драматургија, му одам јас во кабинетот и му викам, вака и вака, слушнав (рекол еден што не го помина приемниот испит, а кој сепак доаѓаше на предавањата на Горан) дека јас не сум заслужил да бидам меѓу петмината кои го поминаа приемниот испит (заслужил оној другиот, нели), ама сте ме примиле затоа што сум Албанец. Ако е така, јас во овој момент ќе се отпишам од факултетот.
Ме гледаше додека му го зборев ова како да не му се верува што слуша, како да гледа некого кој само што паднал од марс.
Ти нормален си бе?-ми рече. На будала ти личам јас за да се гњавам четири години со некого само затоа што е Албанец, или Македонец или не знам што? Оди бе, бегај! И да не сум слушнал веќе ваков муабет!
Не само голем уметник. Голем човек загуби Македонија! И не само Македонија...

 

Томислав Османли

Останува незаборавен по сјајните драмски текстови што му ги остави во наследство на овој и на другите европски театри, по неговите драматуршки учења и примени на малите и на големите стапици во своите драми и сценарија, по генерациите исклучителни студенти и автори кои ги произведе, по неговите телевизиски драми, по неговите анализи на Бекет, по игривиот дух на Јане Задрогаз, по преродбата на македонскиот фолклор и по неговоот доближување со реч, со дух и со приказна на новите генерации (самошто почнати да се одвојуваат од него), и едновремено, по неговиот рокерски сензибилитет, по текстовите за „Леб и сол“, по топлиот младешки сон во кој се Битлси и Клубот на осамнеите срца на наредникот Пепер во неговиот „Лонг плеј“, по асоцијативна моќ, богата, чиста, ослободена од цензура, интелигентна и интелектуална, духовита, којашто богато рагргорена се појавуви и во незаборавниот софистициран „прустов прашалник“ (телевизиски, на малите екрани во осумдесеттите) на којашто почива и неговата „драматургија на ѓеврекот“ за која зборуваше по повод неговиот „Чернодрински се враќа дома“ („земаш една дупка и околу неа ставаш тесто“) применета во „Бушавата азбука“..., а за мене особено по сјајните мисли и заклучоци во разговорите, по желбата нашите електронски преписки, „сега на лето“ да ги продолжиме во некоја кадфеана на брегот на Охрид пиејќи ракија и јадејќи плашици, по мејлот чијашто идентификација беше debarmaalo@...

И ете од вчера – се уште не ми се верува - замина, отаде рампата. Мајсторот. Оној што ги прими здивовите на театарската сцена од најмали нозе, се врати на овој тревожен начин, дома, меѓу ликовите на загубените блиски кои сакаше да ги оживее во театарскиот сон, но и на оние на кои самиот им вдахна дел од тие здивови на претците, што со таква леснотија ги оживуваше и им вдахнуваше оловна тежина и човечка топлина... Има таму некое Дебар Маало во кое, среде вечното лето, седејќи покрај охридското езеро распослано од Тафталиџе до Идадија, говори, грицка плашки, се насмевнува, пие ракија и испраќа пораки дека сме такви какви што сме, летачи во место, богати во фолклорот, скудни во призведувањето државници и визионери, заложници на духот на слободата, на проклетството на историјата, раскошни во пцовките и во љубовта, во страста и во омразата, во храброста на делникот и во дуплите дна на историјата, летачи во место, жртви на црните дупки, луѓе со тетовирани души, но и со висока верност, поделени меѓу Истокот и Западот, актери во нашиот вечен „Истерн“, повремено актуелизиран како крвава приказна, како драма и како трагична фарса со кои сме вековно богати меѓу народите и културите на стариов свет и полуостров...

Сега жестоко посиромашни за уште еден великан кој со своето присуство го облагородуваше делникот, за Горан Стефановски за кого от сега натаму ќе говрат неговите дела и нашите топли сеќавања.

 

Анета Георгиевска-Шајн

Во последниот чин на Крал Лир, „лудиот" Едгар нè потсетува дека не смееме да си дозволиме да тонеме во тешки мисли. Секој од нас мора да го поднесе заминувањето од овде, исто како и доаѓањето. „Зрелоста е сè."

Како вчера да беше кога Горан Стефановски при едно предавање ни кажа дека ова е неговиот омилен стих од Шекспир.

What, in ill thoughts again? Men must endure
Their going hence, even as their coming hither;
Ripeness is all
Act 5, Scene 2

ОкоБоли главаВицФото