Драг Горане, тука ли си? И дел втор: Не си оди, Горане

04.12.2018 13:24
Драг Горане, тука ли си? И дел втор: Не си оди, Горане

Додека уште не си спален, знам дека си тука некаде. Знам дека клетките на човечкото тело не умираат и дека се енергија којашто во секој миг вибрира и дека фреквенцијата на животната енергија се разликува од онаа на смртта само во износот на херците, брзината со која електроните се вртат околу јадрото и тоа е сè. И се израдував многу кога слушнав дека твојот тестамент е твоите клетки или она што ќе остане од нив како вибрација најфина, и рафинирана и зипувана во тие елементи на човечка пепел, ќе биде измешана со водата. Се надевам наскоро, кога ќе влезам во езерото, ќе ми текне, дека си таму некаде во малите плашици коишто ако стоиш неколку минути пред да зарониш длабоко, се собираат околу твоите нозе (Русите или Јапонците, дури од ова имаат осмислено терапија за лечење артритис!), и благо те пецкаат по нозете, обидувајќи се да го свртат твоето внимание кон нешто друго, нешто што не боли и не те пече за да го закопуваш во тишина.

Знаеш, дента кога се пронесе веста дека си „заминал“, исто така се пронесе и веста за смртта на Павел, којшто го познавам уште од дете. И Павел беше прекрасна, длабока, руска душа залутана во некаква тешка и злосреќна топаанска карма. И кој може сега да каже дали вие двајцата се познававте меѓусебно? Си ги однесовте своите мемориски картички на оној свет. Двапати бев стаписана и потоа размислував околу тоа, дали шокот на вестите за смртта може да го закочи текот на сублиминалните пораки на Љубовта, којшто, иако не сме свесни за него, постојано некаде во потсвеста протекува правејќи нè живи, но да повторам, без ние за тоа да вложуваме никаков свесен или волев напор. Напротив, колку е тој повеќе оставен во мир, толку повеќе светлина и љубов ни дотекува. Без да знаеме.
Не е ова обид да се утешам пред таа грамада од непосакувана вест. Оти, еве, со оглед на тоа дека Ти беше драматург, најмалку што можам во овој миг да оддрамам е да те прашам, Горане, дали си тука? Знаеш, како на оние сеанси кога луѓето седат во круг и се држат за раце, а „екстрасенсот“ го поставува тоа клучно прашање...

И потоа мртвата душа (не Гогољ), којашто уште е жива, бидејќи душите не умираат, тие во мигот кога телото се уморува и ја исцрпува енергијата за понатамошно замарање, го оставаат тлоцртот на телото како да соблекле некаков раскошен фустан од себеси. И се ослободуваат од врската со него, голи се враќаат во своето вечно престојувалиште (Платон, да, и не само он), неисе, блиските потоа чекаат некој феномен да се случи, од типот да тресне вратата, сама да се отвори, да се исклучи светлото и слични полтергејстовски филмски ефекти, само колку да би имале доказ за тоа дека мртвиот се вртка некаде околу. Дека е жив.

Знам како кисело на ова ќе се смешкаат рационалистите, и со презир, дури, но Ти, и тоа како успеа во таа драма. Успеа неколку мигови да се држиме за раце и да гледаме колку многу си бил тука, и колку непоколебливо ќе продолжиш во тоа, оти и онака живееше во Кентербери, точно 2321 км оддалеченост од Скопје, (проверив на Гугл) и... од Битола, каде што си бил роден. Да бидеш мртов за мене не е прашање на тоа дали твоето тело мрда. Туку прашање на она што на запад е толку популарно во денешно време а го нарекуваат „mindfullness“. Јас и без тоа поголемиот дел од времето размислувам во изрази што ги нема во речникот на Блаже. И потоа имам проблем кога сакам да трансферирам одредена мисла, оти и мислите, нели, ако не се влеваат како притоки во оној сублиминален поток на љубовта, можеби и не треба да бидат воопшто искажани....Или, сепак, треба да го дополнуваме и збогатуваме првото издание на Конески, да не го третираме како библија, та како Хрватите, на пример, да се „довијаме“ со изрази како „помност“ и слично?!? Не знам.

Но знам дека си ТУКА, Горане. Многу повеќе од некои што мислат дека се тука, а јас не ги гледам. Ни сублиминално, ни никако. Наскоро ќе ти се придружиме сите, ние сега од оваа страна, следачите на хрониката на нашата одамна најавена смрт. Секој со посебен одар, секој со сопствената пепел. Со љубов, се гледаме во јуни кога ќе пливаме заедно во езерото... А можеби и нема да пливаме, но во Љубов секако...

p.s. еве и песна ти напишав... се вика „Не си оди, Горане...“


Се преправам дека божем сум те видела есхатолошки
И си потпевнувам „Не си оди, Горане...“
А која сум јас да ти пеам
А ти, легенда
Легендите не умираат, зарем не? Затоа уште малку ќе се преправам
Дека нема разлика помеѓу паралелните универзуми
На мртвите и живите
Има премногу живи мртовци
По улиците на овој тажен загаден град во вечна транзиција
Транзиција од пожар во поплава и во метаземјотресни бедни ромски колиби
Но раскошни во однос на новите стиропорни барокни страшила за
Неупатените во тоа дека само се переле пари
Под мостовите
Под недовршените бетонски градби
Чиишто архитекти исто така преминале
Во некои други димензии
А нивните деца им го отстапиле просторот
На живите граѓани коишто имаат матрикс од друга планета
Не се ниту од „марс ни од венера“
Тоа нивното е сосема несфатливо за европските колонизатори
Капиталисти и грабачи
Оние што му удриле мерак на месопотамскиот предел
И никако не се откажуваат
Да испотепаат сè што е живо и сè што мрда
Макар со опашката во пределот
Помеѓу двете реки
Во пределот на архетипскиот рај, онаму
Каде што мачките предат
А кучињата дремат
Си потпевнувам Не си оди, Горане
И си велам легенда, може ли да си замине?
Легендите, тоа ти се еден вид бар кодови угравирани врз кожата на уличниот есхатон
И ако го доближиш телефонот и го положиш врз нивниот одар,
Од дупката рака ќе скокне вампир
Ќе ти се насмевне низ штрбавите заби и ќе побара
Малку од твојата крв
И ако му дадеш, тој и ќе ти проговори нешто
А во десниот агол од вратните жили
Имаш опција да одбереш на кој јазик сакаш да е говорот
Тоа е уште една предност на глобализацијата
Со еден клик
Можеш да направиш Дејвид Боуви да ти пее легнат
На троседот во твојата дневна
Додека Горан те чека на терасата задлабочен
Во печатот на слободата, читајќи за најновите афери
Денес, во слободниот печат за живите


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото