Лигњи

20.01.2020 10:19
Лигњи

Урсула ѝ се беше препуштила на инспирацијата, како на ѕвезда водилка. Не можеше да пишува со сила, секој ден од 8 до 3. Пишуваше само кога зборовите сами доаѓаа. Ќе ја земеа нејзината рака, ќе ја доближеа до ѕидот и ќе го вклучеа проекторот што дремеше во нејзината глава, во пределот помеѓу двете очи.

Потоа требаше да препишува од ѕидот.

Ако некој сега ѝ речеше дека треба да напише тестамент, таа сосема јасно согледуваше дека нема ништо што би можела да завети освен своето пишување. Но тоа секогаш се сведуваше на фатаморгана.

Урсула не знаеше да напише класичен расказ, во кој би имало ликови, ликовите нешто би правеле, а правењето би наведувало на интрига. Вчера претпладне, на нејзиниот мобилен телефон ѝ се јави мајката на еден многу драг другар од младоста.

Расказот може да оди во илјада насоки.

Жената имаше 82 години. Во неколку наврати плачеше во слушалката. Имаше потреба да ѝ ги каже тие зборови, тие кобни зборови поради кои Урсула следната вечер не ќе можеше да заспие. И рече дека живее на четвртиот спрат од зграда во населбата Тафталиџе, и дека секој ден размислува дека би скокнала од балконот, да ја заврши таа измачувачка сага со неподвижноста, беспомошноста и зависноста од други. Никој не доаѓа да ја посети, и да не поверуваше во она што теолозите се обидуваа да го скоцкаат во изразот „бог“, досега којзнае колку пати ќе скокнеше. Но во нејзината фамилија имаше неколку генерации свештеници. Ќе биде срамота. Совеста ја притискаше со тој застрашувачи збор, и ѝ ги потпикуваше сцените на смачкано тело на бетонот, а неколку метри наоколу тркалата од инвалидската количка. Срамота.

Можеше да напише писмо дека кочниците се расипале, додека таа го пиеше чајот загледана во она што некогаш било небо.

За тоа време, куќата на Урсула беше положена на неколку метри од десната страна на реката гледано низводно. И бидејќи беше близу до водата, секогаш го чувствуваше влијанието на подземните води во она што се случуваше над земјата.

Последното такво случување беше пред неколку дена кога сакаше да отпатува во Охрид, тоа прекрасно место оддалечено 200 километри од нејзината куќа, во кое лежеше вода стара милион и тристотини илјада години. Одејќи кон автомобилот, се сопна и си го срина коленото на бетонот пред куќата. Помисли дека подземната вода и праќа некаква порака на неразбирлив, можеби мртов јазик... Се обиде да чита.

Омне...

Нешто на латински. Меа... и на македонски: „мене ми се свиѓа, незнам за тебе?“

Уф. Виде дека од коленото потече крв. Панталоните беа скинати, а штотуку ги купи. Можеби, да облечеше панцир тоа немаше да се случи. Крвта бавно се сушеше и на местото на ударот најпрво се фати краста, а по некое време крастата исчезна и остана зелена модринка. Ја мачкаше со крема за лузни.

Додека го мачкаше коленото, се сети на зборовите на нејзиниот пријател-новинар што целиот живот го помина во студиото на националната телевизија, а по секоја емисија се јавуваше на мајка си да ја праша „Мамо, каков бев?“ , а мајка му ќе му речеше: „Најубав, сине...“, па ќе црцореа уште малку на телефонот, а потоа тој забораваше дека има родители.

Неисе, веќе неколку години Урсула размислуваше да напише некаква... книга за ергономија на телото во допир со несреќа. Притоа, постојано имаше во глава слика на лигњи, разлеани на само неколку сантиметри од дното на океан, а од далечината кон нив се доближува големо чудовиште со способност да испушта црно мастило кога оди во лов. Се разбира, мастилото е отровно, а лигњите треба да кликнат некое копче за да го неутрализираат отровот. Колку брзо ги преболуваш поразите?

Зависи што подразбираш под тоа.

Па ете, на пример, си зела празен лист хартија, си се подготвила да го црташ пејсажот, го остриш моливот, но почнуваа да врне.

Што ако почнало да врне, уште подобро...

Листот се намокрува... допирајќи ја површината, врвот на моливот се крши и листот почнува да се рони.

Потоа, на екранот се појавува пејсаж од некаков светилник на брегот на Берингово море, а дисплејот светка низ неколку црвени букви што на крајот го титкаат името Шкотска. Ти читаш Шведска. Треба да ги внесеш бројките за шифрата и сликата исчезнува. Успеваш само да разбереш дека станува збор за Џозеф....Џозеф кој?

Џозеф Израел. Бил загледан во сцена, нешто како мајка облечена во долга сива наметка, во рацете гушка бебе, загледана кон хоризонтот. Таму, се наѕира брод. Од колективното несвесно веднаш ти надоаѓаат звуците на „Параходот ми пристигна...“, но ги исклучуваш звуците. Сцената оди во друга насока. Впрочем не си во Македонија. Телото на жената стои на работ од карпа и кај луѓето што се во бродот и гледаат кон копното, предизвикува оптичка измама дека е светилник.

Жената се врти со лицето кон тебе, како да е модел на час по ликовно. Некаде во рамнината на носот, во двете димензии на носните ресички низ кои треба да влезе кислородот што ќе го забрза нејзиниот метаболизам, го препознаваш Џојс: потпрен со левиот лакт на работната маса, го пишува Улис. Бебето во прегратката на жената се буди, ги потпира рацете врз десната града на жената во сиво и сака да цица. Бебето по неколку години ќе научи да чита и некој од роднините ќе му ја подари Улис за четиринаесетиот роденден. Ќе влезе во книгата и од бунарот на потсвеста ќе му се ажурираат сцени од детството на неговата мајка, од времето кога ни таа не знаела дека Џемс ќе се вљуби во неа, а таа ќе се скамени на карпата и ќе почне да го чека Годо, небаре во нејзината глава Лот го шприцка мастилото кон неа како да е лигња.

Слики: Будимка Поповска

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото