Европската Унија има што да научи од Југославија

08.12.2018 14:55
Европската Унија има што да научи од Југославија

Стогодишнината од создавањето на југословенската држава ќе биде веројатно изигнорирана во Загреб, а во Белград ќе послужи за реинтерпретација на карактерот на таа заедничка држава. Југославија настанала ненадејно, зашто се распаднала Австро-Унгарија, дури и без некоја посебна волја и, секако, без голема заслуга на Словенците, Хрватите и Србите што живееле на нејзина територија (освен, можеби, заслугата на Гаврило Принцип). Таа не била сосем ‘случајна држава’, ама многумина фатила неподготвени и не знаеле што всушност со неа да прават. Тоа се видело токму во првите години, кога се појавиле многу различни – и меѓусебно спротивставени – концепции на југословенството. Ниедна не преовладала сосема, па сите останале – како што е секогаш случај со компромисите – по малку незадоволни. Прашањето било: ќе градат ли своја политика на тоа незадоволство или ќе ѝ дадат шанса на заедничката држава. Историјата на Југославија е историја на непрекинати обиди за создавање нови компромиси, а не само – како што многумина денес тврдат – историја на постојани судири.

Притоа се испробани многу, вклучувајќи и меѓусебно навидум непомирливи, модели. Брзо се отстапувало од претходните обиди: на пример, со формирањето на Бановина Хрватска 1939, а посебно со претворањето на Југославија во република и федерација, и во социјалистичка земја по 1945. Пред нејзиниот крај еволуирала кон конфедерација. Станувало збор за земја што имала правен континуитет (дури и кога била окупирана, од 1941 до 1945), а повторно, постојано го менувала својот карактер, обидувајќи се да постигне некој компромис меѓу различните визии и интереси. Југославија била и националистички проект за собирање на сите Јужни Словени за да се формира заедничка нација, и инкубатор за јакнење на постоечките ‘стари’ нации, како што биле Србите, Хрватите и Словенците. Сите тие ја искористиле Југославија за да се заштитат, да се обединат и во неа да зајакнат. Истовремено, многумина ја доживувале само како поле за ‘надворешната политика’ на сопствените нации и како некоја привремена ‘меѓународна организација’, која нема изворност и легитимитет сама по себе.

За волја на вистината, околностите од двете светски војни во кои Југословените се бореле едни против други и едни на други си правеле големи злосторства, не оделе во прилог на создавањето на една единствена југословенска нација. Иако како пример го зела обединувањето на Германија и Италија, сеќавањата на Првата светска војна – а потоа и на уште полошата, Втора – во која едните војувале против другите, биле вечна пречка во создавањето на народно единство. Но, не е точно ни дека чувството на заедништво, југословенство и припадност кон Југославија не постоело меѓу нејзините граѓани. Тоа, всушност, со новата генерација – родена по Втората светска војна – јакнело, често и како израз на отпор кон доминантната идеологија, која номинално била антинационалистичка, но во стварноста поттикнувала етничност и јакнеење на посебните нации внатре во Југославија. Југословените постоеле наспроти политичкиот дискурс што не ги признавал, туку на Југославија гледал само како на интересна заедница или поле за борба за надмоќ на Србите, Хрватите и Словенците и другите народи и народности. Југославија погрешила што не направила повеќе за да создаде Југословени. Не направила доволно да создаде југословенски демос: ги фаворизирала, дури и во најголем дел оние етноси од ‘првата’ Југославија. Но, истовремено, сепак направила многу за помирувањето и мирниот живот на Србите и Хрватите, Србите и Албанците, сите народи во Босна и Херцеговина итн. Денешните антијугословени меѓу Србите забораваат дека Косово беше во Србија додека Србија беше во Југославија. А оние меѓу Хрватите забораваат дека единствено во Југославија немало граници помеѓу Хрватите во Хрватска и оние во Босна и Херцеговина, и дека немало граница на Брегана. Денес ја има – и тоа опашана со жица.

Југославија беше неуспешна земја затоа што не ја исполни својата прва задача: да опстане. Меѓутоа, ни повеќето нејзини земји наследнички, а особено трите клучни (Босна и Херцеговина, Србија и Хрватска) не успеаја во тоа, туку се распаднаа со распадот на Југославија. Да немаше меѓународна помош – во воена и во дипломатска смисла – и Хрватска ќе останеше распадната по етничките линии, како што се распадна и Југославија. Исто ќе беше и со Босна и Херцеговина, а можеби и со Македонија. Таму каде што таква помош нема – на пример во Србија (во однос на Косово) и на Косово (во однос на северот на Косово) – на тие држави им се случи тоа што ѝ се случи и на Југославија.

Причини за распадот на Југославија има многу, а најзначајни се домашните. Југославија не успеа да ги победи национализмите, иако долго ги држеше под контрола. Истовремено, на национализмите на своите нации не одговараше со свој, југословенски национализам. Немаше ни свој Би-би-си, ни своја ‘интерна Еразмус’ програма, ниту беше можно некој деклариран Југословен да стане член на Претседателството на СФРЈ. Побргу Србин би можел да биде претседател на СР Хрватска, а Албанец на СФРЈ, отколку што би можел некој Југословен. А и нејзината единствена партија – СКЈ – веќе по смртта на Тито, ако не и претходно, стана сојуз на осум партии што заговараа често различни и спротивставени интереси, при што секоја беше и интерно поделена. ЈНА исто така лесно падна под влијание на растечкиот национализам, па се распадна на повеќе армии, кои многу бргу од најдобрите другари создадоа ‘најдобри непријатели’. Уште побрзо тој процес ги зафати сигурносните служби, кои ја предадоа идејата за Југославија веќе кон средината на осумдесеттите, пред нејзиниот крај. Но, исто така е вистина и дека – и покрај сите тие свои внатрешни проблеми – можеби можеше да се одржи доколку волјата на главните меѓународни актери беше таква. Државите се одржуваат дури и кога нивното население не сака – а тоа не беше случај во Југославија, сѐ додека таквата желба не е создадена со насилство и војна. Веќе пролетта 1990 најголем број Хрвати вели дека сака конфедерација, а Словенците се на таа иста позиција до почетокот на интеретничките судири во Хрватска, во август 1990. Тие што сметаа дека Југославија треба да се растури се свртеа кон војна зашто знаеја дека е тоа единствениот начин да се ‘докаже’ дека таа станала ‘невозможна држава’. Победата на национализмот во Германија – преку нејзиното обединување во октомври 1990 – го промени донекаде гледањето на светот на опстанувањето на Југославија. Тоа беше клучен момент за пресврт.

Земјите што ќе се распаднат тешко или никогаш не се составуваат. Нема смисла денес да се зборува за некаква нова Југославија. Меѓутоа, опстанувањето на Босна и Херцеговина, како и на Македонија и на Црна Гора, денес високо мултиетнички држави, е важно за да се покаже дека национализмот не мора да победи. Демократскиот развој на сите земји наследнички, оној што ги штити малцинствата и ја признава плуралистичноста како предност, а не како пречка, би бил најдобар ‘доказ’ дека можеше – и дека може – и поинаку. Ако тоа не биде можно, ако силите на омразата и на национализмот преовладаат во тие земји, па и во Хрватска и Србија, кои се денес далеку повеќе моноетнички отколку што беа во Југославија, ќе се случат нови деведесетти, а тоа никој разумен не би требало да го посакува.

Новите генерации, родени по Југославија и по војната, имаат шанса за неа да размислуваат трезно, со фактите како темел, а не пропагандата што се обидува да ги антидатира настаните и да го фалсификува нејзиниот карактер. Таа не беше никаква идеална заедница, ама не беше ни непријателка на националниот развој на нејзините етнички народи. Впрочем, Србите и Хрватите ја преживеаја Југославија – а Југословените и многу малцинства – не. Во таа смисла, иако формирана како националистички проект што требало да создаде нова нација, Југославија на својот крај стана послична на претходните империи. И таа, како и тие, заврши со воени судири и етнонационализам, во нестабилност што трае и речиси 30 години по нејзиниот крај. Но, како и империите што по својот карактер биле мултиетнички, таа од оваа перспектива повторно се покажува како алтернатива на национализмот, кој на цела Европа – а не само нам – ни причини немерливо повеќе зло и од империите и од заедничката држава. Европската Унија, затоа, има што да научи од овој случај.

Слики: Зоран Кардула - Yugoslavian World War II Monuments

Извор: portalnovosti.com

 

 

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Графички Дизајн / Став / Уметност
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото