Опачината на германскиот либерализам

25.12.2018 14:20
Опачината на германскиот либерализам

Bordell Deutschland е документарен филм на германскиот режисер Кристијан Паул Страке номиниран за Prix Europa 2018, а прикажан е на Human Rights Film Festival. Документарецот е резултат на интензивното истражување на сексуалната работа, кое режисерот го водел од Темишвар во Романија до Малме во Шведска, само за да ги покаже последиците од легализацијата на проституцијата во Германија.

Филмот е составен од низа интервјуа во кои сексуални работнички, жртви на насилство и трговија со луѓе, психолози и претставници на разни институции ја разгледуваат состојбата на проституцијата во Германија, додека често премногу еротизираните „меѓусцени“ се проследени со нарација на авторот и со ставање на изјавите во поширок контекст. Треба да се спомене и дека филмот е прикажан во доста цензурирана и скратена варијанта од 45 минути, за разлика од двојно подолгата верзија прикажана на германскиот ZDF. Главниот „судир“ во филмот се состои од двата пристапи кон проблемот на сексуалната работа: легализацијата и аболиционизмот. Самиот Страке го започнува филмот како ентузијастичен приврзаник на легализацијата, ама во текот на снимањето го менува мислењето и станува горлив аболиционист, значи, поддржувач на исклучивото казнување на клиентите, кое, и тоа како, е видливо во филмот.

Во Германија во 2002 година е донесен закон за проституција, кој сексуалната работа ја прогласува за услужна дејност. Со тоа на сексуалните работнички им е овозможена работа во борделите, определено им е нивото на заштита од неповолни работни услови, пристапот до социјално осигурување итн. До проблем се доаѓа затоа што таквите едноставни и еднострани решенија без конкретни социјални мерки често имаат несакани последици. Во разгледувањето на опачината на германскиот модел лежи воедно и главната сила на овој филм. Со просто легализирање, без посебни програми за заштита на жените, Германија има изградено легислативна инфраструктура за експлоатација на сексуалните и на мигрантските работнички.

Страке извонредно ги презентира последиците од едноставната легализација на проституцијата. Започнува со општ преглед на ситуацијата во Германија, од позитивните приказни на младата сексуална работничка и прегледите на „понудата“ во разни бордели до воодушевените клиенти. Идиличните средновековни градови на своите туристички страници рекламираат разгледување на историските јадра, но и посета на бордел. Борделите, од своја страна, огласуваат all you can fuck rate цени, gangbang партии или, пак, ориентални вечери, а воодушевен израелски турист раскажува како со години доаѓа на една недела одмор и секс. „Германија е борделот на Европа“, вели Страке, но на прв поглед примамливата либерална утопија во продолжението на филмот се разложува во многу покомплексни и помрачни слоеви.

Легализацијата на проституцијата во голем број од случаите довела до институционализација на вкоренетите злоупотребувачки пракси. Авторот тоа го прикажува преку односот на сопственикот на борделот и сексуалните работнички. Наместо да доведат до подобри работни услови, борделите стануваат платформа преку која сопствениците ги искористуваат проститутките наплаќајќи им висока дневна рента без засновање на работен однос. Сексуалните работнички во тој однос се јавуваат како самовработени. Покрај тоа, борделите во многу случаи служат како параван за тргување со луѓе каде што сводниците доведуваат евтина работна сила од истокот на Европа под превезот на угодниот живот на запад. На пример, бројот на Романки што се занимаваат со проституција е поголем од бројот на Германки и со својата работа ги издржуваат своите семејства дома, кои во спротивно би останале без приходи. Авторот, додуша, пропушта да ја истакне важноста на нееднаквоста на центарот и периферијата на Европа, која доведува до таква состојба, нееднаквоста што Германија добро ја користи во сите економски гранки, па ете така и во проституцијата. Понатаму, ако законот требало да доведе до поголем број осигурани работнички, тогаш и во тоа има потполно потфрлено. Режисерот истакнува дека само 44 проститутки се регистрирани при социјалното осигурување во цела Германија, додека нивниот број се проценува некаде од четиристотини илјади до милион.

Посебно внимание Страке посветува на психолошкото здравје на сексуалните работнички. Во интервју со психологот Ингеборг Краус, специјализирана за проституција, која гостуваше и на HRFF, истакнато е дека многу жени страдаат од дисоцијативни пореметувања. Имено, за да можат да го совладаат гадењето што го чувствуваат кон своите клиенти, мораат да ги умртват своите чувства, што често доведува до вртење кон разни опијати. Краус забележала дека таквите пореметувања се споредливи со последиците што војната ги има на човековата психа. Од таквите факти извираат и причините за горливото залагање на авторот за аболиционизам од нордиски тип.

Страке на гледачот му нуди слика на Шведска како земја што примерно се носи со проституцијата. Додека Германците ја легализирале сексуалната работа, Швеѓаните воведуваат исклучиво казнување на клиентите со цел за потполна елиминација на проституцијата. Ако критиката на едностраната и едноставна легализација е главна одлика на овој документарец, тогаш недоволно истраженото заговарање на нордискиот аболиционистички модел е негова главна мана. Режисерот ја прикажува Шведска како позитивен пример поради неговата наводна ефективност во смалувањето на сексуалната работа. Целиот приказ на шведскиот модел е фаличен, од тоа дека авторот ја истакнува промената на јавното мислење спрема легализацијата на проституцијата како доказ за функционирањето на аболиционизмот, до тоа дека постојат длабоки сомнежи во вистинското смалување на бројот на прекршоци врзани за проституцијата. Притоа, не нуди, ниту разгледува, какво било решение за жените што со криминализацијата на клиентите би останале без работа, на авторот не му паѓа на памет да ја разгледува работата на жените од источна Европа како форма на мигрантска работа што издржува многу семејства. Острата анализа со која му пристапил на германското решение пред крајот на филмот ја затапува острицата.

Bordell Deutschland на крајот на краиштата е проблематичен филм. Иако со ригорозно сецирање и критика на германскиот модел на легализација ја разоткрива мрачната и насилна заднина на европската трговија со луѓе, филмот како да е шокиран од сопствената дијагноза на таквата легализација на западот во апологија на недоволно истраженото аболиционистичко решение. Страке ја пропушта шансата за покомплексно и порадикално разгледување на пошироките општествени и историски услови што доведуваат до експлоатација на сексуалните работнички во корист на повторувањето на евтини и душегрижнички фрази, стојалишта и одлуки на неколку европски чиновници. Тоа се покажува како голема штета за филмот, кој во самобендисаниот германски либерализам и легализам ги открива гнилите темели на кои се изградени.

Извор: kulturpunkt.hr
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото